Свет
Во Мексико се судрија камион и автобус: три дена по несреќата, идентификувани загинатите
Обвинителството задолжено за истрагата објави дека најмалку 38 лица загинале во тешка сообраќајна несреќа во Мексико, помеѓу градовите Вила дел Сол и Теколутла, минатиот викенд.
Судир меѓу камион и патнички автобус се случил во југоисточно Мексико, а засега е познато дека животот го загубиле две лица во камионот, како и најмалку 36 во автобусот. Ова во јавноста го соопшти обвинителот Џексон Виласис, три дена по големата трагедија.
„Несреќата се случи откако камион влета на главниот пат и се судри со нашиот автобус“, се вели во соопштението на транспортната компанија Тура Акоста.
„Во моментот на несреќата, нашиот автобус беше во оптимална состојба и се движеше со пропишаната брзина. И покрај маневарот на нашиот возач, беше невозможно да се избегне судирот“, се додава во соопштението на превозникот.
Поради судирот автобусот се запалил, поради што многу од телата станале целосно непрепознатливи за идентификација.
Ова е една од најтешките сообраќајни несреќи во Мексико во последните години, каде што просечно 15.000 луѓе годишно ги губат животите на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

