Свет
(Видео) Поплави во Бразил, десетици загинати, меѓу кои и деца
Најмалку 19 лица, меѓу кои седум деца, загинаа во лизгање на земјиштето и поплави предизвикани од обилните дождови во бразилската држава Сао Пауло.
Властите информираа дека уште девет лица се повредени, пет се водат за исчезнати, а речиси 500 семејства останале без покрив над главата.
Гувернерот на Сао Пауло, Жоао Дорија, кој вчера ги посети поплавените подрачја, одобри околу 2,8 милиона американски долари за итна помош за загрозените градови.
Countryside Sao Paulo state, #Brazil Flooding in many areas after torrential rains. Footage by Globo TV #Weather #agriculture #sugar pic.twitter.com/SgheEecVWE
— Marcelo Teixeira (@tx_marcelo) January 31, 2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Единствениот преживеан од несреќата на „Ер Индија“ првпат зборуваше за тоа што преживеал
Единствениот преживеан од несреќата на „Ер Индија“ во која загинаа 241 лице изјави дека се чувствува како најсреќниот човек на светот, но, исто така, е во силна физичка и ментална болка. Вишвашкумар Рамеш, чии неверојатни снимки од него како се оддалечува од местото на несреќата на летот за Лондон во Ахмедабад станаа вирални, го опиша своето преживување како „чудо“.
Сепак, тој изгуби сè во несреќата во јуни, вклучително и неговиот помлад брат Аџај, кој седеше само неколку реда подалеку, објави Би-Би-Си. Боингот 787 се урна кратко по полетувањето од западна Индија и се запали. Снимките што станаа вирални во тоа време го покажаа Рамеш како се оддалечува од местото на несреќата, навидум само со мали повреди, со густ чад што се креваше зад него.
Во емотивно интервју за Би-Би-Си њуз, Рамеш рече на својот мајчин гуџаратски јазик: „Јас сум единствениот преживеан. Сè уште не верувам во тоа. Тоа е чудо“. „И јас го загубив и мојот брат. Мојот брат е мојот столб. Тој секогаш ме поддржуваше во последните неколку години“, додаде тој скршено.
Трагедијата, вели тој, му го уништила семејниот живот. „Сега сум сам. Само седам сам во мојата соба, не разговарам со сопругата, со мојот син. Само сакам да бидам сам во мојата куќа“, се довери Рамеш.
Веднаш по несреќата, додека се опоравувал во болница во Индија, тој опишал како успеал да се ослободи и да извлече од остатоците. Таму го посетил индискиот премиер Нарендра Моди. Меѓу загинатите во авионот имало 169 индиски и 52 британски државјани.
Во прелиминарниот извештај на Одделот за истрага на воздушни несреќи на Индија, објавен во јули, се вели дека снабдувањето со гориво до моторите било прекинато само неколку секунди по полетувањето. Истрагата е сè уште во тек.
Ова беше прв пат 39-годишникот да разговара со медиумите откако се врати во својот дом во Лестер, Велика Британија. Опкружен со локалниот водач на заедницата Санџив Пател и портпаролот Рад Зајгер, Рамеш рече дека е премногу болно за него да се сети на деталите од катастрофата и се расплакал неколку пати за време на интервјуто.
„Физички, ментално, исто така и моето семејство, ментално… мајка ми седи пред вратата секој ден во последните четири месеци, не зборувајќи, ништо“, рече тој, опишувајќи ја маката низ која минуваат. „Не разговарам со никој друг. Не сакам да разговарам со никој друг. Не можам многу да зборувам. Мислам дека цела ноќ страдам ментално. Секој ден е болен за целото семејство“, рече тој.
Покрај психолошките, Рамеш трпи и тешки физички последици. Тој избегал од своето седиште – 11А – низ дупка во трупот на авионот, а денес страда од болки во ногата, рамото, коленото и грбот. Поради повредите, тој не може ниту да работи ниту да вози. „Кога одам, не одам правилно, полека, полека, сопругата ми помага“, додаде тој.
Неговите советници велат дека му е дијагностицирано посттрауматско стресно растројство (ПТСН) во Индија, но не добил никаков третман по враќањето дома. Тие го опишуваат како изгубена и скршена личност која има долг пат до закрепнување. Тие тврдат дека авиокомпанијата се однесувала лошо кон него и бараат итен состанок со менаџментот на „Ер Индија“.
