Свет
(Видео) Полицијата објави снимка од сетот на кој Болдвин ја застрела снимателката
Полицијата објави снимка од сетот на филмот Rust пред и по застрелувањето на Халина Хачинс. Шерифот од Санта Фе, Адан Мендоза, исто така објави фотографии од местото на злосторството и интервјуа со сведоци, меѓу кои и Болдвин. Но, полицијата вели дека одлуката дали да се поднесе кривична пријава ќе зависи од исходот од идната форензичка анализа.
Болдвин ја застрела камерманката Халина Хачинс (42) додека, како што рекол, вежбал со пиштол за кој верувал дека е безбеден. Актерот, кој бил и продуцент на филмот, претходно изјави дека не го повлекол чкрапалото и дека нема поим како вистински куршум завршил на сетот.
На објавената снимка се гледа како полицијата и брзата помош брзаат на местото на настанот. Во други клипови Болдвин е прикажан облечен како каубој, кој вежба со пиштол.
Шерифот Мендоза во изјавата рече дека истрагата за пукањето останува отворена и во тек. Тој посочи дека неколку компоненти на истрагата остануваат нерешени вклучувајќи ги и форензиката за огненото оружје, анализата на отпечатоците од прстите, експертски извештај и анализата на телефонските податоци на Болдвин.
„Кога овие истражни компоненти ќе бидат доставени до канцеларијата на шерифот, ќе можеме да ја завршиме истрагата за да ја пренесеме на окружниот обвинител во Санта Фе“, рече шерифот Мендоза. Според „Њујорк тајмс“, портпаролот на канцеларијата на шерифот на Санте Фе изјавил дека властите одлучиле да ја објават снимката по неколку барања на медиумите и затоа што сакале да покажат кои информации останале нерешени пред случајот да биде проследен до Обвинителството.
Објавата доаѓа една недела откако властите ги осудија продуцентите за кршење на безбедносните протоколи и ги казнија со 136.793 долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп прашан што мисли со објавата „помошта е на пат“ за иранските демонстранти: Ќе мора сами да го сфатите тоа. Жал ми е
Американскиот претседател Доналд Трамп остана мистериозен во врска со можната помош за иранските демонстранти, откако претходно објави на социјалните мрежи дека „помошта е на пат“.
Кога новинарите го прашаа што мисли со објавата, Трамп одговори: „Ќе мора сами да го сфатите тоа. Жал ми е“, пишува „Аксиос“.
Познато е дека администрацијата на Трамп размислува како да изврши притисок врз иранскиот режим по неговото смртоносно задушување на протестите.
Прес-секретарката на Белата куќа, Керолајн Ливит, вчера изјави дека воздушните напади се меѓу „многуте, многуте опции“ што се разгледуваат, но нагласи дека „дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот“.
Свет
26-годишен ирански демонстрант може да биде погубен утре
Ерфан Солтани, еден од илјадниците демонстранти уапсени во Иран минатата недела, се соочува со непосредна егзекуција откако беше осуден на смрт само неколку дена по апсењето минатиот четврток, според извештаите на Би-Би-Си, АФП и Амнести Интернешнл.
26-годишникот беше уапсен во Карај, град на северозападниот раб на Техеран, во екот на протестите и непосредно пред исклучувањето на интернетот. Сервисот на Би-Би-Си разговараше со еден од роднините на Солтани. „За само два дена, судот ја изрече смртната казна и на семејството му беше кажано дека ќе биде егзекутиран во среда“, рече тој.
Амнести Интернешнл предупреди за неговиот случај, изразувајќи загриженост дека иранските власти може „повторно да прибегнат кон кратки судења и произволни егзекуции за да го задушат и одвратат неистомислењето“.
Во меѓувреме, АФП известува дека иранските обвинители објавија дека ќе покренат обвинение против некои демонстранти, кои ги нарекуваат „бунтовници“, за злосторства казниви со смрт.
Според набљудувачите, Иран е земја со најголем број егзекуции во светот, втора по Кина. Норвешката организација „Иран хуман рајтс“ соопшти дека минатата година во Иран биле егзекутирани најмалку 1.500 луѓе.
Свет
Захарова: САД ги користат вештачко поттикнатите немири во Иран како изговор за повторување на нападите врз земјата
Руското Министерство за надворешни работи остро ги критикуваше САД за „заканите за нови воени напади“ врз Иран, а заканата на американскиот претседател Трамп за воведување трговски царини ја нарече „уцена“.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, изјави дека заканите на САД за напади врз Иран се „категорично неприфатливи“. Таа ги предупреди САД да не ги користат немирите во Иран како „изговор“ за повторување на нападите врз земјата, откако американските воздухопловни сили нападнаа три нуклеарни објекти во јуни минатата година.
Според неа, таквата акција би имала „катастрофални последици“ на Блискиот Исток, „како и за глобалната меѓународна безбедност“.
„Исто така, цврсто ги отфрламе бесрамните обиди за уценување на странските партнери на Иран со зголемување на трговските царини“, рече таа, осврнувајќи се на најавата на Трамп за царина од 25 проценти на американскиот увоз за трговските партнери на Иран.
Коментирајќи ги антивладините демонстрации во Иран, таа рече дека „вештачки предизвиканите протести“ се смируваат, што дава надеж за „постепена стабилизација на ситуацијата“.

