Свет
(Видео) На паркиралиште во Њу Делхи масовно се кремираат починати од Ковид-19
Додека вториот бран на коронавирус се шири низ Индија, мртви тела се собираат побрзо отколку што работниците можат да ги кремираат.
„Пред пандемијата кремиравме осум до десет лица на ден. Сега кремираме 100 до 120“, вели Џитендер Синг Шaнти, шеф на крематориумот Симапури во источен Њу Делхи.
Тие кремираат толку многу тела што морале да го прошират бизнисот на паркинг, каде десетици работници градат нови платформи за кремирање, пишува Си-ен-ен.
Има толку малку простор, а многу тела, па семејствата треба да земат ливче и да чекаат на ред.
Градоначалникот на Северен Делхи, Џај Пракаш, на почетокот на неделава му напиша писмо на премиерот на Делхи, Арвинд Кејривалу, во кое бара одделот за шумарство да обезбеди трајно снабдување со дрва.
Во меѓувреме, семејствата мораат да плаќаат за дрвата за спалување на телата на нивните блиски.
Кремацијата се смета за важен дел од хинду погребните обреди поради верувањето дека телото мора да биде уништено за душата да премине во реинкарнација.
Барка Дат, колумнистка на „Вашингтон пост“, неделава го згубила својот татко поради коронавирусот.
„Кога го кремиравме, немаше место на теренот за кремирање. Имаше тепачка што изби помеѓу неколку семејства. Мораше да повикаме полиција за да го кремираат татко ми. Сепак, имав поголема среќа од повеќето Индијци“, вели Дат.
Индија извести за најголем дневен број на новозаразени лица – 386.452 нови случаи, додека бројот на смртни случаи од Ковид-19 во последните 24 часа се зголеми за 3.498.
Сепак, медицинските експерти веруваат дека вистинскиот број на лица заразени со Ковид-19 во втората по бројност земја во светот, веројатно е пет до десет пати поголем од официјалните извештаи.
Индија регистрирала околу 77 милиони случаи од крајот на февруари, во период на нагло зголемување на инфекциите во вториот бран на пандемијата, покажуваат статистиките на агенцијата „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

