Свет
(Видео) Неидентификуван објект експлодира на поле со пченка во Полска, локалните куќи оштетени
Неидентификуван предмет паднал и експлодирал во полскиот град Осине, а сега се појавија првите снимки од безбедносните камери.
Во инцидентот нема повредени, неколку куќи се оштетени, а полицијата на самото место пронашла јагленосани остатоци од метал и пластика.
🇵🇱 Na území Lublinského vojvodství došlo k pádu neznámého objektu, který explodoval v okrese Łuków na východě Polska. Podle předběžných informací při incidentu nikdo neutrpěl zranění.
📹 Na sociálních sítích se nyní objevilo video z kamerového systému – záběry pocházejí z polské… pic.twitter.com/LnXHxuV3AO
— neČT24 (@42TCen) August 20, 2025
Според претставникот на локалната полиција, Марчин Јозвик, извештајот стигнал околу 2.20 часот наутро.
„На полето со пченка се пронајдени траги од експлозија на неидентификуван објект. Пронајдени се јагленосани фрагменти со разни големини, расфрлани во радиус од неколку десетици метри“, објасни тој.
Специјализираните служби во моментот ги утврдуваат деталите, а детонацијата била толку моќна што се скршиле прозорците на три блиски куќи.
Како што изјави командантот на противпожарната служба во Луково, Зенон Писиевич, немало потреба од гаснење на пожарот.
Претставници на вооружените сили на Полска објавуваат дека прелиминарната анализа на радарските системи не открила нарушување на воздушниот простор ниту од правецот на Украина ниту од правецот на Белорусија.
Понатаму се наведува дека пронајдените делови, според првите процени, може да припаѓаат на стар мотор со пропелер, објавува RP.pl.
„Во моментот нема опасност, сите се безбедни. Нивото на зрачење е измерено. Понатамошните активности на терен ќе ги водат армијата и Обвинителството. Ќе им ја обезбедиме целата потребна поддршка на жителите“, објавија локалните власти.
Според непотврдени информации од дневниот весник „Жечпосполита“, објектот што експлодирал во Осини би можел да биде беспилотно летало од типот „Шахед 131“ или „136“.
Понатамошната истрага ќе покаже што точно се случило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заменичката на Калас: Европската Унија веќе е во војна со Русија
Европската Унија веќе е во состојба на конфликт со Русија, иако овој конфликт не вклучува директна воена мобилизација на граѓаните и испраќање војници на фронтот, според мислењето на високи функционери на нејзината дипломатска служба.
Како што изјави заменик-шефицата на дипломатската служба на Европската Унија, Белен Мартинез Карбонел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, „факт е дека веќе сме во воена состојба со Русија“.
Сепак, таа нагласи дека овој „воен статус“, како што го гледа Брисел, засега не подразбира класичен вооружен конфликт во кој европските граѓани би биле мобилизирани и испратени на бојните полиња. Според неа, станува збор за поинаква форма на конфронтација што вклучува политички, економски и безбедносен притисок, но не и директни борбени операции на европските армии.
Изјавите од Брисел доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, првенствено поради конфликтот во Украина и санкциите што Европската Унија ги воведе врз Москва, според написите.
Од друга страна, анализираат медиумите, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги отфрла тврдењата дека Москва планира напад врз Европа, нарекувајќи ги бесмислени. Тој истакна дека, според него, западните политичари ја создадоа сегашната криза и продолжуваат со нејзината ескалација со постојани предупредувања и изјави за наводни руски подготовки за војна со Европа.
Свет
Граѓаните на ЕУ загрижени и песимистички настроени, сакаат пообединета и посилна Унија, според последните анкети
Граѓаните на Европската Унија се сè повеќе загрижени за безбедноста поради зголемените геополитички тензии и сакаат Унијата да дејствува обединето и амбициозно, според објавената анкета на Евробарометар.
Повеќето граѓани се загрижени за конфликтите во близина на ЕУ (72 проценти), проследени од тероризмот (67 проценти), сајбер нападите од земји надвор од ЕУ (66), природните катастрофи влошени од климатските промени (66) и неконтролираните миграциски текови (65).
Распространети причини за загриженост се и ризиците поврзани со комуникацијата, како што се дезинформациите (69 проценти), говорот на омраза онлајн и офлајн (68), лажната содржина генерирана од вештачката интелигенција (68), недоволната заштита на податоците (68) и заканите за слободата на изразување (67).
