Свет
Во Брисел две лица загинаа во два одвоени инцидента

Две лица се убиени во Брисел во текот на ноќта во два одвоени инцидента во услови на пораст на криминалот поврзан со дрога, соопштија извори блиски до белгиската полиција.
Првиот вооружен напад во кој загина едно лице се случи на северот на Брисел, соопшти полицијата, додавајќи дека неколку часа подоцна се случил уште еден вооружен инцидент во близина на центарот на градот.
Насилството во Брисел е зголемено од почетокот на февруари поради улична продажба на дрога.
Пристаништето Антверпен, главното пристаниште за влез на кокаин во Европа, редовно е цел на вооружено насилство од банди, но Брисел досега беше главно поштеден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: САД повеќе нема да посредуваат во преговорите со Русија и Украина доколку наскоро нема договор

Соединетите Американски Држави ќе престанат да посредуваат во мировните преговори меѓу Русија и Украина во наредните денови доколку нема јасни сигнали дека може да се постигне мировен договор, изјави денес американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп е сè уште заинтересиран за постигнување договор, но дека е подготвен да се справи со „други светски проблеми“ ако тоа не биде можно.
„Треба да утврдиме дали е можно да се стави крај на војната во Украина, а ако тоа не е можно, претседателот веројатно ќе каже дека е завршено“, рече Рубио на прес-конференција во Париз.
Тој ја оцени вчерашната средба со претставници на Украина, Франција, Велика Британија и Германија како позитивна, пренесува Танјуг.
Свет
Млад маж избол купувачи пред познат супермаркет: драма во Германија

Жена (59) и млад маж (18) беа избодени со нож во напад што се случи синоќа пред супермаркет во Германија.
Неименуван млад маж (23) неочекувано нападнал жена која излегувала од супермаркетот „Алди“.
Според локалните медиуми, осомничениот дошол во тој супермаркет порано попладнето од каде бил отстранет од засега непознати причини.
„Еден од вработените го замоли да ја напушти продавницата. Младиот човек си замина, но се врати околу 18:45 часот и седна пред влезот на продавницата“, изјави портпаролката на полицијата Сара Мурао.
Додека жената (59), која пазарувала за Велигден, тргнала да ја напушти продавницата, осомничениот скокнал и ја избол неколку пати, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди.
„Девојката која исто така пазарувала и која пакувала работи во багажникот на својот автомобил го видела нападот и почнала да вреска и да вика за помош“, изјавила портпаролката на полицијата.
Слушајќи ги вресоците, еден млад човек (18), кој работи во соседната продавница, истрчал да ѝ помогне на жената која била избодена, а потоа и самиот се здобил со сериозни повреди, бидејќи осомничениот почнал да го прободува и него.
Граѓаните кои се нашле на местото на настанот ја повикале полицијата и го задржале напаѓачот додека не пристигнала патролата. Мотивите за нападот засега се непознати.
Повредените се префрлени во болница и се во тешка состојба, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Трамп ѝ се закани на Кина со царини до 245 проценти; Кина: Бесмислена игра со броеви, одиме до крај

Кина ги отфрли најновите најави за зголемување на американските царини, нарекувајќи ги заканите на администрацијата на Доналд Трамп „бесмислена игра на бројки“. Претседателот Трамп воведе нови царини за стоки од голем број земји и региони минатата недела. Трамп тврдеше дека царините се неопходни за да се вратат работните места во САД и да се запре „неправедното“ оданочување на американските производи.
Иако администрацијата подоцна ги повлече повеќето од царините, најавувајќи 90-дневна пауза, зголемената царина за кинеските стоки остана во голема мера недопрена, дополнително ескалирајќи ја трговската војна што Трамп ја започна против втората по големина економија во светот во неговиот прв мандат.
Белата куќа подоцна појасни дека критичните електронски производи произведени во Кина ќе бидат репатрирани со царина од 20%. Во вторник, Белата куќа објави брифинг-документ во кој се сугерира дека царините за одредени кинески производи би можеле да се зголемат за дури 245%, „како одговор на контрамерките на Кина“. Во истата изјава е најавена и истрага за националната безбедност за зависноста на САД од странски извори на клучни минерали, при што Кина е главен производител на ретки земни метали и други суровини важни за американските синџири на снабдување.
Еден ден подоцна, портпарол на кинеското Министерство за трговија го отфрли најавеното зголемување на царините, велејќи им на новинарите дека потегот „целосно разоткрива колку ирационални станале САД во инструментализирањето на царините“.
„Кина постојано го искажуваше својот став за едностраните американски царини, а ние целосно ја игнорираме бесмислената игра со броеви на Америка“, рече кинескиот функционер. Тој додаде дека Кина ќе преземе „контранапади“ и „ќе ја издржи трговската војна до самиот крај“ ако Вашингтон продолжи да ги „крши правата и интересите на Кина“.