Свет
Во нападот во луксузниот хотел во Пакистан загинале и четворицата напаѓачи
Девет лица загинаа во вчерашниот напад врз луксузниот хотел „Перл Континентал“ во пакистанскиот пристаништен град Гвадар.
Меѓу загинатите петмина се цивили, а останатите четворица се напаѓачите кои биле убиени во престрелка со полицијата.
Четворицата напаѓачи го нападнале хотелот со пушки и гранати, а во повеќечасовната престрелка загинал еден припадник на обезбедувањето и сите напаѓачи.
Властите во земјата го опишаа нападот како терористички чин. Одговорноста ја презеде сепаратистичката група Ослободителна армија Балука, која објави и фотографии од напаѓачите, за кои полицијата тврди дека се убиени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пресврт во случајот на Мадуро: САД ги повлекоа обвиненијата за водење нарко-картели, објави „Њујорк тајмс“
Министерството за правда на САД се откажа од клучно и контроверзно тврдење што администрацијата на Трамп го користеше со години против венецуелскиот претседател Николас Мадуро – обвинението дека тој е водач на нарко-картел познат како Картел де лос Солес.
Тоа тврдење беше основа на обвинението од 2020 година и послужи како оправдување за означување на групата како терористичка организација, прво од Министерството за финансии во 2025 година, а потоа од Стејт департментот под Марко Рубио, објавува „Њујорк тајмс“.
Но, латиноамериканските експерти долго време предупредуваат дека Картел де лос Солес не е вистинска организација, туку колоквијален термин измислен од венецуелските медиуми во 1990-тите за да се опишат корумпираните службеници кои профитираат од трговијата со дрога.
Се чини дека Министерството за правда сега го прифати тој факт, објавувајќи изменето обвинение во саботата, по апсењето на Мадуро, кое премолчено ги корегира претходните обвинувања.
Иако обвинителите продолжуваат да го обвинуваат Мадуро за учество во заговор за трговија со дрога, тие го отфрлија тврдењето дека Картел де лос Солес е формална, хиерархиска група. Ревидираното обвинение сега го опишува како „систем на покровителство“ и „култура на корупција“ поттикната од парите од дрога.
Промената е најочигледна во бројките: додека старото обвинение се споменуваше Картел де лос Солес 32 пати, опишувајќи го Мадуро како негов лидер, новото го споменува само двапати. Новата верзија тврди дека Мадуро, како и неговиот претходник Уго Чавез, учествувал во одржувањето и заштитата на овој корумпиран систем.
„Профитот од трговијата со дрога и заштитата на партнерите во трговијата со дрога се слева кон корумпираните цивилни, воени и разузнавачки службеници од пониско и средно ниво, кои работат во систем на покровителство контролиран од оние на врвот – наречен Картел де лос Солес, или Картел на Сонцето, референца на ознаките на сонцето закачени на униформите на високите венецуелски воени службеници“, се објаснува во новото обвинение.
Свет
(Видео) Групите за човекови права: Најмалку 25 лица се убиени во протестите во Иран
Најмалку 25 лица се убиени во Иран за време на деветдневните протести што избувнаа на пазар во Техеран поради падот на националната валута и зголемената инфлација, според групите за човекови права.
Властите признаа дека постојат економски тешкотии, но ги обвинија организациите поврзани со странски сили за протестите. Шефот на иранската полиција во вторник вети дека ќе „се справи со последните од овие бунтовници“.
Протестот на трговците продолжи на пазарот во вторник, при што околу 150 луѓе се фокусираа на економски прашања, објави иранската новинска агенција Фарс.
#BREAKING
Iranian security forces are using tear gas to disperse protesters in the streets of Tehran right now amid escalating public anger.#IranProtests pic.twitter.com/5OG2f9BWxl— cheshm_abi (@chawshin_83) December 29, 2025
Протестите се проширија во некои градови на запад и југ од земјата, но се помали од немирите што ја зафатија земјата во 2022 и 2023 година поради смртта на Махса Амини, која почина во полициски притвор поради наводно кршење на строгите правила за облекување.
Сепак, и покрај помалите протести, нивниот фокус брзо се префрли од економски прашања на пошироко незадоволство, при што некои демонстранти скандираа слогани против религиозните водачи во земјата.
Иран останува под силен меѓународен притисок, а американскиот претседател Трамп во петокот се закани дека ќе им помогне на демонстрантите доколку безбедносните сили отворат оган врз нив.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, вети дека нема да „се предаде на непријателот“.
Хенгау, група за човекови права на иранските Курди, соопшти дека се убиени 25 лица, вклучувајќи четири малолетници. Таа, исто така, додаде дека се уапсени повеќе од 1.000 лица.
Свет
Берни Сандерс: Шест причини зошто нападот на Трамп врз Венецуела е погрешен
Нападот на САД врз Венецуела во текот на викендот предизвика остри осуди од целиот свет, а критики беа упатени и до Советот за безбедност на ОН денес, при што дури и клучните сојузници на САД предупредија дека киднапирањето на претседателот Николас Мадуро претставува опасен преседан во меѓународното право.
Во услови на негативни реакции, американскиот сенатор Берни Сандерс сподели шест причини зошто верува дека операцијата на Трамп била длабоко погрешна.
Six reasons why Trump’s attack on Venezuela was very wrong: pic.twitter.com/DhGQrjEdt6
— Sen. Bernie Sanders (@SenSanders) January 5, 2026
Сенаторот Сандерс, демократ од Вермонт, ги наведе следниве причини зошто постапките на Трамп биле погрешни:
1. Акцијата е нелегална и неуставна. Конгресот не одобри, ниту пак знаеше за оваа воена акција.
2. Тоа ќе го направи светот помалку безбеден. Ако меѓународното право се игнорира, секоја нација или терористичка организација може да оправда насилен напад со повикување на постапките на Трамп во Венецуела. Тоа беше логиката на Путин во Украина.
3. Тоа е очигледен империјализам. Моќните нации немаат законско или морално право да ги напаѓаат помалите земји за да ги украдат нивните природни ресурси. Венецуелската нафта им припаѓа на народот на Венецуела, а не на американските корпорации.
4. Во време кога целиот свет се оддалечува од фосилните горива кон поевтини и незагадувачки одржливи енергии, заштитата на интересите на „големите нафтени компании“ е лоша за климата и лоша за економијата.
5. Мадуро е корумпиран и антидемократски. Истото важи и за МБС од Саудиска Арабија и многу други лидери низ целиот свет. „Само затоа што не ни се допаѓа лидерот на една земја, не значи дека имаме право да ја собориме нивната влада“, рече Сандерс.
6. Трамп се кандидираше како „кандидат за мир“ кој веруваше во политиката „Америка на прво место“, а не како некој што би „водел“ друга земја. „Во време кога 60 проценти од Американците живеат од плата до плата, можеби треба да се обидете подобро да ја водите оваа земја [Соединетите Американски Држави], а не да ја преземете Венецуела“, заклучи тој.

