Свет
(Видео) Јужнокорејскиот претседател пристигна на третиот самит со севернокорејскиот лидер во Пјонгјанг

Јужнокорејскиот претседател, Мун Џае-ин, пристигна во Пјонгјанг на третиот состанок оваа година со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун.
На меѓународниот аеродром Сунан во Пјонгјанг Мун Џе-ин беше пречекан од Ким Џонг-ун, како и од илјадници Севернокорејци, построени во тесни редови и облечени во црни костуми.
Двајцата лидери се насмевнаа и се прегрна на пистата на Меѓународниот аеродром во Сунан, додека илјадници Севернокорејци мавтаа со букети од вештачко цвеќе, севернокорејски знамиња и бело-сини знамиња со мапа која симболизира обединет корејски полуостров.
Церемонијата траеше околу 15 минути.
Ова е првпат Ким да ги пречека гостите на аеродромот откако младиот лидер на Северна Кореја ја презеде власта во 2011 година, според официјалните претставници на Јужна Кореја.
Лидерите на двете Кореи денеска и утре ќе одржат по една средба. Мун ќе се обиде да го подготви теренот за разговорите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон за да даде импулс на „нуклеарната дипломатија“. Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, ќе ја позиционира денуклеаризацијата како главна тема во агендата на средбата со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун.
Поради недостигот на напредок по неодамнешните преговори, раководителот на Кабинетот на јужнокорејскиот претседател, Им Јонг-сеок, е претпазлив во поглед на зголемените очекувања од тридневниот самит во Пјонгјанг.
„Не можеме да предвидиме колку ќе биде успешен резултатот“, рече Им.
Годинава имаше две средби меѓу двајцата лидери, но и двете беа одржани во пограничното село Панминџон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.