Свет
Воз излета од шини во Австрија, повредени 28 патници

Патнички воз излета од шини во близина на австрискиот град Санкт Пелтен, при што две лица се потешко повредени, додека 26 патници се здобиле со полесни повреди.
Возот со два вагона, во кои имало 80 патници, излетал од шините на станицата која се наоѓа западно од Виена. Третиот вагон останал на шините. На местото на несреќата се наоѓаат голем број возила на брза помош и им се укажува помош на полесно повредените.
Франц Респергер, портпарол на противпожарната служба во провинцијата Долна Австрија, изјави за австриската новинска агенција дека несреќата се случила околу 7 часот.
Нема информации за причините за несреќата. Возот му припаѓа на Маријазелербан, локална железничка пруга, и патувал кон Сент Пелтен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: ЕУ е создадена за да ги измами САД, воведувам царини од 25 проценти

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одлучил да воведе царини од 25 отсто за увозот од Европската унија, пишува Фајненшл тајмс. Тој остро го критикуваше блокот, велејќи дека ЕУ е „формирана за да ги измами САД“. „Донесовме одлука и наскоро ќе ја објавиме. Ќе биде 25 проценти“, рече американскиот претседател за време на состанокот на владата.
„Европската унија е создадена за да ги измами САД, тоа е нејзината главна цел и морам да признаам дека тие беа многу успешни во тоа“, рече Трамп за време на неговиот прв состанок на кабинетот во Белата куќа. Трамп зборуваше за неговите планови да воведе царини од 25 отсто за увоз на автомобили и други стоки од Европската унија. Тој посочи дека му пречи трговскиот суфицит на ЕУ со САД, тврдејќи дека тоа е неправедно искористување на американскиот пазар.
„Царините ќе бидат 25%, општо земено, и ќе бидат на автомобили и сите други производи“, рече Трамп.
„Европската унија навистина не искористува“, додаде Трамп. „Тие не ги прифаќаат нашите автомобили, во основа не ги сакаат нашите земјоделски производи. Тие секогаш наоѓаат некоја причина зошто да не, додека ние ги прифаќаме сите нивни производи без проблем“, додаде тој.
И покрај острите критики, Трамп нагласи дека ги сака европските земји.
„На некој начин доаѓам од таму, многу одамна, иако можеби индиректно, всушност, сосема директно, затоа што ги сакам земјите од Европа“, изјави тој. Мајката на Трамп е родена во Шкотска, додека неговиот дедо емигрирал во САД од Германија.
Тој додаде дека ги сака „сите земји“, но потоа веднаш двапати повтори дека Европската унија е основана за да ги „излаже“ САД. На прашањето што ќе се случи доколку ЕУ возврати со сопствени царини, Трамп одговори: „Не можат да го направат тоа. Можат да се обидат, но нема да успеат“.
„Можат да се обидам, но бројките се на наша страна. Ние сме она што сите го сакаат, ние сме „златната кокошка“.
Трамп беше прашан од новинарите дали сè уште планира да воведе царини за Мексико и Канада. „Не, нема да се откажам од царините“, одговори Трамп.
Кога еден новинар му посочи дека миграцијата од Мексико е намалена за цели 90% во споредба со декември 2023 година, Трамп рече: „Да, тоа е точно, но тоа е и заслуга за нашите политики“.
Тој посочи дека „штетата е веќе направена“ поради неправедните трговски договори од минатото и нелегалниот шверц на дрога што однесе многу животи во САД. „На 2 април тарифите стапуваат на сила“, објави Трамп. „Нема сите да бидат претставени одеднаш, но повеќето ќе бидат претставени. Мислам дека ќе бидете сведоци на нешто навистина неверојатно“.
Регион
Градоначалникот на Брчко: Загрижен сум што никој не забележал што се случува со децата

Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ одржа прес-конференција откако во тој град беа пронајдени 31 киднапирано дете, јавува Дневник.хр. Тој за новинарите изјави дека куќата во која биле пронајдени ја открил социјален работник кој додека работел на терен пронашол девојче (12) кое побегнало оттаму.
Тој додаде дека постоењето на куќа во која се скриени 31 дете е само по себе крајно страшно, особено ако се потврдат сомнежите за мотивот што обвинителството и локалната полиција го истражуваат. Милиќ на прес-конференцијата рече дека за пронаоѓањето на децата синоќа дознал од вработен во социјалната служба, по што за тоа го известил и обвинителството.
„Полицијата и обвинителството веднаш се вклучија во истрагата и децата веднаш беа преместени на друга локација, каде што исто така им беше укажана лекарска помош. Понатамошната истрага ќе покаже која е вистинската позадина и мотив на овој случај“, истакна тој. Според написите, се смета дека децата се жртви на кривичното дело трговија со луѓе.
„Во рамки на досегашните активности, приведени се три лица поради основано сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запоставување или злоупотреба на деца. Истрагата за наведениот настан е во тек“, соопшти претходно денеска полицијата.
Милиќ истакна дека полицијата многу сериозно пристапува кон истрагата и излегува во јавноста само кога информацијата е проверена, а со тоа ги штити правата на децата.
„Она што загрижува е прашањето колку време ова се случуваше во нашето маало без никој да обрати внимание“, рече градоначалникот.
Свет
Трамп: Можно е да нема мировен договор меѓу Украина и Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска по првиот состанок на неговиот кабинет изјави дека постои можност да не биде постигнат мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Имате голема доверба во нас затоа што претпоставувате дека ќе има мир. Знаете, можно е да не успее. Постои можност да не успее, но се надевам дека ќе успее, заради човештвото“, рече Трамп, пренесува NBC, потсетувајќи дека американскиот претседател претходно ветил дека може да ја заврши војната во Украина за 24 часа.
На првиот состанок на неговиот кабинет, Трамп рече дека САД ќе и дадат безбедносни гаранции на Украина во многу ограничен обем, сугерирајќи дека европските земји, кои се географски поблиску до Украина, треба да ја преземат таа одговорност.
„Ќе го оставиме тоа на Европа, бидејќи Европа е нивен сосед. Но, ќе се погрижиме се да оди како што треба и, како што знаете, ќе бидеме партнери со Украина во однос на ретките минерални суровини. Ретки минерали ни се многу потребни, а Украинците ги имаат“, рече Трамп на состанокот на неговиот кабинет и потврди дека секретарот за внатрешни работи Даг Бургум ќе работи заедно на ова прашање заедно со секретарот за енергетика Крис Рајт.
Според Трамп, рускиот претседател Владимир Путин „би морал“ да направи отстапки во преговорите за ставање крај на војната во Украина.
На прашањето какви отстапки би требало да направи рускиот лидер, Трамп одговори – „Не сакам да ви кажам сега“.
Според Си-Ен-Ен, на прашањето за пристапот на Украина во НАТО, Трамп накратко ги отфрлил аспирациите на Украина за членство.
„Можам да им кажам – можете да го заборавите НАТО“, рече американскиот претседател, пренесува Танјуг.