Свет
Во Сибир приведен тинејџер кој подготвувал вооружен напад на училиште
Еден тинејџер бил приведен во сибирскиот град Краснојарск во Русија за подготвување вооружен напад врз училиште, соопшти руската Федералната служба за безбедност (ФСБ), пренесува „Спутник“.
„ФСБ уапси жител на Краснојарск, роден во 2006 година, кој подготвувал вооружен напад врз училиште. Запленети се скратена ловџиска двоцевка, импровизирани експлозивни направи, средства за комуникација и лични дневници што содржат информации за планираното дело”, се вели во соопштението на ФСБ.
По анализата на оружјето, муницијата и на другите предмети и документи, ФСБ ќе донесе одлука за понатамошната процедура.
Обвинителството ќе покрене кривични предмети за терористички акт, нелегално купување, пренесување, продажба, складирање, транспорт или носење оружје, нивни главни делови и муниција и за обид за убиство на полицаец, се додава во известувањето.
Претходно во април, ФСБ осуети терористички напади на јавни места на територијата на Ставропол и во автономната област Канти-Манси (КМАО).
Еден од криминалците бил приведен во градот Нефтекумск, вториот бил убиен откако пружил вооружен отпор, но немало жртви меѓу цивилите и полицијата. Полицајците пронашле и заплениле импровизирани експлозивни направи, компоненти за производство на импровизирани експлозивни направи, оружје и муниција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