Анкетата, спроведена од 6 до 30 ноември, покажа дека 89 проценти од граѓаните веруваат дека членките на ЕУ треба да бидат пообединети во соочувањето со овие глобални закани, 73 проценти дека на Унијата ѝ се потребни повеќе ресурси за решавање на глобалните предизвици, а 86 проценти сакаат ЕУ да има посилен глас на меѓународната сцена.
„Геополитичките турбуленции имаат големо влијание врз перцепцијата на Европејците, при што мнозинството (52 проценти) велат дека се песимисти за иднината на светот, 39 проценти се песимисти за иднината на ЕУ и 41 процент за иднината на нивната земја. Перспективата изгледа посветла на индивидуално ниво, при што повеќе од три четвртини од Европејците (76 проценти) велат дека се оптимисти за својата и иднината на своето семејство“, соопшти Европскиот парламент.
Две третини од Европејците би сакале ЕУ да игра поголема улога во нивната заштита од глобални кризи и безбедносни ризици.
За да ја зајакне својата позиција во светот, според мислењето на 40 проценти од испитаниците, ЕУ првенствено треба да се фокусира на одбраната и безбедноста, 32 проценти веруваат дека фокусот треба да биде на конкурентноста, економијата и индустријата, а 29 проценти на енергетската независност.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, рече дека геополитичките тензии го обликуваат секојдневното чувство за безбедност на Европејците.
„Граѓаните очекуваат ЕУ да заштитува, да биде подготвена и да дејствува заедно. Токму тоа мора да го обезбеди една посилна и посамостојна Европа. Европа е нашиот најсилен штит“, рече таа.
Според резултатите од есенскиот Евробарометар, на домашен фронт, инфлацијата и трошоците за живот се на врвот на приоритетите со кои треба да се справи Европскиот парламент, за 41 процент од граѓаните, додека економијата и работните места се на прво место за 35 проценти од граѓаните, што е за пет процентни поени повеќе отколку во мај 2025 година.
Иако повеќето испитаници очекуваат нивниот животен стандард да остане стабилен во следните пет години, 28 проценти од нив рекле дека мислат дека ќе се намали, со највисоки проценти во Франција (45 проценти), Белгија и Словачка (40 проценти).
Во однос на основните вредности што најмногу сакаат Европскиот парламент да ги брани во Унијата и низ целиот свет, за мнозинството граѓани на ЕУ, мирот (52 проценти), проследен со демократијата (35), слободата на говорот (23), човековите права (22) и владеењето на правото (21) се на прво место.
Ставовите кон ЕУ и нејзините институции се сè уште позитивни, иако во мал пад во споредба со мајската анкета.
49 проценти од испитаниците имаат поволна слика за ЕУ, или три процентни поени помалку, додека 17 проценти имаат негативна слика.
38 проценти од испитаниците имаат позитивно мислење за Европскиот парламент, исто така три процентни поени помалку, а 20 проценти имаат негативно мислење.
Мнозинството граѓани веруваат дека членството на нивната земја во ЕУ е добра работа – 62 проценти, што е зголемување од два поени од 2024 година.
Младите луѓе на возраст меѓу 15 и 30 години имаат подобра перцепција за ЕУ и ЕП, се пооптимистични за иднината и имаат повисоки очекувања од Унијата.
Во анкетата учествувале повеќе од 26.000 луѓе во сите 27 земји-членки на ЕУ.
Свет
Песков: Арктикот е наш регион, ние сме арктичка држава
Русија е арктичка земја, за разлика од повеќето земји на Европската Унија, и е отворена за соработка на Арктикот, изјави портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков.
„Ова е наш регион. Ние сме арктичка држава, за разлика од огромното мнозинство земји од Европската Унија. Ние сме отворени за соработка и заедничко дејствување“, изјави Песков пред новинарите.
Ако политиката на Европската Унија е фокусирана на соработка на Арктикот, Русија ќе ја поздрави.
„Ако претставниците на Европската Унија имаат на ум нова политика насочена кон меѓународна соработка, тоа може да се поздрави. Ако, од друга страна, мислат на конфронтација, што во моментов е многу модерно во Брисел, тогаш, секако, тешко дека можеме да го поздравиме тоа и тешко дека ќе има некаков позитивен ефект“, рече Песков.
Според него, Русија има големи интереси на Арктикот и ќе ги брани, користејќи го целиот арсенал на меѓународното право.
Порано, Каја Калас, шефица на европската дипломатија, на конференција во Норвешка изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна нова безбедносна политика на Арктикот.

