Свет
Во тајност се чува извештај за навредите што Трамп ги упатил кон Меркел и Тереза Меј
Американскиот претседател, Доналд Трамп, наводно користел многу груби зборови во телефонските разговори и ги навредувал своите колеги од светската политичка сцена, пренесува Си-ен-ен.
Според „Спутник“, Трамп не бирал зборови за време на доверливите телефонски разговори, па така тој ја нарекол германската канцеларка, Ангела Меркел, „глупава“ и тврдел дека е под влијание на Русија, а за поранешната британска премиерка Тереза Меј рекол дека е „гуска“ без став за брегзит.
„Некои од работите што ги кажа за Ангела Меркел се едноставно неверојатни: тој ја нарече ‘глупава’ и ја обвини дека е под влијание на Русија. Тој е најсуров во телефонските разговори со оние кои ги смета за слаби водачи, а најблаг е за оние кон кои треба да покаже најцврст став“, наведува извор на Си-ен-ен.
Анонимен германски претставник потврдил дека разговорите се толку невообичаени што во Берлин се преземаат мерки за да се сочува нивната содржина во тајност.
Истиот извор го опишал Трамп како многу агресивен, поради што кругот на луѓето кои учествуваат во следењето на телефонските разговори на Меркел бил стеснет.
Според изворите, понижувачки и навредливи биле и разговорите на Трамп со Тереза Меј, на која американскиот претседател, меѓу другото, ѝ велел дека нема цврст став за прашањата за брегзит, НАТО и имиграцијата.
За време на телефонските разговори, Трамп со потсмев зборувал и за други лидери од западниот свет, како претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Канада, Џастин Трудо, и премиерот на Австралија, Скот Морисон.
Од друга страна, влијателните светски лидери, како рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, често го фалеле Трамп за време на телефонските разговори, поради што високи американски официјални претставници сметаат дека Трамп ја загрозува националната безбедност на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Нешто добро се случува
Американскиот претседател, Доналд Трамп, проговори за разговорите меѓу САД и Украина, кои се дел од мировниот план на САД за ставање крај на војната и руската агресија.
„Дали е навистина можно да се постигне голем напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина??? Не верувајте додека не го видите, но нешто добро можеби се случува токму сега. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА!“, објави Трамп на социјалните мрежи.
Коментарот на Трамп доаѓа по интензивните разговори меѓу американските и украинските делегации во Женева, како дел од план од 28 точки чија прва верзија предизвика критики во Киев и европските престолнини за одредби што беа исклучително поволни за Русија.
САД тврдат дека сегашниот нацрт се менува и „сè повеќе ги одразува украинските национални интереси“.
Свет
Кошта: Единството на ЕУ е од суштинско значење за успехот на мировните преговори за Украина
Унифициран и координиран став на Европската Унија е клучен за обезбедување добар исход од разговорите за завршување на војната во Украина, изјави денес претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Во објава на платформата X, Кошта рече дека разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пред неформалниот состанок на лидерите на ЕУ за мировните напори во Украина, со цел да ја добие неговата проценка за ситуацијата, пренесува Ројтерс.
„Унифициран и координиран став на ЕУ е клучен за обезбедување добар исход од мировните преговори за Украина и за Европа“, истакна Кошта.
Вчера во Женева се одржаа преговори меѓу делегациите на Соединетите Американски Држави и Украина за американскиот мировен план од 28 точки, каде што Украина го изрази своето мислење и забелешки.
Американскиот државен секретар Марко Рубио по разговорите со украинската делегација изјави дека е постигнат огромен напредок во преговорите за завршување на војната во Украина, додека шефот на украинската делегација Андриј Јермак оцени дека средбата со американската делегација била продуктивна.
Фото: принтскрин
Свет
Тридневен национален штрајк во Белгија: нема да работат јавниот превоз, железниците, градинките, училиштата, болниците
Во Белгија денес започнува тридневен национален штрајк против социо-економските реформи на владата, која е решена да ги зголеми напорите за обновување на јавните финансии.
Штрајкот ќе биде во три фази, а јавниот превоз и железницата денес штрајкуваат, со ограничувања и откажувања на неколку линии. Утре се очекува штрајк во јавните служби, кој вклучува градинки, училишта, владини канцеларии и болници, додека национален штрајк е планиран за среда.
Доцна синоќа, владата постигна договор со премиерот Барт де Вевер за повеќегодишен план за буџетски заштеди.
Договорот го зголемува нивото на штедење во споредба со она што владејачката коалиција го планираше за почетокот на 2025 година и вклучува некои нови извори на приходи, особено преку удвојување на даноците на сметките за хартии од вредност и зголемување на ДДВ за одредени производи.
Оваа акција ја иницираа трите главни белгиски синдикати, кои се во борба за власт со централно-десничарската влада предводена од Вевер, пренесуваат медиумите во регионот.
Фото: принтскрин

