Свет
(Видео) Робот изврши операција целосно самостојно слушајќи ги упатствата на хирургот
Роботската хирургија достигна историска пресвртница. Првпат робот изврши операција за отстранување на жолчното кесе целосно сам, слушајќи и реагирајќи на гласовните команди на хирургот. Роботот следеше вербални инструкции откога беше обучен преку видеа од вистински процедури.
„Оваа работа претставува огромен скок напред во однос на претходните обиди бидејќи се справува со некои од фундаменталните пречки за примена на автономни хируршки роботи во реалниот свет“, рече водечкиот автор на студијата, Џи Вунг „Брајан“ Ким.
Обуката на робот да изврши сложена хируршка процедура со десетици чекори е огромен предизвик. Не е доволно само да се знае секое дејство што роботот треба да го преземе, вклучувајќи ги и клучните предупредувања, на пример, како што е – каде скалпелот никогаш не треба да биде. Најтешкиот дел е преведувањето на сите информации во софтверски код. „Тоа е она што го прави целиот процес неверојатно сложен. Како воопшто да го запишете? Како да го претворите во код?“, објасни д-р Матијас Унберат, вонреден професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
„Може ли да научам што да правам гледајќи човек? Ако е така, работите стануваат многу поедноставни“, додава Унберат. Овој пристап се нарекува учење преку имитација и е основа на најновото истражување. Под надзор на колегата на Унберат, професорот Аксел Кригер, тим научници од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ почнаа со обука на системот користејќи видеа од операции за отстранување на жолчното кесе извршени од човечки хирурзи на трупови од свињи.
Тимот на Кригер веќе покажа минатата година дека робот може да научи да ракува со хируршка игла, да крева ткиво и да шие по само неколку секунди обука. Но, отстранувањето на жолчното кесе е многу посложена постапка, која се состои од 17 индивидуални чекори, од препознавање на ткивото до прецизни засеци и поставување спојници знаејќи дека секој од нив носи свои предизвици.
За разлика од претходните автономни роботи, новиот систем, наречен SRT-H (Surgical Robot Transformer-Hierarchy), е нешто сосема друго.
„Како да научите робот да се движи по кој било пат, во какви било услови и да реагира интелигентно на сè што ќе му се најде на патот“, објасни Кригер.
Значи, отстранувањето на жолчното кесе не беше проблем. Откако „гледаше“ видеотуторијал со објаснувања, роботот ја изврши постапката со 100 проценти точност. Иако траеше подолго од човечки хирург, резултатите беа еднакво добри. Успешно ги повтори сите 17 чекори на осум свински жолчни кеси надвор од телото (ex vivo).
Благодарение на можностите за обработка на природен јазик, напојувани од истиот вид машинско учење, како популарниот џет џи-пи-ти, системот реагира во реално време на гласовните команди на хирургот, како што е командата „поместете ја левата рака малку налево“ и учи од повратните информации додека се добиваат. Роботот не попушти дури ни кога истражувачите намерно ја комплицираа задачата, како, на пример, со промена на неговата положба или додавање бои што го менуваа изгледот на ткивото.
„Ова е доказ дека е можно автономно да се извршуваат сложени хируршки процедури. Го потврдивме концептот и покажавме дека имитациското учење може да автоматизира толку сложена процедура со исклучително висока сигурност“, рече Кригер.
„Нашата работа покажува дека моделите со вештачка интелигенција може да станат доволно сигурни за хируршка автономија – нешто што до неодамна изгледаше како далечна иднина, но сега е докажано дека е изводливо“, заклучи Ким.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

