Свет
(Видео) Професорка од Флорида му одзела Нинтендо на ученик, а тој брутално ја претепал

Во училиште во Флорида дошло до насилство кога ученик физички нападнал професорка откако на час му одзела видео игра Нинтендо.
На вознемирувачкото видео се гледа 17-годишно момче како трча кон професорката која се врти кон него пред тој насилно да ја собори на подот.
Ученикот, за кој Њујорк пост пишува дека тежи 113 килограми, продолжил да ја удира со нозете веќе онесвестената професорка во средното училиште Матанзас во Палм Коуст.
Уште неколку вработени, кои биле сведоци на овој брутален напад, истрчале да го одвојат ученикот од професорката, која веднаш била пренесена во локалната болница.
Се очекува таа да се опорави од повредите.
„Ученикот тврди дека жртвата го изнервирала кога го земала неговото Нинтендо за време на часовите“, се вели во соопштението на полицијата.
Во извештајот за апсење се вели дека полицајците ја нашле професорката облеана во крв и онесвестена на местото на настанот.
Разбеснетиот ученик кој живее во колективно сместување и викал на полицијата дека ќе ја „убие“ кога ќе се врати на училиште.
Во текот на рочиштето тој повеќепати ја прашувал полицијата кога ќе биде пуштен на слобода, а станал насилен и во станицата кога не добил позитивен одговор.
„Постапките на овој ученик се апсолутно ужасни и неприфатливи“, рече шерифот на округот Волузија, Рик Стејли.
„Се надеваме дека жртвата брзо ќе закрепне од овој инцидент, и физички и психички“, заклучи тој.
Ученикот е предаден на одделението за малолетничка деликвенција,пренесуваат светските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Захарова: Одлуката на Европската Унија е самоубиствена

Портпартолката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја опиша одлуката на Европската Унија (ЕУ) да го намали увозот на руска енергија како „самодеструктивна“, па дури и „самоубиствена“, пренесува Анадолу.
Зборувајќи на прес-конференција во Москва, Захарова рече дека Брисел со години постојано следи деструктивен курс за земјите-членки.
„Верувам дека ова е повеќе како некаков вид самоповредување. Ова е самоубиствено“, рече таа, осврнувајќи се на предлозите во рамките на Европската комисија за забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива.
Таа додаде дека Брисел ја препознал невозможноста за целосна замена на руската енергија само преку пазарни механизми, што довело до директни законодавни дејствија што ги принудиле земјите-членки да престанат да купуваат руски суровини.
„Се чини дека создавачите на Европскиот економски совет тешко можеле да замислат колку далеку ќе оди оваа институција. Основачите замислувале нешто сосема друго, додека денешните лидери се чини дека се рамнодушни кон европската благосостојба“, предупреди Захарова.
Свет
Нетанјаху: Лага е дека Израел го убил Кирк

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли теориите дека Израел е некако поврзан со убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк како „монструозна, голема лага“.
Кирк беше убиен минатата среда за време на настап на Универзитетот во Јута Вали. Тајлер Робинсон е обвинет за убиството. Сепак, бројни теории на заговор се проширија на социјалните медиуми, вклучително и дека израелската служба за надворешно разузнавање Мосад стои зад убиството.
„Јозеф Гебелс, нацистичкиот министер за пропаганда, рече дека колку е поголема лагата, толку побрзо ќе се шири. Некој измислил монструозна голема лага, дека Израел имал некаква врска со ужасното убиство на Чарли Кирк. Ова е лудо, лажно и скандалозно“, рече Нетанјаху.
„Чарли Кирк беше гигант, талент што се појавува еднаш во еден век. Тој ја бранеше слободата, Америка и нашата заедничка јудео-христијанска цивилизација. Чарли го сакаше Израел, го сакаше еврејскиот народ, ми го кажа тоа во писмо што ми го испрати пред само неколку месеци“, додаде тој.
Излегувањето на Нетанјаху дојде откако некои истакнати членови на движењето MAGA (Make America Great Again) рекоа дека Кирк приватно бил многу покритичен кон израелската влада на Нетанјаху отколку што јавно покажал.
Израел се соочува со растечка криза на јавна поддршка како што се интензивира војната во Газа, а членовите на движењето MAGA отворено ги критикуваат израелските тактики. Поранешниот водител Такер Карлсон во својата емисија рече дека Кирк „не го сакал Биби Нетанјаху“ и бил „згрозен“ од она што се случувало во Газа.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Трамп повторно рече дека го решил конфликтот меѓу Албанија и „Абербајџан“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се обрати пред медиумите по средбата со британскиот премиер Кир Стармер.
Тој зборуваше за своите успеси во завршувањето на војните низ целиот свет. Тој повторно рече дека го решил конфликтот меѓу Албанија и „Абербајџан“. Ова е трет пат во последните неколку недели Трамп да ја помеша Албанија со Ерменија.
😂Trump claimed he settled the conflict between “Aber-baijan” and Albania
Well, that’s a new one! pic.twitter.com/hqH7fUhpDr
— NEXTA (@nexta_tv) September 18, 2025
На 8 август, Азербејџан и Ерменија потпишаа мировен договор, постигнат со посредство на САД. Договорот вклучува ексклузивни права на САД за развој на стратешки транзитен коридор низ Јужен Кавказ, за кој Белата куќа тврди дека ќе овозможи поголем извоз на енергија и други ресурси.
„Тие се бореа долго време, 35 години, а сега се пријатели и ќе бидат долго време“, рече Трамп на церемонијата на потпишување во Белата куќа, на која присуствуваа азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Ерменија и Азербејџан се во конфликт од крајот на 1980-тите, кога планинскиот регион Нагорно-Карабах на Азербејџан, претежно населен со етнички Ерменци, се отцепи од Азербејџан со поддршка на Ерменија. Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот во 2023 година, што ги натера речиси сите сто илјади етнички Ерменци од таа територија да избегаат во Ерменија.
Фото: ЕПА