Свет
(Видео) Шоуто на Џими Кимел отстрането од програмата поради коментари за Чарли Кирк: „Ова е опасна репресија“
Еј-би-си го отстрани водителот на ток-шоуто Џими Кимел од својата програма откако даде коментари за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк.
„Емисијата „Џими Кимел во живо“ е суспендирана на неодредено време“, изјави портпаролот на мрежата во сопственост на Дизни. Кимел не сакаше да коментира за одлуката додека го напушташе студиото во Лос Анџелес.
Кирк, истакнат конзервативен активист и коментатор, беше застрелан и убиен на 10 септември во Аризона, а 22-годишниот Тајлер Робинсон е обвинет за убиство од прв степен.
Кимел во монолог во понеделник вечерта рече дека „екипата на MAGA очајно се обидува да го прикаже ова дете кое го уби Чарли Кирк како ништо друго освен едно од нив и да извлече политички поени од тоа“.
Водителот го критикуваше спуштањето на знамињата на половина копје во чест на Кирк и се потсмеваше на реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп: „Ова не е начинот на кој возрасен човек тагува за некого кого го нарекува пријател. Ова е начинот на кој четиригодишно дете тагува за златна рипка“. Сепак, истиот ден, Кимел го осуди нападот на Инстаграм и изрази сочувство до семејството на Кирк.
Трамп: Одлични вести за Америка
Откако Еј-би-си ја објави одлуката, претседателот Трамп го поздрави прекинот: „Шоуто на Џими Кимел, кое имаше проблеми со рејтингот, е откажано. Честитки до Еј-би-си што конечно имаше храброст да го направи она што требаше да се направи.“

Трамп ги нападна и водителите Џими Фалон и Сет Мејерс, нарекувајќи ги „губитници од лажната телевизија Ен-би-си“.
Трамп и Кимел разменија навреди и претходно. На минатогодишните Оскари, Кимел ја прочита негативната рецензија на Трамп за неговиот настап на сцената.
„Опасна репресија“
Коментарите на Кимел предизвикаа и реакција кај Федералната комисија за комуникации (FCC). Комесарот Брендан Кар, назначен од Трамп, рече дека Кимел го покажал „најдоброто можно лице на болеста“ и го повика Дизни да реагира.
„Емитувањето доаѓа со обврска од јавен интерес“, рече Кар. Тој рече дека извинувањето би бил „минималниот и најразумен чекор“.
Членката на демократската FCC, Ана Гомез, ги критикуваше коментарите на Кар, велејќи: „Неоправданото политичко насилство на пореметена личност никогаш не треба да биде изговор за цензура“.
Синдикатот на писатели WGA и синдикатот на актери SAG-AFTRA ја осудија одлуката на Еј-би-си, нарекувајќи ја кршење на слободата на говорот и „опасна репресија“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамп: Можеби пријателски ќе ја преземеме Куба
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно „ријателско преземање на Куба, пренесе Ројтерс. Тој рече дека американскиот државен секретар Марко Рубио веќе се занимава со тоа прашање на многу високо ниво.
„Кубанската влада разговара со нас и се во големи проблеми. Немаат пари, немаат ништо сега, но разговараат со нас и можеби ќе имаме пријателско преземање на Куба“, изјави Трамп.
Trump: “We could very well end up having a friendly takeover of Cuba.” pic.twitter.com/QTeif4zCiE
— Conflict Alarm (@ConflictAlarm) February 27, 2026
Кубанската економија е во длабока криза, која дополнително се влоши по прекинот на испораките на нафта од Венецуела. Американското ембарго кон Куба беше дополнително заострено, а Трамп се закани со царини за секоја земја што ќе испраќа нафта на островот.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Во тешка трамвајска несреќа во Милано загина едно лице, а 39 се повредени, од кои некои потешко, јави Би-Би-Си.
Несреќата се случила околу 16 часот на улицата „Виторио Венето“, во северниот дел на градот, кога трамвај излетал од шините и удрил во зграда. Според првичните информации, жртвата е пешак, додека најголем дел од повредените се патници во возилото.
На местото на настанот интервенирале повеќе екипи на итната помош и цивилната заштита, а поставен е и шатор за згрижување на повредените. Има информации дека дел од луѓето биле заробени во оштетениот трамвај.
Сведоци изјавиле дека непосредно пред несреќата се слушнала силна бучава, по што трамвајот забрзал и удрил во објект. Еден од патниците изјавил дека помислил оти станува збор за земјотрес.
Причините за несреќата засега не се познати, а според медиумите, можно е возилото пребрзо да влегло во остра кривина. На местото на настанот пристигнал и градоначалникот на Милано.

