Свет
(Видео) Нетанјаху обелодени дека постои тајно складиште за оружје на Хезболах
Во своето обраќање до ОН во вторникот израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, обелодени тајно складиште за оружје што му припаѓа на Хезболах во станбена област, во близина на меѓународниот аеродром во Бејрут, предупредувајќи на ризикот од уште една разорна експлозија и го повика либанскиот народ да протестира против терористичката група.
„Сите ја видовме страшната експлозија на пристаништето во Бејрут минатиот месец. Ова е пристаништето во Бејрут. Двесте луѓе загинаа, илјадници луѓе беа повредени и четвртина милион луѓе останаа без домови“, рече тој осврнувајќи се на катастрофалната експлозија на 4 август кога експлодира магацин со речиси 3.000 тони амониумнитрат уништивајќи големи делови од градот.
„Сега еве каде може да се случи следната експлозија. Точно тука. Ова е населбата Јанах во Бејрут. Тоа е веднаш до меѓународниот аеродром. Тука Хезболах има тајно складиште за оружје. И тоа е сместено во станбена населба“, рече тој и ја посочи неговата близина до компанија за гас.
Нетанјаху покажа фотографии од објектот за кој рече дека е фабрика за ракети на Хезболах.
„Им велам на луѓето од Јанах, сега мора да дејствувате. Треба да протестирате за ова. Затоа што ако ова нешто експлодира, тоа ќе биде нова трагедија. Му велам на народот во Либан: Израел не ви мисли лошо. Но, Иран го прави тоа. Иран и Хезболах намерно ве доведоа во сериозна опасност вас и вашите семејства. И треба да ви биде јасно е дека она што тие го прават е неприфатливо. Треба да им кажете: срушете ги овие депоа. Меѓународната заедница мора да инсистира Хезболах да престане да ги користи Либан и либанските цивили како жив штит“, рече Нетанјаху.
Израелските одбранбени сили подоцна објавија информации за две дополнителни складишта за оружје во Бејрут и двете подземни постројки за производство на ракети лоцирани под големи станбени комплекси.
Нетанјаху го пофали претседателот Доналд Трамп што му се спротивстави на Иран.
„Прво и најважно, моите честитики до претседателот Трамп за повлекувањето од погрешниот нуклеарен договор со Иран. Тој нуклеарен договор не го блокира патот на Иран кон бомбата, туку го трасира патот до неа“, рече тој додавајќи дека ограничувањата на договорот за иранската нуклеарна програма се само привремени и не се поврзани со промени во однесувањето на Иран.
„Нема сомнеж дека Иран сака нуклеарно оружје. Некогаш тајната нуклеарна архива, што израелските агенти ја добија од срцето на Техеран, докажува дека нема сомнеж“, продолжи премиерот осврнувајќи се на рацијата на Израел во мај 2018 година во магацин во Техеран, во која оперативците на Мосад изнеле половина тон тајни документи за иранската нуклеарна програма надвор од земјата.
Тој упати остри критики кон Советот за безбедност на ООН дека не направил апсолутно ништо пред кршењето на нуклеарниот договор од Иран.
„Наместо да се спречи агресијата на Иран, нуклеарниот договор ја нахрани и ја финансира“, рече тој.
Hezbollah's sickening and deliberate use of civilians as human shields on full display — PM Netanyahu reveals secret Hezbollah missile depot inside a residential neighborhood in Beirut just meters from a gas station.
— Aaron Klein (@AaronKleinShow) September 29, 2020
„За среќа, претседателот Трамп ја препозна суштината на катастрофалниот нуклеарен договор и дејствуваше. Тој ги врати американските санкции, ги принуди земјите да изберат помеѓу деловна соработка со Америка или деловна соработка со Иран и го отстрани најопасниот терорист во светот, Касем Сулејмани“, рече израелскиот премиер.
Тој продолжи да ги посочува предвремените санкции на САД минатиот месец когас Советот за безбедност одби да го продолжи ембаргото за оружје.
