Свет
(Видео) Турција го тестира рускиот „С-400“ на американски борбени авиони

Турската војска почна со ново теренско тестирање на своите системи за воздушна одбрана „С-400“ купени од Русија против американски борбени авиони „Ф-16“ и „Ф-4“ во воздухопловната база „Муртед“ во близина на Анкара, објави авијацискиот блог Fighter Jets World, повикувајќи се на разузнавачки информации.
Според порталот, тестирањето почнало на 4 јули, а треба да продолжи до 26 ноември. Турција продолжила со тестирањето и покрај предупредувањата од Вашингтон дека активирањето на „С-400“ може да резултира во нови санкции против Анкара.
Турската влада остана без коментари во врска со тестирањето. Оттаму соопштиле само дека „Ф-16“ и другите авиони на турските воздухопловни сили ќе изведуваат тест-летови на мала и голема надморска височина во близина на Анкара, во рамките на некои проекти спроведени во координација со претседателството на одбранбените индустрии.
Сепак, неавторизирана фотографија покажува американски авион што лета над „Муртед“ додека компонентите „С-400“, вклучувајќи ги и радарите „91N6E“ и „96L6E“ работат на земја.
Познато е дека турската војска почна со тестирање на своите „С-400“ против американските борбени авиони уште во ноември 2019 година, при што TRT World објави снимка од радарите на системот за воздушна одбрана што работат додека авионите прелетуваат.
Обемот на тестирањето не беше веднаш јасен бидејќи Турција планираше да ги стави своите „С-400“ целосно во функција до април годинава, иако беше објавено дека тестирањето се однесува на воспоставување вкрстена компатибилност меѓу платформите за да се избегнат ситуации на пријателски оган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.
Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.
Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.