Свет
Воз прегази цртачи на графити во Лондон

Тројца улични уметници – цртачи на графити вчера биле прегазени од воз во Лондон. Нивните колеги од лондонската сцена на улична уметност им одадоа почит на уметниците кои се потпишуваа како „Kbag”, „Lover” и „Trip”оставајќи цвеќе и боја пред станицата во јужен Лондон, во непосредна близина каде што се случила несреќата.
Полицијата соопшти дека телата на трите момчиња, од кои најмладиот имал 19 години, а другите двајца по 23 години, се пронајдени вчера изутрина на пругата. Претпоставките се дека несреќата се случила во текот на ноќта, кога по пругата поминуваат товарни возови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Министер на БиХ: Вучиќ сакал да влезе кај Трамп под лажно име, тоа го може само ментално растроена личност

Министерот за одбрана во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, го коментираше ненадејното враќање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од САД поради, како што е наведено, „здравствени проблеми“.
Хелез вели дека, за разлика од српскиот претседател Александар Вучиќ, тој деновиве нема главоболки.
„Верувам дека ако ме исфрлат и брзо ме изнесат од Соединетите Американски Држави, дефинитивно ќе се разболам“, вели тој.
Пред десет дена, како што наведува, бил во официјална посета на Соединетите Американски Држави и имал средби во Пентагон со претставници на Министерството за одбрана на оваа земја. Тој истакна дека ова е негова втора посета на САД.
„Секогаш сум имал топло добредојде со целосно почитување на позицијата што ја држам и продуктивни средби на највисоко ниво. Секоја моја посета резултираше со продлабочување на соработката, конкретни проекти за вооружените сили на БиХ и поддршка за суверенитетот, независноста и интегритетот на Босна и Херцеговина“, вели Хелез.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, според Хелез, неколку дена пред заминувањето за САД најавил дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп двапати за неколку дена.
„Вистината е дека манипулаторот Александар Вучиќ бил фатен како се обидува да влезе на донаторска вечера на Републиканскиот национален комитет под лажно име и веднаш бил замолен да ги напушти САД. Поедноставно кажано, Вучиќ бил подготвен да плати огромна сума пари под лажно име за да му ја бакне раката на Доналд Трамп, но наместо тоа ја бакнал вратата од резиденцијата на Трамп во Флорида и брзо се вратил во Србија посрамен“, вели Хелез.
Српскиот опозициски политичар Ѓорѓе Микетиќ претходно објави слична информација, дека Вучиќ се регистрирал под лажно име, преку здружението на камионџии, и купил место на вечерата на донаторите, што е нелегално и било откриено, пишуваат медиумите во регионот.
„Она што Вучиќ го режираше во врска со неговата посета на САД може да го режира само ментално растроена личност. И она малку кредибилитет и углед што го имаше во меѓународните кругови, ако воопшто го имаше, Вучиќ го изгуби. Светот повторно виде со каков манипулатор има работа. Во такви околности, Вучиќ се сврте кон она што најдобро го знае, а тоа е лажење и манипулирање на јавноста во Србија и регионот. Сепак, не можете постојано да ги лажете сите луѓе. Дебаклот на Вучиќ од неговата посета на САД е предмет на исмејување во Србија и во регионот, а наскоро и во целиот свет“, пренесува Индекс.Хр.
Свет
Бесент: Царините, намалувањата на даноците и дерегулацијата на Трамп ќе доведат до инвестиции во Америка

Американскиот министер за финансии Скот Бесeнт денес изјави дека планот на претседателот Доналд Трамп, кој вклучува царини, намалување на даноците и дерегулација, ќе има ефект врз поттикнување на долгорочни инвестиции во американската економија.
Тој додаде дека американските финансиски пазари се стабилни и ќе издржат какви било краткорочни турбуленции, објави Ројтерс.
Бесент ги бранеше царините на Трамп и нагласи дека републиканскиот закон за даноци се разгледува во Конгресот, истакнувајќи дека многу делови од намалувањата на даноците ќе станат трајни, вклучително и одбивањето за мали бизниси.
„Главните компоненти на економската агенда на Трамп – трговијата, намалувањето на даноците и дерегулацијата, претставуваат меѓусебно поврзани делови од моторот дизајниран да поттикнува долгорочни инвестиции во американската економија“, рече Бесент, пренесува Танјуг.
Свет
Романскиот премиер поднесе оставка, неговата партија ја напушта владата

Романскиот премиер Марсел Чолаку денес изјави дека поднесува оставка од својата функција по состанокот на владејачката коалиција, на кој беа разгледани резултатите од првиот круг од претседателските избори и слабите резултати на кандидатите на владејачката коалиција.
„Во декември беше формирана владејачка коалиција со две цели: да се обезбеди стабилна влада и да се обезбеди кандидат кој ќе ги добие претседателските избори во Романија. Не успеавме да постигнеме една од овие две цели.“
Го видовме гласањето на Романците вчера, тоа значи дека владејачката коалиција нема легитимитет“, рече Чолаку, објави романскиот портал Диги24.
Чолаку рече дека им предложил на своите колеги од Социјалдемократската партија на Романија (ПСД) да ја напуштат владејачката коалиција, што имплицитно води до негова оставка од функцијата премиер.
Тој, исто така, објави дека ПСД нема официјално да поддржи ниту еден кандидат во вториот круг.
Чолаку им изјави на новинарите дека ја разгледува можноста за оставка со оглед на лошиот резултат постигнат од кандидатот на претседателските избори, поддржан од владејачката коалиција, кој не влезе во вториот круг од изборите.
Лидерите на владејачката коалиција, која ја сочинуваат ПСД, Националната либерална партија (ПНЛ) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (УДМР), денес се состанаа за да ја утврдат стратегијата за вториот круг од претседателските избори, но и да разговараат за иднината на владејачката коалиција.
Опозицискиот ултрадесничар Ѓорѓе Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, според романските медиуми, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија. По обработката на 99,99 проценти од гласачките ливчиња, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, а Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите, објави романскиот портал Digi24.
Кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, доби 20,07 проценти од гласовите, пренесува Танјуг.