„И Арапите и Израелците бараат строги мерки за Иран. А кога Арапите и Израелците ќе се усогласат, другите треба да обрнат внимание“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА
Свет
Кремљ: Ситуацијата со горивото во Куба е критична
Кремљ објави дека ситуацијата со горивото во Куба е критична и дека американските обиди да ја „задушат“ економијата на островот предизвикуваат бројни тешкотии. Куба претходно презентираше план за рационализација на потрошувачката на гориво и заштита на клучните услуги за справување со продлабочената криза, пишува Ројтерс.
Комунистичката влада на Куба во петокот детално ги изнесе плановите за надминување на кризата, пркосејќи им на напорите на САД да го прекинат снабдувањето со нафта на карипскиот остров. Вашингтон претходно ја прогласи Куба за „невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност на САД.
„Ситуацијата во Куба е навистина критична. Свесни сме за тоа. Одржуваме интензивни контакти со нашите кубански пријатели преку дипломатски и други канали“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Песков го нагласи незадоволството на Москва од американската политика кон Куба. „Тактиките на сузбивање на САД навистина создаваат многу тешкотии за земјата. Разговараме со нашите кубански пријатели за можни начини за решавање на овие проблеми или барем за обезбедување на секаква можна помош“, рече тој.
Неговите коментари беа одговор на прашање во врска со извештаите за недостиг на гориво за авиони и можните последици за руските туристи кои сакаат да ја напуштат Куба, долгогодишен сојузник на Москва. Минатата недела, рускиот амбасадор во Куба, Виктор Коронели, изјави за државната новинска агенција РИА дека Москва постојано ја снабдувала Куба со нафта во последните години и дека ќе продолжи да го прави тоа.
Свет
Макрон претставува нова визија за Европа, Германија и Италија остро се спротивставуваат
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ќе се залага за својата изразито француска визија за економската иднина на Европа на состанокот на европските лидери овој четврток.
Сепак, тој не може да смета на поддршката од Германија и Италија, две земји чии визии за Унијата сè повеќе се совпаѓаат.
Двете земји се скептични кон големите планови на францускиот претседател и собираат поддршка за поинаков пристап, со поголем акцент на слободната трговија и бизнисот, пишува Politico.
Амбицијата на Макрон е да го претвори состанокот на лидерите на ЕУ „во клучен момент“, изјави извор близок до францускиот претседател, кој, како и другите соговорници во овој напис, остана анонимен поради чувствителноста на темата.
Неговиот план, кој им го презентираше на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на претседателот на Советот, Антонио Коста, минатата недела, предвидува Европа со повеќе јавни инвестиции, помала зависност од трговските партнери, поразновидни синџири на снабдување, посилна поддршка за домашната индустрија преку правилата „Купувајте европски производи“ во јавните набавки и помалку бирократија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџија Мелони веројатно нема да се согласат. Во последните недели, тие јасно ставија до знаење дека претпочитаат пристап што би ја поттикнал европската индустрија, но со помалку протекционистички нијанси за да се избегне отуѓување на потенцијалните трговски и инвестициски партнери.
„Мораме повторно да ја направиме нашата економија конкурентна“, им рече Мерц на германските пратеници кон крајот на јануари, истакнувајќи дека Европа заостанува зад САД и Кина повеќе од една деценија. „Сега мора да го смениме овој тренд“.
На плановите на Франција „Произведено во Европа“ уште посилно се спротивставуваат Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Холандија и Шведска. Во заеднички документ објавен пред самитот, тие предупредија дека инсистирањето на европски преференции ризикува „да ги обесхрабри инвестициите од ЕУ“.
Соочен со таков отпор, на Макрон ќе му биде тешко да ја освои новата моќна двојка во Европа, особено имајќи предвид дека во Брисел се смета за претседател во заминување чиј мандат завршува за нешто повеќе од една година. „Во Брисел сте силни колку што сте силни дома“, рече еден дипломат од ЕУ. „Да бев Макрон, ќе бев загрижен за зголемената соработка меѓу Мерц и Мелони“.
фото/Depositphotos

