Свет
Во зграда во Нигерија пронајдени над 300 деца и возрасни врзани со синџири

Нигериската полиција спаси повеќе од 300 луѓе, повеќето од нив деца, кои биле врзани со синџири и заробени во зграда во градот Кадуна на северот на земјата, соопшти денеска полицискиот портпарол, Јакубу Сабо.
Тој рекол дека во зградата било сместено исламско училиште и дека седум лица се уапсени во врска со инцидентот.
„За децата, постари од пет години, грижата ја презеле државните власти. Две од децата се од Буркина Фасо, а другите ги довеле родителите од сите делови на Нигерија, пред сè, од северните провинции“, објасни портпаролот.
Меѓу уапсените се и наставници од исламското училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Италијанец снимал деца на Истра со камери скриени во пенкала

Истарската полиција заврши кривична истрага против 67-годишен италијански државјанин, осомничен за сериозно кривично дело поврзано со злоупотреба на техничка опрема и нарушување на приватноста на малолетни лица.
Според соопштението на Полициската управа на Истра, инцидентот се случил на 26 јуни, околу 15 часот, кога гостин во туристички објект забележал лице како недозволено снима малолетници. Лицето било задржано до пристигнување на полициски службеници, кои веднаш постапиле согласно законските надлежности.
По судска наредба, биле извршени претреси на неколку уреди со скриени камери, вклучувајќи техничка опрема со интегрирани снимачки механизми, мемориски уреди, мобилен телефон и возилото на осомничениот. Полициската управа информира дека се пронајдени материјали кои ќе бидат предмет на понатамошна истрага.
Осомничениот е уапсен и вечерта на 27 јуни предаден во притворската единица на Полициската управа на Истра со поднесена кривична пријава.
Свет
Лавров: Западот повторно се обидува да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, нема да успее

Западот никогаш не успеал и никогаш нема да успее да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата со министерот за надворешни работи на Киргистан, Јенбек Кулубаев.
„Сведоци сме на невидена конфронтација меѓу нашата земја и колективниот Запад, кој повторно одлучи да војува против нас и да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија, користејќи го нацистичкиот режим во Киев како овен за удар. Западот никогаш не успеал во ова, а нема да успее ниту овој пат“, порача Лавров, пренесе рускиот весник „Известија“.
Тој ја потенцираше важноста на стратешките и блиски врски со Киргистан, наведувајќи дека Русија ги цени односите со оваа пријателска земја во сите сфери.
Лавров додаде дека, и покрај санкциите и, како што рече, нелегитимниот притисок од Западот, трговијата меѓу Русија и Киргистан бележи раст, а се продлабочува и соработката во хуманитарната, образовната и меѓународната сфера.
Свет
„Ле Монд“ алармира: Украински војници фотографирани со кукасти крстови и СС ознаки

Украинската Трета ударна бригада, која е формално интегрирана во вооружените сили на Украина, повторно се најде во фокусот на јавноста поради обвинувања за неонацистички симболи меѓу нејзините припадници. Според истражувачкиот текст објавен од францускиот весник „Ле Монд“ (Le Monde), стотици војници од оваа елитна бригада јавно објавуваат фотографии на социјалните мрежи со нацистички симболи – вклучително и поздрави, кукасти крстови и ознаки поврзани со СС единиците од нацистичка Германија.
Како што нагласува весникот, Третата ударна бригада е директен наследник на баталјонот „Азов“, кој во изминатите години доби репутација како неонацистичка паравојска, пред да биде формално интегрирана во армијата на Украина. Иако властите во Киев ветија „ребрендирање“ и деконтаминација на нејзиниот имиџ, доказите од теренот покажуваат дека радикалната естетика и симболика сè уште се присутни.
Новинарите на „Ле Монд“ посочуваат дека користењето на овие симболи кај дел од војниците не е случајно – кај некои од нив тоа претставува идеолошка определба, додека кај други се користи како метод за заплашување и демонстрација на сила. Овие наоди предизвикаа сериозни критики во дел од меѓународната јавност, особено со оглед на поддршката која Украина ја добива од западните држави.
Весникот потсетува и на настан од 14 јуни во Киев, кога за време на „Маршот на еднаквоста“ организиран во поддршка на ЛГБТИК+ заедницата, се одржа паралелен контрапротест под наслов „Марш на традицијата“, организиран од националистичкото движење „Карпатски сич“. Според објавите на социјалните мрежи, дел од учесниците на овој контрапротест користеле гестови кои потсетуваат на нацистички поздрав.
Она што дополнително предизвика реакции е фактот што и покрај присуството на полицијата на настанот, не е забележана никаква интервенција или реакција од надлежните служби.