Свет
Во израелски воздушен напад врз Газа загинаа 15 лица

Цивилната одбрана во Газа соопшти дека најмалку 15 лица загинале денеска в зори во израелските воздушни напади врз северниот дел на Појасот Газа по повикот на израелската армија за евакуација.
Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, рече дека нападот бил насочен кон неколку куќи во населбата Шуџаија во градот Газа. „Уште неколку луѓе се заробени под урнатините“, додаде тој.
Израелската војска упати нов повик за евакуација на жителите на Шуџаија и други делови на северниот дел на Појасот Газа.
„Израелската армија оперира со голема сила во вашите области за да ја уништи терористичката инфраструктура на палестинското исламистичко движење Хамас“, рече портпаролот на армијата на арапски јазик, Авичај Адраи, во објава на „Икс“.
Морате веднаш да ги напуштите овие области и да отидете во познатите засолништа во западниот дел на градот Газа“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.
Свет
Мерц предлага заем од 140 милијарди евра за Украина, обезбеден со рускиот замрзнат имот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека на претстојниот самит на ЕУ ќе предложи Украина да добие заем од 140 милијарди евра, гарантиран со замрзнатиот имот на Руската централна банка.
Средствата би биле наменети исклучиво за финансирање на одбраната, а Киев би ги вратил дури по добивањето репарации од Русија.
Планот е усогласен со иницијативата на Урсула фон дер Лајен за користење на руските средства како гаранција, без директно задирање во нив.