Свет
Во Анкара се гради најголемиот забавен парк во Европа, опозицијата обвинува дека е опасен за животот
„Анкапарк“ – гигантскиот забавен парк кој напролет ќе биде отворен во главниот град на Турција – стана тема на критиките на опозицијата упатени кон власта пред пролетните локални избори, кои ќе се одржат на 31 март годинава во Турција.
Џем Узан, генералниот директор на градското претпријатие што управува со, како што го нарекува, најголемиот тематски парк во Европа, во изјавата за агенцијата „Анадолија“ изрази надеж дека нема да се доцни со отворање на објектот кој поседува вкупно 2 илјади и 117 играчки (рекреативно-забавни елементи) за разлика од европските, во кои нивниот број изнесува најмногу 90. Според Узан, деновиве се работи на отстранување на некои недостатоци во инфраструктурата и елементите за забава и дека набргу ќе почнат последните тестови на гигантските забавни играчки од страна на меѓународната стручна фирма ТУВ со седиште во Германија.
Токму овие изјави на Узан повторно ги предизвикаа реакциите на опозицијата. Пратеничката на најголемата опозициска партија во земјата ЏХП (Републиканската народна партија на Кемал Киличдаролу) од Анкара, Гамзе Ташчиер, поднесе интерпелација во парламентот за „Анкапарк“ тврдејќи дека одредена фирма од Кина утврдила ризици за животот на посетителите на паркот и истакна дека жителите на Анкара во еден незавршен објект во име на политичко шоу ќе бидат користени како заморчиња, само тој да биде отворен пред локалните избори. Таа побара од министерот за екологија и урбанизам, Мурат Курум, меѓу другото, да одговори и на нејзиното прашање дали е точно дека паркот, и покрај сите ризици, ќе биде отворен пред локалните избори на 31 март годинава, а потоа повторно ќе се оди на поправања на недостатоците. Ташчиер истакна дека изградувајќи го паркот на плацот на Шумарската фарма, подарок на Ататурк за жителите на Анкара, и трошејќи милијарди лири на жителите на престолнината, освен што е причинета материјална и нематеријална штета, сега на тоа се додава и животната опасност најмногу за децата и сето тоа во име на политичко шоу на владејачката АКП (Партијата на правдата и просперитетот на Реџеп Таип Ердоган).

На овие напади на пратеничката од опозицијата преку својот профил на „Твитер“ се огласи поранешниот градоначалник на Анкара, Мелих Ѓокчек, кој во 2013 го постави камен-темелникот на „Анкапарк“ напаѓајќи ја опозицијата дека почнала да паничи притоа порачувајќи ѝ на пратеничката Ташчиер дека ќе пукне од инает кога ќе дојде да го посети паркот. Ѓокчек порано имаше соопштено дека изградбата на забавно-рекреативниот парк чинела околу 450 милиони долари, кои биле средства на граѓаните.
Минатата година Мухарем Инџе, претседателскиот кандидат на опозициската Републиканската народна партија (ЏХП) на претседателските избори од 24 јуни 2018, ја критикуваше оваа инвестиција напаѓајќи ја владата дека практиката на ограбување на јавните извори од страна на лошата власт ги зафатила и нејзините општини. „Зад денешните економски проблеми стојат ваквите лоши потези поради кои растат инфлацијата и девизниот курс, а паѓа националниот приход и се осиромашува народот“, објави тогаш Инџе на својот твитер-профил.
На нападите на опозицијата дека со брзање објектот да се стави во употреба се ставаат во опасност и животите на граѓаните, генералниот директор на „Анкапарк“, Џем Узан, одговара дека 90 отсто од гигантските забавни елементи се купени од европски фирми, а само 10 отсто од елементите, како панорамското тркало и рингишпилот, се од Турција и Кина додавајќи дека контролата на објектите со сите потребни сертификати ја изведува меѓународната стручна фирма ТУВ.

„Анкапарк“, кој е во сопственост на анкарската општина, се простира на површина од 1 милион и 400 илјади квадратни метри, а со покриениот простор од 130 илјади квадратни метри ќе биде активен 12 месеци во годината. Тендерот за „Анкапарк“ го добија 3 турски и една кинеска фирма, со право да го водат изнајмениот објект во наредните 29 години. Поради ова, се очекува кинескиот партнер во новата туристичка атракција на Анкара да привлече околу 500 илјади кинески туристи, но исто така се цели и кон привлекување голем број туристи од Блискиот Исток и Русија, што ќе биде додатен импулс за туризмот во турската престолнина, со што, според Узан, ќе се придонесе за зголемување на благосостојбата на нејзините жители.
Освен забавниот дел, комплексот има и 100 продавници, посебни простории за роденденски и други забави и јапонски, кинески и италијански ресторани, но основна тема врз која е работено е османлиската, во склоп на која ќе бидат опфатени речиси сите специјалитети од турската кујна. Влезницата во паркот ќе изнесува 25 турски лири или околу 4 евра.
Асуде А. Кочан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

