Свет
(Видео) Тројца браќа од угледно американско семејство уапсени за силување десетици жени
Тројца браќа од угледно американско семејство, кое се занимава со недвижности, беа уапсени во средата во Мајами под обвинение за дрогирање, сексуално вознемирување и силување десетици жени во текот на една деценија, објави „Њујорк тајмс“.
Близнаците Алон и Орен Александер (37), како и нивниот брат Тал Александер (38), се обвинети дека заедно со други лица учествувале во сексуална експлоатација, вклучително и дрогирање, сексуална злоупотреба и силување десетици жени, според соопштението за печатот од јужниот округ на Њујорк.
Браќата Александер се обвинети дека ги користеле своето богатство и статусот за да ги нападнат жртвите присилувајќи ги на сексуални односи, продолжува во соопштението за печатот, во кое се повикуваат сите други жртви или сведоци да се јават. Наводните напади се случиле помеѓу 2010 и 2021 година.
Пред две години Тал и Орен Александер беа тема на статија на „Њујорк тајмс“, во која беа опишани нивните професионални успеси, вклучувајќи ја и продажбата на пентхаус од 2.000 квадратни метри на Менхетн за повеќе од 234 милиони долари. Како што пишува американскиот печат, освен во Њујорк, тие продавале и луксузни недвижности на Флорида и во Аспен работејќи со голем број ултрабогати и познати клиенти.
До објавувањето на веста за наводите за сексуална злоупотреба браќата Александер беа редовен дел од џетсетот присуствувајќи на блескави забави во Мајами, Њујорк и на Медитеранот.
Американскиот обвинител Демијан Вилијамс ги објави обвиненијата за време на прес-конференцијата во средата попладне нарекувајќи ги наводните злосторства гнасни.
„Браќата Александер се занимавале со луксузни искуства, патувања и сместување за да привлечат и заведуваат жени на овие настани, а потоа во неколку наврати ги силувале и сексуално ги нападнале жените“, тврди Обвинителството.

Патувањата биле договорани однапред и браќата наводно споделувале фотографии од жените за да се осигурат дека се доволно привлечни. Браќата користеле апликации за запознавање или социјални медиуми за да контактираат со нив или користеле организатори на забави како посредници, се вели во обвинението. Тие се обвинети и за набавка на разни видови дрога, ГХБ, печурки или кокаин за да ги покорат своите жртви пред да ги нападнат.
Обвинителите веруваат дека наводното недолично однесување можеби почнало уште во средно училиште и се надеваат дека ќе се појават повеќе жртви.
„Храброста може да биде заразна“, рече Вилијамс. „Кога едно лице зборува, често ги инспирира другите да го сторат тоа“, додаде тој.
Сузан Нечелес, адвокатка на Орен Александер, во изјавата рече дека нејзиниот клиент е невин и дека ниту тој ниту неговите браќа не извршиле кривично дело.
Тројцата браќа се соочуваат со доживотен затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.
Регион
„Александар стигна до Индија, но се врати – време е да ветувањето да се оствари“, порача грчкиот министер говорејќи за сојузништво со Њу Делхи
Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас, изјави дека Индија станала незаменлив партнер за Европа, потенцирајќи го нејзиното растечко стратешко и економско значење за Европската Унија, а особено за Грција. Говорејќи на Форумот Индија–ЕУ 2026, Дендијас нагласи дека перцепцијата за Индија во Европа со текот на времето значително се променила.
„Во минатото Индија можеби беше сојузник кој беше убаво да се има, но не и неопходен. Денес Индија е неопходна“, оцени грчкиот министер.
Дендијас зборуваше и за Александар Велики. За Грците, како што рече, Индија на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се оствари, пренесе хрватски „Индекс“.
Осврнувајќи се на демографската слика во Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, тој рече дека „се потребни млади луѓе за да се пополни празнината“, и дека индискиот потконтинент, со оглед на неговата демографија, може да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа за, како што рече, „разградување на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна, можеби дури и мала големина. Па сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постоечките механизми на ЕУ, како програмата SAFE, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е за толку кратко време да се воспостават нови производствени линии и да се стартуваат погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу поважно, за што ќе треба време – а тоа е културата. Помладата генерација Европјани сè уште не ја сфаќа потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење за одбраната на она што Европската Унија го создала – простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, рече министерот.
На крајот, Дендијас изјави дека „во целост ја поддржува“ воспоставата на заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.

