Свет
(Видео) Пукање пред ноќен клуб во Њујорк, најмалку 11 ранети

Најмалку 11 лица се повредени во пукање пред ноќен клуб во Квинс, Њујорк, јавува Си-ен-би-си.
Првичните информации велат дека пукањето се случило во средата околу 23:20 часот по локално време.
Полицијата во Њујорк сè уште не објави детали за инцидентот. Состојбата на повредените не е позната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Најавен пороен дожд во БиХ, на Јабланица повторно и се закануваат разорни поплави

Властите во Јабланица, град во северна Херцеговина, каде што 19 лица загинаа во поплавите и свлечиштата на почетокот на октомври 2024 година, упатија итен повик до надлежните служби да преземат мерки поради можни нови поројни поплави бидејќи се очекуваат обилни врнежи од вечерва.
Според информациите од Федералниот хидрометеоролошки завод, за 11 март е на сила портокалово предупредување поради очекуваните обилни врнежи од дожд, кои би можеле да бидат најизразени во северниот дел на Херцеговина и централниот дел на Босна, кои исто така претрпеа последици по поплавите на почетокот на октомври.
Се очекуваат од 30 до 60 литри дожд на метар квадратен, а на места и до 100 литри, додека налетите од југ би можеле да достигнат и 80 километри на час, се наведува во предупредувањето.
Штабот за цивилна заштита им наложи на сите надлежни служби да ги преземат неопходните мерки за евентуална евакуација на населението во случај на поплави, одрони и наноси од шут.
Локалното комунално претпријатие итно почна со чистење на одводи и шахти.
Во текот на 3-ти и 4-ти октомври минатата година, во Босна и Херцеговина загинаа вкупно 27 лица по поројни поплави и одрони од карпи, а најтешко беше во Јабланица, каде загинаа 19 лица.
Бројни семејни домови и инфраструктура на тоа место се уште не се целосно реновирани.
Многу жители сè уште живеат во привремено сместување, додека некои патишта и комунални системи остануваат оштетени, што дополнително ги зголемува ризиците пред новите врнежи.
Свет
Гренланд чекор поблиску до независност: утре важни избори

Жителите на Гренланд во вторник излегуваат на парламентарни избори, а во фокусот на изборната кампања беше можната независност на најголемиот остров во светот.
Законските прописи за тоа како може да се постигне тоа веќе постојат. Сите главни политички партии на Гренланд ја поддржуваат независноста, така што дебатата главно се однесува на тоа кога, а не дали да се прекинат врските со Данска.
Значи, патот до независноста е веќе трасиран… Членот 19 од данскиот устав и дозволува на владата да отстапи дел од својата територија, под услов да добие одобрение од парламентот.
„Генерално се верува дека би било можно да се откаже дел од земјата или Гренланд да стане независен без уставен амандман и промена на данскиот устав“, вели Фредерик Ваге, професор на Универзитет во Данска.
Актот за самоуправа на Гренланд од 2009 година „во основа го дефинира патоказот за независност“, рече тој.
Во членот 21 од тој закон се вели дека „одлуката за независноста на Гренланд ќе ја донесе народот на Гренланд“. Тогаш данската и гренландската влада мора да се договорат за договор, се вели во извештајот.
Договорот мора да биде одобрен од парламентот на Гренланд, мора да добие поддршка на референдум и да биде склучен со согласност на данскиот парламент.
„Независноста на Гренланд подразбира дека Гренланд ќе има суверенитет над гренландските територии“, се наведува во текстот, според хрватски Индекс.
Данската премиерка Мете Фредериксен повторува дека „Законот за домашно правило јасно кажува дека иднината на Гренланд ќе биде дефинирана од Гренланд и неговите жители“.
Дури и американскиот претседател Доналд Трамп, обраќајќи се во Конгресот на 4 март, призна дека „неверојатниот народ“ на Гренланд има право на самоопределување.
Свет
Северна Кореја лансира балистички ракети

Северна Кореја истрела повеќе неидентификувани балистички ракети од нејзиниот западен брег, соопшти јужнокорејската војска, додека САД и Јужна Кореја ги започнаа годишните заеднички воени вежби.
Ракетите биле истрелани во морето од западниот брег околу 13 часот и 50 минути по локално време, се вели во соопштението на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.
Јужнокорејската војска го зголеми надзорот и будноста, велат тие.
Севернокорејските државни медиуми ги критикуваа годишните заеднички воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја кои започнаа во понеделникот, велејќи дека тие ќе ја влошат ситуацијата на Корејскиот полуостров.
Заедничките воени вежби наречени „Штитот на слободата“ треба да траат до 20 март и имаат за цел зајакнување на подготвеноста за закани како Северна Кореја, соопшти претходно јужнокорејската војска.