Свет
Виетнам и Кина ги зајакнуваат врските, потпишаа 10 договори
Виетнам и Кина потпишаа 10 договори кои се движат од земјоделска соработка до прекугранични плаќања со QR код за време на тридневната посета на кинескиот премиер Ли Чијанг на Ханој, додека двете соседни земји се обидуваат да ги зајакнат врските.
Кина е најголемиот трговски партнер на Виетнам и клучен увозник на неговите производи, а нивната билатерална трговија скокна за 21 отсто во првите три квартали во споредба со истиот период минатата година на 148 милијарди долари.
Церемонијата на потпишување уследи по средбата на Ли со виетнамскиот премиер Фам Мин Чин. Ли и шефот на Комунистичката партија на Виетнам, претседателот То Лам, се договорија во саботата да ги зајакнат економските врски и соработката во производството на земјоделски производи.
Виетнамскиот премиер Фам Мин Чин побара од Кина да ја зајакне земјоделската трговија со Виетнам, да ја отвори вратата за виетнамските земјоделски производи и да го подобри граничното царинење, објави државната Виетнамска телевизија (ВТВ).
„Виетнамскиот премиер исто така предложи двете земји да соработуваат за имплементација на потпишаните документи за железничко поврзување, ефективен развој на модерни железници“, објави ВТВ.
Двата азиски соседи изразија интерес за зајакнување на железничките врски, но не објавија конкретни планови. Главната рута се потпира на шините што го поврзуваат Кунминг во јужната кинеска провинција Јунан со Ханој и виетнамскиот пристанишен град Хаифонг.
Оваа пруга е изградена од Французите за време на колонизацијата на Виетнам пред повеќе од еден век и сè уште е во употреба во Виетнам. Кина ја замени својата рута со брзи врски.
Во саботата, виетнамската National Payment Corp и кинеската UnionPay International потпишаа договор за воведување прекугранични плаќања меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

