Свет
(Видео) Федералните агенти застрелаа две лица во Портланд
Федерални агенти застрелаа две лица за време на сообраќајна контрола во Портланд, Орегон, вчера. Инцидентот се случи само еден ден откако фаталното пукање во Минеаполис, во кое беше вклучен и федерален агент, предизвика јавен бес поради строгите имиграциски политики на администрацијата на Трамп.
Портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека агентите на американската гранична патрола вршеле „целна контрола на возилата“ и дека еден од нив отворил оган откако возачот се обидел да ги прегази.
Портпаролката, Триша Меклафлин, ја опиша целта како нелегален имигрант и член на бандата Трен де Арагва, криминална организација со корени во венецуелските затвори, која често ја споменува американскиот претседател Трамп. Сепак, таа не даде никакви директни докази за да ги поткрепи тврдењата.
Локалната полиција не знае речиси ништо
Шефот на полицијата на Портланд, Боб Деј, изјави на прес-конференција дека нема информации за идентитетот на двете застрелани лица, маж и жена. Тој нагласи дека федералните службеници вклучени во пукањето повеќе не биле на местото на настанот кога пристигнала локалната полиција.
Полицијата била известена за инцидентот дури кога повредениот маж се јавил на 911. Коментарите на шефот укажале на ограничена соработка меѓу федералните и локалните власти. „Не знаеме дали станува збор за инцидент поврзан со имиграцијата“, рече тој. „Не знаеме кои федерални агенции биле вклучени“. Тој додаде дека ФБИ ќе ја води истрагата.
Жртвите пронајдени на километри оддалеченост
Пукањето се случило околу 14:15 часот по локално време во населбата Хејзелвуд. Возачот избегал од местото на настанот по пукањето, а полицијата ги пронашла жртвите со прострелни рани на повеќе од три километри оддалеченост. Според снимките од итната помош, болничарите ги опишале двете жртви како луѓе што зборуваат шпански.
Жената имала прострелна рана во градите, додека мажот наводно имал две прострелни рани. Нивната состојба сè уште не е позната. Теди Џеј, 20, жител на блискиот станбен комплекс, рекол дека верувал дека застреланите луѓе живееле во неговата зграда. „Седев во мојата куќа и одеднаш слушнав целосен хаос. Многу полициски сирени“, рекол тој, додавајќи дека подоцна видел крвав отпечаток на тротоарот и болничари кои укажуваат помош на две лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за апсењето на Ендрју: „Мислам дека тоа е срамота, многу е тажно“
Американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, оценувајќи дека станува збор за срамота за британското кралско семејство.
„Мислам дека тоа е срамота. Многу е тажно. Тоа е толку лошо за кралското семејство. Навистина ми е многу, многу тажно“, изјави Трамп.
Тој изрази жалење и за последиците што случајот може да ги има врз кралот Чарлс III, за кого рече дека е фантастичен човек и дека наскоро треба да ги посети САД.
На прашање дали слични апсења може да се случат и во САД, Трамп избегна директен одговор и повтори дека е целосно ослободен од каква било вина поврзана со случајот на Џефри Епстин.
„Јас сум на некој начин експерт за тоа бидејќи сум целосно ослободен од обвиненијата“, рече Трамп, додавајќи дека аферата била искористена за да му се нанесе политичка штета.
Свет
Поранешниот принц, Ендрју, пуштен од полициски притвор, но и натаму под истрага
Ендрју Маунтбатен-Виндзор е ослободен од полициски притвор по неговото апсење под сомнение за злоупотреба на јавната функција.
Поранешниот принц беше приведен од полицајците за време на рација во 8 часот наутро во неговиот нов дом во Вуд Фарм, на имотот Сандрингем, објави „Дејли Меил“.
Полицијата појасни дека истрагата против Ендрју е во тек, иако тој е ослободен.
Поранешниот војвода од Јорк беше уапсен во врска со наводите дека му пренел чувствителни информации на осудениот финансиер и педофил, Џефри Епстин додека дејствувал како трговски претставник на британската влада.
Братот на Ендрју, кралот Чарлс III, не бил однапред предупреден за апсењето, се дозна денес. Тој изјави дека „законот мора да се почитува“ и повика на „фер судење“.
Свет
(Видео) Трамп за претседателот на Парагвај: Млад и згоден, но јас сакам жени
Денеска беше одржан првиот состанок на Одборот за мир на Доналд Трамп, на кој говореше и американскиот претседател. Покрај заканите упатени до Иран и планот за Газа, тој го коментираше и физичкиот изглед на 47-годишниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења.
„Млад, згоден човек. Секогаш е убаво да се биде млад и згоден. Тоа не значи дека мора да го сакаме. Не сакам млади, згодни мажи. Сакам жени. Мажите воопшто не ме интересираат“, рече Трамп.
Trump: Young, handsome guy. Always nice to be young and handsome. Doesn’t mean we have to like you. I don’t like young, handsome men. Women I like. Men I don’t have any interest. pic.twitter.com/E7P1qhExyp
— Acyn (@Acyn) February 19, 2026
За време на основачкиот состанок во Вашингтон, Трамп испрати и порака до Иран дека мора да постигне „суштински договор“ за запирање на својата нуклеарна програма или, како што рече, „ќе се случат лоши работи“.
Тој додаде дека други земји веќе придонеле со повеќе од седум милијарди долари за помош за Газа во рамки на иницијативата на Одборот за мир.

