Свет
(Видео) Такер Карлсон: Никој нема да го каже тоа, се води кон атентат на Доналд Трамп
Американскиот новинар и коментатор Такер Карлсон денеска изјави дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можел да биде убиен.
„Почнаа со критики, па протестираа, па го отповикаа. Сега тие подигнуваат обвиненија и ништо од тоа не функционира. Што е следно“, праша Карлсон за време на гостувањето во подкаст.
Тој додаде дека се оди кон атентат на Доналд Трамп.
„Никој нема да го каже тоа, но не знам како не можете да дојдете до тој заклучок“, рече Карлсон.
Минатата недела новинарот објави интервју со Трамп во кое, меѓу другото, директно го праша поранешниот претседател дали мисли дека може да биде убиен.
„Дали сте загрижени дека ќе се обидат да ве убијат? Искрено, зошто не би се обиделе да ве убијат“, праша Карлсон, на што Трамп одговори: „Тие се дивјаци. Тоа се луѓе кои се болни“.
Сите анкети на јавното мислење покажуваат дека Трамп повторно ќе биде кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Денеска ќе се одлучува за притворот за 12 уапсени поради трагедијата во Нови Сад
Сите уапсени поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад денеска ќе бидат сослушани, објави српски Блиц. Како што јавуваат, после тоа судот ќе донесе одлука за евентуален притвор.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад вчера соопшти дека се уапсени и приведени вкупно 12 лица во врска со трагедијата во Нови Сад, кога падна настрешница на железничката станица во Нови Сад, а вкупно 15 лица го загубија животот, додека двајца се тешко повредени.
Меѓу уапсените се Горан Весиќ, до неодамна министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, потоа Анита Димовски, в.д. помошник министер за железници и интермодален транспорт и Јелена Танасковиќ, до неодамна вршител на должноста директор на „Српска железничка инфраструктура“. Горан Весиќ поднесе оставка на 5 ноември, додека Јелена Танасковиќ во средата.
Порталот Република јавува дека меѓу уапсените е и Небојша Шурлан, поранешен директор на „Српската железничка инфраструктура“, кој на оваа функција беше до март годинава, кога поднесе оставка.
Регион
Додик го брани Нетанјаху: Ќе направиме се институциите на БиХ да не ја спроведат оваа одлука
Претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, ја коментираше одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Како што пренесува Кликс.ба, Додик оваа одлука ја нарече целосно неразумна.
„Се испостави дека меѓународниот правосуден систем се користи како политичка алатка. Со обвинувањето на премиерот на Израел, земја која беше нападната од терористичка организација, тој суд дополнително се девалвира“, рече Додик, додавајќи дека ентитетот на чело од него ќе направи се институциите Босна и Херцеговина да не ја спроведат оваа одлука.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант. Како што наведуваат во соопштението, тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на палестинските територии, вклучително и Газа.
Регион
Земјотрес во Босна и Херцеговина, се почувствува и низ цела Хрватска
Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Босна и Херцеговина утрово околу 9:15 часот. Епицентарот на земјотресот бил на 31 километар северозападно од Мостар или 11 километар југозападно од Јабланица, јавува Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
– Наеднаш посилно се тресеше, кратко траеше – пишува човек од Широки Бријег на апликацијата EMSC. Коментари имаше и од југот на Хрватска. Тие наведуваат дека земјотресот бил силно почувствуван на Имотски, Макарска и други места.
– Се почувствува силна бучава и потреси – наведуваат граѓаните на Босна и Херцеговина.