„Тие се во криза, ментално, физички, финансиски“, рече Пател. „Тоа го уништи неговото семејство. Кој и да е одговорен на највисоко ниво, треба да биде на терен, да се сретне со жртвите на овој трагичен настан, да ги разбере нивните потреби и да ги слуша.“
„Ер Индија“ му понуди на Рамеш привремена компензација од 21.500 фунти, која тој ја прифати, но неговите советници велат дека тоа не е ни приближно доволно за да ги покрие неговите основни потреби. Риболовниот бизнис на семејството во Индија, кој го водеше со својот брат, оттогаш пропадна.
Портпаролот на семејството, Рад Зајгер, рече дека тие три пати побарале средба со „Ер Индија“, но сите нивни барања биле игнорирани или одбиени. Настапот во медиумите, рече тој, бил нивниот четврти обид да ја контактираат компанијата.
„Ужасно е што мора да седиме тука денес и да го изложуваме на ова“, рече Зајгер. „Луѓето што треба да седат тука денес се раководителите на Ер Индија, луѓето одговорни за обидот да се поправат работите. Ве молиме дојдете и седнете со нас за да можеме заедно да поминеме низ ова и да се обидеме да ублажиме дел од ова страдање.“
Авиокомпанијата, која е во сопственост на групацијата Тата, соопшти дека високи претставници продолжуваат да ги посетуваат семејствата на засегнатите за да изразат сочувство. „До претставниците на г-дин Рамеш е дадена понуда да организираат таков состанок, ние ќе продолжиме да контактираме и многу се надеваме на позитивен одговор“, се вели во соопштението.
Авиокомпанијата потврди за Би-Би-Си дека понудата била дадена пред појавувањата на Рамеш во медиумите.
Свет
Трамп: Деновите на Мадуро се одбројани
Американскиот претседател, Доналд Трамп, верува дека деновите на венецуелскиот претседател Николас Мадуро се одбројани.
Коментарите на Трамп, дадени за време на интервјуто за Си-Би-Ес објавено вчера, доаѓаат во време кога САД ги распоредуваат воените единици на Карибите и извршија повеќекратни напади врз бродови за кои се тврди дека се користат за транспорт на дрога.
На прашањето дали САД би отишле во војна против Венецуела, Трамп рече: „Се сомневам во тоа. Не мислам дека ќе биде така“.
Сепак, кога беше прашан дали деновите на Мадуро како претседател се одбројани, тој одговори: „Би рекол дека се. Мислам дека се, да“.
Мадуро го обвини Вашингтон дека ја користи трговијата со дрога како изговор за „наметнување промена на режимот“ во Каракас за запленување на венецуелската нафта. Во 15 американски напади врз бродови на Карибите и Пацификот, најмалку 65 лица беа убиени.
Зборувајќи од неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида, Трамп рече: „Секој брод што го гледате, а е со дрога, убива 25.000 луѓе и уништува семејства низ целата наша земја“.
На директно прашање дали САД планираат копнени напади, Трамп одби да го исклучи тоа, велејќи: „Нема да ви кажам што ќе правам со Венецуела, без разлика дали ќе го направам тоа или не“.
Свет
Трамп најави дека ќе се вмеша во судењето на Нетанјаху
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес изјави дека ќе се „вмеша“ во судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „за да му помогне малку“, што е продолжение на неговото мешање во судскиот систем и домашната политика на Израел, објавува Аксиос.
Во интервју со новинарката Нора О’Донел, Трамп го опиша Нетанјаху како „многу талентиран човек“ и лидер каков што му е потребен на Израел во време на војна. „Не мислам дека се однесуваат многу добро кон него. Суден е за некои работи и не мислам дека се однесува многу добро кон него“, рече Трамп.
„Ќе се вклучиме за да му помогнеме малку, бидејќи мислам дека е многу неправедно“, додаде тој.
Интервјуто е снимено во петок, 1 ноември, и е емитувано вчера.
Според „Аксиос“, ова не е прв пат Трамп да се меша во правниот случај на Нетанјаху.
Минатиот месец, за време на обраќањето пред израелскиот парламент, Трамп неочекувано го повика претседателот Исак Херцог да го помилува Нетанјаху. „Пури и шампањ, кого по ѓаволите го интересира?“, рече Трамп во тоа време, алудирајќи на наводните нелегални подароци споменати во едно од обвиненијата.
Подоцна им откри на новинарите дека самиот Нетанјаху го замолил да го спомене тоа во својот говор. Трамп, исто така, повика на прекин на судењето во серија објави на социјалната мрежа „Truth Social“ во јуни оваа година.
Нетанјаху е на судење по обвинение за поткуп, измама и кршење на довербата во три одделни случаи.
фото: принтскрин

