Свет
(Видео) Поранешната премиерка на Бангладеш најави обраќање до нацијата, демонстрантите ја запалија нејзината куќа
Демонстранти во Бангладеш ја вандализираа и ја запалија поранешната семејна куќа на соборениот премиер Шеик Хасина, како и домовите на другите членови на нејзината партија.
Немирите избувнаа по веста дека Хасина ќе ѝ се обрати на нацијата преку социјалните мрежи од Индија, каде што е во егзил по соборувањето во студентските протести минатата година, јавува Би-би-си.
Хасина, 77-годишна политичарка, која го водеше Бангладеш 20 години, се сметаше за автократ, чија влада безмилосно го потиснуваше секое несогласување.
#BREAKING: Bangladesh: Violent mob of students has vandalised the historic home of Bangabandhu Sheikh Mujibur Rahman at Dhanmondi-32 of Dhaka, minutes before an online address of Sheikh Hasina. Protesters demanded ban on Awami League. Massive violence continues at this moment. pic.twitter.com/ABMTTJE8Ud
— Aditya Raj Kaul (@AdityaRajKaul) February 5, 2025
Вчервечер багер ја урна куќата на покојниот татко на Хасина, Шеик Муџибур Рахман, кој е и основач на Бангладеш. Таа зграда беше претворена во музеј. Таткото на Хасина е широко почитуван како херој за независност, но гневот кон ќерка му го извалка неговото наследство меѓу критичарите на Хасина. Во директен пренос на „Фејсбук“, Хасина го осуди нападот и побара правда. „Може да срушат зграда, но не може да ја избришат историјата“, рече таа.
Хасина беше прославена и како икона на продемократското движење, но нејзиниот углед опадна кога дојде на власт. Таа е обвинета за местење избори и затворање критичари, а нејзината администрација нашироко се смета за корумпирана. Против неа се издадени налози за апсење и поради задушување на студентските протести минатата година, во кои животот го загубија стотици луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Републиканец тврди: Досиејата за Епстин се кријат поради врски со Израел
Републиканскиот конгресмен, Томас Масие, изјави дека документите поврзани со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин ѝ се ускратуваат на јавноста поради неговите наводни блиски врски со израелските и американските разузнавачки служби.
Според Масие, причините за блокирање на објавувањето на досиејата лежат и во тоа што тие би можеле да компромитираат влијателни милијардери и политички донатори.
Масие смета дека постои организиран напор да се спречи објавувањето на документите. „Постои настојување ова да се запре и верувам дека ќе се обидат да го запрат и на друго место, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, изјави конгресменот.
Во изминатите години, Масие се позиционираше како еден од почестите републикански критичари на Трамп, јавно разидувајќи се со него по прашања од надворешната политика, извршните овластувања и транспарентноста на власта.
Во последните недели беа објавени нови документи поврзани со врските на Епстин со влијателни личности, во кои Трамп се споменува повеќе илјади пати. Се проценува дека остануваат уште околу два милиона необјавени списи. Опозицијата, критичарите, но и дел од републиканците, изразуваат сомневање дека актуелната администрација го крие целосното објавување на документите и ги цензурира објавените со цел да заштити влијателни личности.
Свет
Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво
Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.
„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.
Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.
Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.
„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.
„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.
Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.
фото/Depositphotos
Регион
Радев со највисок рејтинг во Бугарија, покажува анкета
Новата политичка формација, предводена од досегашниот претседател Румен Радев, би добила 25,6 отсто поддршка доколку изборите се одржат денес, покажува анкета на „Маркет Линкс“, спроведено од 7 до 13 февруари 2026 година на примерок од 1.019 полнолетни испитаници. Истражувањето е реализирано во соработка со „БТВ“.
ГЕРБ–СДС е втора политичка сила со 15,4 отсто, по што следуваат ПП–ДБ со 12,5, ДПС – Нов почеток со 10,5 проценти и „Преродба“ со 4,5 отсто. Под изборниот праг од 4 проценти остануваат неколку помали партии.
Според анализата, новата формација на Радев најголем дел од поддршката ја добива преку прелевање гласови од постојните парламентарни партии, но и од гласачи кои не учествувале на изборите во октомври 2024 година.
Истражувањето покажува дека довербата во Радев по напуштањето на претседателската функција пораснала за 6–7 процентни поени.
Во однос на излезноста, 56 отсто од испитаниците изјавиле дека сигурно би гласале на евентуални предвремени избори, што укажува на можност за повисока мобилизација во споредба со претходните изборни циклуси.

