Свет
(Видео) Насилни протести во Израел откако полицијата уби етиопски еврејски тинејџер
Околу 47 полицајци се повредени, а 60 лица се уапсени по серијата протести низ Израел поради убиството на 18-годишниот етиопски Евреин Соломон Тека, пренесува РТ.
Демонстрантите подигнаа барикади и се судрија со полицијата во северниот град Хаифа во понеделникот и вторникот, по смртта на Тека во Киријат Хаим доцна во неделата.
Толпи етиопски Израелци ги блокираа крстосниците низ целата земја откако еден полицаец, кој не бил на должност, го убил тинејџерот.
Полицаецот вели дека се исплашил за својот живот кога група млади, во која бил и Тека, го нападнале со камења откако се обидел да интервенира во кавга. Полицаецот е ставен во домашен притвор и истрагата за инцидентот е во тек.
„Не е инцидент, тоа е убиство. Не може да убиете човек до неговиот дом и да го наречете тоа инцидент. Што е тоа? Несреќа на работа? Да не го прегазил автомобил?”, изјави братот на Тека, Амир, во интервјуто за „Ал Џезира“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави видеоодговор на насилните судири доцна во вторникот, велејќи дека сите жалат за трагичната смрт на Соломон Тека и го замоли народот да не ги ескалира тензиите.
Етиопската еврејска заедница брои околу 140.000 припадници, вклучувајќи повеќе од 50.000 доселеници. Тие се жалат на системско вознемирување и расизам од формирањето во Израел во 1980-тите и 1990-тите години по бранот Евреи што се доселија во Израел од целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Радев: Украина сè уште има работа пред да се приклучи кон ЕУ, не треба да го заборавиме Западен Балкан
Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна поднесе оставка и најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина, пренесе БГНЕС. бг.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.
Свет
Захарова: Се испостави дека вистинските чудовишта се чувствувале удобно во западното општество
Објавувањето на таканаречените досиеја на Епстин разоткри „одвратно ѓубре“ кое со години измислува митови за Русија за да го одвлече вниманието од своите злосторства, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за руската државна новинска агенција ТАСС.
Захарова потсети на бројните обвинувања што западните земји ги упатија против Русија и тврдеше дека Москва одговорила на нив со „аргументи и факти“.
„Со години тие измислуваат митови за Русија, за наводната закана, за злосторствата што ние, како што тврдеа, наводно ги извршивме на нивна територија. Во меѓувреме, целото ова ѓубре работи со години во нивните заедници, во нивното срце, во најлуксузните населби на Њујорк, Лондон и другите европски престолнини, како и во Соединетите Американски Држави“, рече таа.
Захарова додаде дека, по објавувањето на досиејата на Епстин, „се покажува дека вистинските криминалци, вистинските чудовишта, се чувствувале удобно во западното општество“. „Тие биле вклучени во разни гнасни злосторства: корупција, трговија со луѓе, принудна проституција, нелегално затворање и педофилија, и што и да посакате“, рече Захарова.
Објавувањето документи од страна на Министерството за правда на САД ги откри врските на Епстин со многу истакнати личности во политиката, финансиите, академијата и деловниот свет, и пред и откако се изјасни за виновен во 2008 година за обвиненија за проституција, вклучително и заведување малолетници.
Епстин беше пронајден обесен во неговата затворска ќелија во 2019 година откако беше повторно уапсен по федерални обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници. Неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.
Свет
Лукашенко: Силата на армијата е клучот за иднината на земјата
Белорускиот претседател Александар Лукашенко им го честиташе денес на своите сонародници, ветерани и воен персонал Денот на бранителот на татковината и вооружените сили, соопшти неговиот кабинет.
„Од памтивек, нашата земја ги почитуваше воините кои се бореа да ја бранат во тешки времиња. Тие се жртвуваа себеси, бранејќи ја слободата и независноста на татковината. Тоа беше пред 85 години, за време на темните години на инвазијата на Хитлер. Потоа, со Црвената армија, нашите дедовци и прадедовци ја спасија земјата и народот, кршејќи го грбот на фашистичкиот ѕвер и оставајќи ни наследство од Големата победа“, рече Лукашенко, пренесува Белта.
Лукашенко додаде дека ова мора да се запомни и дека постапките на овие херои мора да се почитуваат, „бидејќи заборавањето води до ситуација каде што сè може да се случи повторно“.

