Свет
(Видео) Полицијата во Венецуела ја врати контролата врз затвор со кој управуваа криминалци
Властите во Венецуела ја вратија контролата над најпознатиот затвор во Венецуела, „Токорон“, кој беше целосно под контрола на криминалци.
Околу 11.000 полицајци и десетици оклопни возила беа распоредени за да ја вратат контролата врз затворот „Токорон“. Затворот сега е целосно испразнет, а речиси 2.500 затвореници се префрлени во други затвори.
Затворот беше контролиран од бандата Трен де Арагуа, која се рашири во Венецуела и најмалку осум други земји од Латинска Америка.
Според истрагата спроведена од венецуелската новинарка Рона Рискез, која беше интервјуирана од АФП, до сега полицијата остануваше надвор, а управата на затворот беше во рацете на банда која изнудуваше затвореници, но нудеше необични услуги, со базен, зоолошка градина, обложување, сали и спортски терени.
Во соопштението за печатот владата на Венецуела ги поздрави успешната операција и апсолутната контрола врз затворот „Токорон“.
Полицијата упадна во затворот околу 7 часот фрлајќи гранати и пукајќи. Операцијата траела дваесетина минути, а официјалниот извештај засега не може да се добие.
Неколкумина од уапсените ја искористиле мешаницата за да избегаат, според полициски извор. Не се знае судбината на водачот на Трен де Арагва, Хектор Гереро Флорес, познат како Нино Гереро, кој служел 17-годишна затворска казна за убиство и трговија со дрога.
Бандата Трен де Арагуа, која наводно има околу 5.000 криминалци, се појавила во 2014 година и се занимава со класичен мафијашки бизнис: киднапирање, грабеж, дрога, проституција, изнуда.
Истражувачкиот центар InSight Crime тврди дека групата е вклучена и во шверц на мигранти, а своето влијание го проширила и на други активности, некои легални, но и на перење злато и илегално рударење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не сакаше да ги коментира тензиите меѓу САД и европските сојузници околу Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека нема јавно да ги коментира тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници поради барањето на американскиот претседател Доналд Трамп — САД да го преземат Гренланд.
„Можете да бидете сигурни дека работам на ова прашање зад сцената, но не можам тоа да го направам јавно“, рече Руте за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека претседателот Трамп и другите лидери се во право кога велат дека Арктикот мора да биде заштитен од руско и кинеско влијание.
„Мораме да сториме повеќе таму. Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание. Работиме на тоа — да обезбедиме колективна одбрана на арктичкиот регион“, изјави Руте.
Регион
Црна Гора ќе затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување кон ЕУ следната недела
Црна Гора би можела да затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување со Европската Унија (ЕУ) следната недела, а тоа е Поглавје 32, финансиски надзор, изјави црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ.
Таа истакна дека поглавјето 32, кое е под надлежност на Министерството за финансии на Црна Гора, било технички подготвено претходната година, но неговото затворање било одложено поради внатрешните процедури на Европската комисија и земјите-членки.
„Од наша страна, беше испратена јасна порака дека ќе ги исполниме сите обврски што се очекуваат на европскиот пат. Од друга страна, Европската комисија очекува посилна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на граничните премини и дополнително зајакнување на судството“, изјави Горчевиќ во изјава за Радио и телевизија на Црна Гора.
Според неа, брзото затворање на Поглавјето 32 би претставувало важен чекор во амбициозниот план на Владата да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година, што би го отворило патот кон полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година.
Црна Гора ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во декември 2008 година, а преговорите за пристапување започнаа во јуни 2012 година, и досега затвори 12 од 35 поглавја.
Во декември, Црна Гора затвори пет поглавја, од кои клучни се оние за јавни набавки, слободно движење на капитал и рурален развој, што беше оценето како пресвртница пред влегувањето во нова фаза од преговорите и трансформирањето на земјата од кандидат во сериозен кандидат за членство. Во последните две години, темпото на преговорите на Црна Гора за членство во ЕУ се забрза, но 2026 година е клучна година во која земјата се соочува со предизвици, особено во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Постои поглавје 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, чие затворање беше блокирано од Хрватска.
Иако Загреб во тоа време изјави дека не ја блокира Црна Гора, веќе постојат „отворени прашања“ што треба да се решат, меѓу кои бродот Јадран, демаркацијата, исчезнатите лица и гонењето на воените злосторства.
Свет
Италијански медиуми: Мелони бара начин да се извлече од мировната иницијатива на Трамп за Газа
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се двоуми дали да го прифати повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во новоформираниот „Одбор за мир“, објави италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Весникот наведува дека Мелони на почетокот го поздравила повикот, но сега се обидува „да се извлече од таа ситуација“. Причината е Членот 11 од италијанскиот Устав, според кој Италија може да биде дел од меѓународни организации што работат за мир, но само врз основа на рамноправност со другите држави — нешто што не се однесува на одборот на Трамп.
Уредникот Симоне Канечиери објаснува дека Одборот што го замислил Трамп наликува на приватна верзија на Обединетите нации, во кој САД имаат водечка улога и каде учеството подразбира „влезна такса“ од една милијарда долари.
Според Канечиери, Трамп сака лично да го реши конфликтот во Газа, но неговата иницијатива сè повеќе наликува на „приватна влада на светот“, каде што членовите и правилата би ги одредувал тој самиот, дури и по напуштањето на Белата куќа.
Повеќе западни сојузници реагирале воздржано на планот, а дипломати предупредуваат дека таков одбор би можел да ја поткопа работата на Обединетите нации.
Според „Ројтерс“, Трамп треба да ја предводи церемонијата за основање на одборот во четврток, за време на Светскиот економски форум во Давос.
Фото: ЕПА

