Свет
(Видео) Успешно завршен првиот лет на најдолгата линија во светот
Првиот лет на најдолгата комерцијална линија од Сингапур до Њујорк, траел цели 17 часа и 52 минути, пред авионот успешно да се приземји, објави Би-би-си.
Авионот на ова патување прелетал над 15.000 километри.
„Сингапур ерлајнс“ ја обнови линијата пет години откако беше укината со образложение дека не е профитабилна.
Авионот на летот SQ22 слетал во 5:29 часот по источно-американско време со 150 патници и 17 членови на екипажот.
Еден од патниците, Џефри Томас, главен уредник на веб-страницата Airlineratings.com, рече дека времето минало брзо и дека не се чувствува како во авион да минал цели 18 часа.
За Би-би-си изјави дека летот минал глатко и без проблеми.
Покрај оваа, други две најдолги авионски линии во светот се помеѓу Перт и Лондон на компанијата „Кантас“ која авионот ја прелетува за 17 часа, како и таа на „Катар ерлајнс“ меѓу Аукленд во Нов Зеланд и Доха, која трае 17 и пол часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Романскиот суд требаше да одлучи дали ќе ги поништи изборите, одлуката е одложена
Врховниот суд на Романија денеска ја одложи за 2 декември одлуката за поништување на резултатите од првиот круг од претседателските избори, откако исходот покрена сомнеж за странско мешање.
Тоа значи дека судот ќе ја соопшти својата одлука ден по парламентарните избори во недела.
Независниот екстремно десничарски политичар Калин Георгеску (62), кој според анкетите го поддржаа помалку од десет отсто од гласачите, победи во првиот круг и обезбеди место во вториот на 8 декември. Неговата победа може да ја разниша романската политика и да ја доведе во прашање прозападната насока на земјата.
Романските власти соопштија дека имаат докази за вмешаност на непријателски актери во изборната кампања, а Врховниот суд во четвртокот нареди пребројување на 9,46 милиони гласачки ливчиња и објави дека ќе го разгледа барањето на поразениот конзервативен кандидат за поништување на првиот круг.
Неизвесноста предизвика политички хаос и конфузија додека земјата со 19 милиони жители се подготвува за парламентарните избори в недела на кои се очекува десницата да расте.
Свет
Шарл Мишел повеќе не е шеф на Европскиот совет
Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста, силно се залага за единството на Европската унија и истовремено за зачувување на нејзината различност.
„Само заедно можеме да обезбедиме стабилност, безбедност и мир на нашиот континент“, рече Коста на церемонијата на предавање.
Актуелниот претседател на Европскиот совет, белгискиот либерал Шарл Мишел, му ги предаде должностите на португалскиот социјалист Антонио Коста, кој во недела на 1 декември официјално ја презема функцијата претседател на Европскиот совет. Мишел на Коста му го врачи ѕвоното со кое претседателот на Европскиот совет го означува почетокот на состанокот на самитот на лидерите на земјите-членки.
„Само заедно можеме да постигнеме гласот на Европа да се слушне на меѓународната сцена, бидејќи единството е крвотокот на Европската унија, но не смееме да ги игнорираме нашите разлики во мислењата или да ги третираме како проблем“, рече Коста.
„Таа разновидност е совршено природна, таа нè збогатува и ја претставува силата на Европа“, рече Коста, кој се покажа како вешт политичар, одржува деликатна рамнотежа меѓу партнерите и има репутација на успешен градител на консензус, особина неопходна. за функцијата претседател на Европскиот совет.
Европскиот совет е најважното политичко тело на ЕУ, кое ги собира шефовите на држави или влади, ги одредува стратешките правци и политиките на Унијата и кои одлуки се носат со консензус.
Должноста на претседателот на Европскиот совет беше воведена со Договорот од Лисабон, кој стапи на сила на 1 декември 2009 година.
Мандатот на претседателот на Европскиот совет трае две и пол години, може да се обнови еднаш, што беше случај со сите претседатели на Европскиот совет до сега, сите отслужија два мандата, вкупно пет години, што се совпаѓа со мандатот на Комисијата и на Европскиот парламент.
