Свет
(Видео) „Нешто големо се случува во Газа“, вели дописникот на Скај Њуз
Сегашните напади врз Газа се „многу позначајни“ од што било видено во последните неколку недели, вели дописникот на Скај Њуз за Блискиот Исток, Алистер Бункал.
Бункал вели дека засега се знае дека во тек е силно бомбардирање на Газа, а линиите за комуникација се прекинати.
„Прашањето е зошто, и многу е можно тоа да е затоа што вечерва ги прошируваат копнените операции“, вели тој.
„Тоа значи дека, по последните две ноќи кога видовме како израелската армија влегува во Газа на прилично ограничен начин, тоа сугерира дека можеби доаѓа нешто поголемо“, рече тој.
„Дали ова значи дека ќе се случи копнената инвазија што ја ветија сите од премиерот надолу? Можеби“, додава тој.
Бункал вели дека би бил изненаден доколку вечерва се изврши копнена инвазија бидејќи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху молчи, а вчера „многу јасно стави до знаење дека тоа е негова одлука и одлука на воениот кабинет“.
„Она што го гледаме вечерва е од поголема магнитуда отколку што сме виделе во, би рекол, неколку недели“, вели Бункал.
„Ги засиливме нападите, жестоко напаѓаме подземни цели“
Даниел Хагари, портпарол на ИДФ, на прес-конференција рече: „Во последните неколку часа ги зголемивме нашите напади во Газа. Воздухопловните сили силно напаѓаат подземни цели и терористичка инфраструктура, во значителен обем“.
Хамас ги повикува арапските земји: Запрете го масакрот
Хамас, исламистичката организација која го нападна Израел пред три недели и брутално уби 1.400 луѓе, од кои повеќето цивили, вечерва ги повика сите арапски земји и меѓународната заедница да „помогнат да се запрат злосторствата и масакрот на нивниот народ“.
Многу ракети беа истрелани од Газа кон централен Израел. Тоа е веројатно одговор на вечерашното брутално израелско бомбардирање на Газа.
Палестинската мобилна компанија објави дека нејзините телефонски услуги се прекинати поради силните бомбардирања во Појасот Газа.
„Интензивното бомбардирање во последниот час предизвика уништување на сите преостанати меѓународни врски што ја поврзуваат Газа со надворешниот свет“, објави компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

