Свет
(Видео) По договорот за прекин на огнот во Газа, наголемо се шират зборовите на Трамп од пред еден месец: „Ќе има целосен пекол!“
И американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, и новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, ја преземаат заслугата за решавање на кризата во Појасот Газа. Мировниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, игра клучна улога во тековните индиректни разговори меѓу Израел и Движењето на исламскиот отпор во Доха, Катар, откога тие разговори се одолжуваа со месеци.
Трамп не губеше време и веднаш почна да тврди дека тој е иницијатор на договорот. Бајден, пак, нагласи дека договорот е постигнат во прецизните контури на планот што неговата влада го претстави кон крајот на мај.
„Овој епски договор за прекин на огнот можеше да се случи само како резултат на нашата историска победа во ноември бидејќи му сигнализира на целиот свет дека мојата администрација ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигури безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Воодушевен сум што американските и израелските заложници ќе се вратат дома за да се обединат со своите семејства и најблиските“, пренесе „Асошиетед прес“.
Трамп додаде дека неговиот пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, ќе продолжи „тесно да соработува со Израел и американските сојузници за да се осигури дека Газа никогаш повторно нема да стане безбедно засолниште за терористите“.
Бајден, сепак, од Белата куќа рече дека „неговата дипломатија никогаш не престанала да работи за да го постигне тоа“.
„Ова е резултат не само на екстремниот притисок под кој беше под Хамас и на променетата регионална равенка по примирјето во Либан и слабеењето на Иран – туку и на упорната и макотрпна американска дипломатија“, рече Бајден.
Овој натпревар меѓу двајцата претседатели се случува затоа што и двајцата сакаат овој договор да го направи успехот на Блискиот Исток наследство од нивните претседателства. Администрацијата на Бајден со месеци работи на воспоставување мир преку преговори, кои фрустрирачки се доближија до успех само за постојано да пропаднат, пишува „Јутарњи“.
Трамп пред еден месец ги изненади американските кругови и светот, кој ја следи кризата во Газа, со закана за пекол за целиот Блиски Исток доколку заробените луѓе не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари годинава откога претходно вети да ќе донесе мир на Блискиот Исток.
Така тој посочи дека ќе стави крај на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, но не спомена на кој точно начин.
🚨Flashback to Donald Trump just days ago:
“If they (the hostages) are not back by the time I get into office, all hell is gonna break out”.
Today Trump announced the Hostages will be released soon!
BOOM! pic.twitter.com/ZzQStSvaqQ
— Alec Lace (@AlecLace) January 15, 2025
Видео од неговата изјава во која вели „Нема да биде добро за Хамас и, искрено, за никого. Ќе биде апсолутен пекол. Не морам ништо повеќе да кажам, но така ќе биде“ во последните денови стана вирално на социјалните мрежи.
„Претседателот, неговата репутација и она што го рече се двигатели на овие преговори и се надеваме дека сè ќе испадне добро и дека ќе спасиме животи“, рече неговиот пратеник за Блискиот Исток, Виткоф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.
Свет
Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран
Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за заедничките напади на САД и Израел низ Иран.
Целите вклучувале воздухопловната база Ал Удеид во Катар, воздухопловната база Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската поморска флота во Бахреин, според иранската новинска агенција Фарс.
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека ракетите биле насочени кон земјата и биле соборени од катарската воздушна одбрана. Сведоци изјавија дека слушнале експлозии во главниот град на Катар, Доха. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека земјата е „безбедна“, но внимателно ја следи ситуацијата по нападите на САД и Израел врз Иран.
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти Министерството.
Извор рече дека дел од персоналот на американската воздухопловна база во Катар бил евакуиран по нападите на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт беа вклучени сирени за воздушен напад, каде што се слушнале силни експлозии. Во Кувајт се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Во исто време, државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтската армија пресретнала ракети во нејзиниот воздушен простор.
Претходно денеска, иранската државна телевизија официјално објави дека како одговор на заедничките напади на САД и Израел, силите на Техеран извршија ракетен напад врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни експлозии одекнаа и во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Државната агенција на ОАЕ објави дека земјата делумно и привремено го затворила својот воздушен простор.
„Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се вели во соопштението на ОАЕ.
Амбасадата на САД во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведе режим на изолација за сите свои вработени и ги повика сите граѓани на САД на територијата на арапската земја да се самоизолираат до понатамошно известување.
Според медиуми, силни експлозии одекнле и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Сирија затвори дел од својот воздушен простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
САД и Израел почнаа да напаѓаат локалитети низ Иран денеска, вклучително и во главниот град Техеран, бидејќи тензиите меѓу земјите прераснаа во отворен конфликт. Иранските сили, исто така, лансираа бран ракети кон Израел.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.

