Свет
(Видео) Снимен моментот кога Северна Кореја ги разнесе патиштата што ја поврзуваат со Јужна
Северна Кореја разнесе делови од патот на својата страна од силно милитаризираната граница меѓу двете Кореи, објави началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја, кој сподели и видео од инцидентот.
Околу пладне по локално време разнесени се делови од патот северно од воената демаркациска линија меѓу двете земји, соопшти Здружениот штаб. Јужнокорејската војска ги засили надзорот и подготвеноста за одговор.
Сеул претходно предупреди дека Пјонгјанг планира да разнесе патишта. Тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија кога Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја дека испраќа беспилотни летала над нејзиниот главен град Пјонгјанг.
🇰🇵🇰🇷SEOUL (@CNN) — South Korean military releases new video of North Korea blowing up 2 road / railways that used to connect the Koreas.
CNN Story: https://t.co/VXH8iZVrcd pic.twitter.com/x8wF2JhfS6
— Mike Valerio (@ValerioCNN) October 15, 2024
Северна Кореја во петокот соопшти дека беспилотните летала фрлиле голем број непријателски летоци врз Пјонгјанг, што го смета за политичка и воена провокација што може да доведе до вооружен конфликт.
Портпаролот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја одби да каже дали со наводните беспилотни летала управувала јужнокорејската војска или цивили во понеделникот.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во понеделникот се сретна со претставници на одбраната и безбедноста, а тема на разговорот беше одговорот на „сериозната непријателска провокација, која го наруши суверенитетот на КНДР“, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.
Руското Министерство за надворешни работи вчера ја обвини Јужна Кореја за зголемување на тензиите со соседната земја и повика на дипломатија за воспоставување мир и безбедност на Корејскиот Полуостров.
„Обезбедувањето долгорочен мир и стабилност во подрегионот е можно само преку политички и дипломатски средства. Нема алтернатива, освен ако агресијата не е вистинската цел на Јужна Кореја и нејзиниот поголем сојузник – САД“, изјави портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова.
Русија и Северна Кореја ги зајакнаа дипломатските и воените врски од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Во понеделникот Путин до Думата, долниот дом на рускиот парламент, достави текст за ратификација на договорот за стратешко партнерство со Северна Кореја, објави новинската агенција „Интерфакс“. Во случај на вооружен напад на едната земја другата треба да ѝ укаже воена помош, стои во текстот на договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Свет
Словачка прогласи вонредна состојба поради нафтата – Братислава го обвинува Киев за политички притисок
Словачкиот премиер, Роберт Фицo изјави дека транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) ќе биде пет пати поскап од транспортот преку нафтоводот „Дружба“, преку кој испораките не течеле повеќе од две недели.
По седница на владата, Словачка прогласи вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта и одлучи да ѝ даде на рафинеријата „Словнафт“ 250.000 тони нафта од државните резерви.
Фицо изјави дека транзитната такса преку Хрватска е повеќекратно повисока од онаа што се плаќа за „Дружба“ и предупреди дека ако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе плаќа повисоки цени „само затоа што Зеленски игра некои игри“.
Тој изрази сомнеж дека испораките се прекинати од политички причини и тврди дека, според словачки разузнавачки информации, оштетениот дел од нафтоводот е поправен и дека нафтата може да продолжи да тече без проблеми.
Фицо наведе дека ова го гледа и во контекст на изборите во Унгарија и оцени дека станува збор за огромен притисок врз премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Унгарија одлучи да ги запре испораките на дизел гориво за Украина додека не се обнови транзитот преку „Дружба“. И Унгарија и Словачка се обратиле до Европската комисија за активирање механизам што би им овозможил увоз на руска сурова нафта по морски пат во случај на прекин на цевководните испораки.
Свет
Лавров до САД: Откажете се од плановите за поморска блокада на Куба
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ги повикала САД да се воздржат од воведување целосна поморска блокада на Куба и се заложи за решавање на разликите преку дијалог.
На средба со кубанскиот министер Бруно Родригез Париља, Лавров ја нарече Куба „братска нација“ и порача дека Вашингтон треба да покаже „здрав разум и одговорност“. Тој додаде дека Русија ги отфрла, како што рече, „неоснованите обвинувања“ дека руско-кубанската соработка претставува закана за американските интереси.
Москва соопшти дека прави сè што може за да ѝ помогне на Куба да се справи со американските притисоци околу снабдувањето со нафта, без да наведе детали. Се очекува Родригез да се сретне и со претседателот Владимир Путин.
Во меѓувреме, порталот Аксиос објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио одржал тајни разговори со Раул Гиљермо Родригез Кастро, внук на поранешниот кубански лидер Раул Кастро.
Според Аксиос, разговорите биле опишани како „дискусии за иднината“, а не формални преговори. Ројтерс јавува дека не можел веднаш да го потврди извештајот, а Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар.