Коста, 63-годишен социјалист, беше премиер на Португалија од 2015 до 2024 година, министер во неколку влади, градоначалник на Лисабон, член на Европскиот парламент.
Коста беше избран за претседател на Европскиот совет во јуни годинава, а пред да ја преземе функцијата ги посети сите главни градови, освен Букурешт и Софија, а разговараше и со лидерите на земјите-членки.
„Се чувствувам сигурен откако разговарав со европските лидери во последните неколку недели, кои имаат чувство на итност и се фокусирани на колективна акција инспирирана од креативноста и прагматизмот“, рече Коста.
Коста во својот говор истакна дека Европската унија се заснова на вредности – човечко достоинство, слобода, владеење на правото, демократија и еднаквост – и дека нејзината цел е да обезбеди мир и просперитет.
Зборувајќи за војната што трае повеќе од илјада дена на европско тло кога Русија ја нападна Украина, Коста рече дека „сите копнееме по мир“.
„Но, мирот не може да значи мир на гробишта, не може да значи капитулација, мирот не смее да ја награди агресијата. Мирот во Украина мора да биде праведен и траен и заснован на меѓународното право, кое го вклучува правото на народите на самоопределување, правото на народите сами да си ја изберат иднината и почитувањето на територијалниот интегритет и државните граници“, рече Коста.
Тој додаде дека ЕУ мора да биде посилна, поефикасна, поотпорна со поголема автономија во областа на безбедноста и одбраната, додека постојано работи на трансатлантското партнерство.
Тој нагласи дека проширувањето кон Западен Балкан и источните соседи е „моќна алатка за мир, безбедност и просперитет и геополитички императив“, нагласувајќи дека и ЕУ и земјите кандидати мора да работат понапорно и побрзо без вештачки рокови, но и без непотребни пречки.
Коста му се заблагодари на претседателот во заминување Шарл Мишел, велејќи дека „Европа му должи сè“.
Петте години на Мишел на чело на Европскиот совет беа обележани со затегнати односи и конкуренција од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Мишел ја напушта таа позиција со далеку помал рејтинг од неговите претходници Херман Ван Ромпуј и Доналд Туск.
Коста е првиот шеф на европска институција кој нема европско потекло. Неговиот дедо е од индиската држава Гоа, која некогаш била португалска колонија, а неговата баба по татко има француско-мозамбичко потекло.
Мозамбик исто така бил португалска колонија. Коста има т.н „Задгранично државјанство на Индија“, што е форма на дозвола за постојан престој и работа во Индија врз основа на индиско потекло.
Свет
Велика Британија направи клучен чекор кон легализирање на евтаназијата
Британскиот Парламент денеска гласаше за легализирање на потпомогнатото самоубиство, отворајќи го патот за понатамошна дебата на тема која ја подели земјата и ги доведе во прашање стандардите на палијативната нега.
По вжештената дебата во Долниот дом на британскиот парламент, 330 претставници гласаа за законот, а 275 од нив беа против.
Според законот, на голем број луѓе во Англија и Велс, на кои лекарите им процениле дека имаат уште шест месеци живот или помалку, ќе им биде дозволено да изберат да го завршат својот живот со медицинска помош.
Поддржувачите на законот тврдат дека станува збор за скратување на животот на неизлечиво болните, на кои на тој начин им се дава поголема контрола.
Но, противниците велат дека ранливите болни луѓе можеби ќе сакаат да го завршат својот живот од страв дека инаку ќе бидат товар за нивните семејства и општество, а не за своја корист.
Други рекоа дека немало доволно време да се разгледа законот пред гласањето.
Првичното одобрување на законот во парламентот ќе започне повеќемесечна дебата, а самиот текст би можел да се промени како што ќе премине од долниот дом во горниот дом на парламентот.
Ким Лидбитер, лабуристичката пратеничка која го претстави предлог-законот, рече дека очекува процесот да потрае дополнителни шест месеци.
Предлог-законот предизвика национална дебата во Велика Британија, во која беа вклучени поранешни премиери, верски лидери, болничари, судии, лица со посебни потреби и министри во лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Британци го поддржуваат потпомогнатото самоубиство. Лидбитер рече дека законот треба да одговори на јавното мислење.