Свет
(Видео) Поранешен командант на „Вагнер“, кој пребега во Норвешка, сака да се врати во Русија
Поранешниот командант на руската платеничка група „Вагнер“, кој побара азил во Норвешка по преминувањето на руско-норвешката граница во јануари, изјави во средата дека сака да се врати во Русија иако верува дека тоа може да претставува ризик за неговиот живот, пренесува „Џерусалем пост“.
Андреј Медведев (26), кој претходно зборуваше за времето кога се борел во Украина, во едно од неколкуте видеа објавени на „Јутјуб“ рече дека сам одлучил оти сака да се врати во својата татковина.
Медведев рече дека се почувствувал како „некое момче во игра на возрасните“, од која повеќе не сака да биде дел.
„Неодамна решив дека сум подготвен да се вратам во Руската Федерација. Стапив во контакт со руската амбасада во Осло за помош за да си го олеснам враќањето“, рече Медведев во едно од петте куси видеа.
Тој избегал од Русија преку нејзината арктичка граница со Норвешка во јануари минувајќи низ огради од бодликава жица избегнувајќи ја граничната патрола со кучиња и слушајќи ги руските граничари како пукаат додека трчал низ шума и преку замрзната река.
Неговата приказна се најде на насловните страници во светот како редок пример на некој што пребегнал во западна земја и тврди дека се борел за платеничката група „Вагнер“ во Украина.
Во тоа време Медведев рече дека бара азил во Норвешка бидејќи се плаши за својот живот откако бил сведок на убиствата и на малтретирањето на руските затвореници регрутирани од платеничката група да се борат во Украина.
Во видеото објавено во средата тој вели дека „утре“ ќе ги предаде документите за кои верува дека ќе помогнат да се олесни неговото враќање.
„Се надевав дека тука ќе најдам мир и спокој, дека ќе ги оставам зад себе сета политика, војна, војска, но некако не можев да се снајдам. Ќе видиме што ќе се случи во Русија. Ако ме убијат, во ред. Ако не го сторат тоа, многу благодарам“, рече Медведев на руски јазик.
Медведев во април беше осуден за учество во тепачка во бар во Осло и за носење воздушен пиштол. Тој во тоа време изјави за „Ројтерс“ дека ја планира иднината, студира норвешки јазик и се надева дека ќе добие азил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

