Свет
Во Франција рекордни температури, Британија во исчекување на најтоплиот ден во историјата

Нeколку историски температурни рекорди беа соборени денеска во Франција, на запад и југозапад од земјата, објави „Метео Франс“, а Велика Британија оваа недела би можела да го забележи и својот најтопол ден во историјата.
Рекордите беа соборени во Брест, Сен Брие и Нант на запад и во Бискарос на југозапад, најтоплиот ден на овој топлотен бран. Според податоците на метеоролошката служба, во 17 часот термометарот достигна 39,3 Целзиусови степени во Брест, каде што претходниот рекорд беше од август 2003 година од 35,1 Целзиусови степени.
Во Сен Брие беше 39,5 Целзиусови степени, во Нант 42 и во Бискаросе 42,6 Целзиусови степена.
Велика Британија би можела да го има најтоплиот ден во историјата оваа недела бидејќи се очекува живата да достигне 41 Целзиусов степен.
Во понеделникот беше 38,1 степени во Сантон Даунхам, Сафолк, најтоплиот ден во земјата во годината. Метеоролошката канцеларија издаде црвено предупредување за понеделник и вторник за поголемиот дел од Англија, од Лондон до Јорк и Манчестер.
Највисоката температура досега забележана во Обединетото Кралство беше 38,7 Целзиусови степени во Кембриџ во 2019 година.
Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и подолго траат поради климатските промени предизвикани од човековата активност.
Светот веќе се загреа за речиси 1,1 Целзиусов степен од почетокот на индустриската ера, а температурите ќе продолжат да растат доколку владите во светот не одлучат за поамбициозни намалувања на емисиите на јаглерод, предупредуваат експертите.
Климатологот Јунис Ло од Универзитетот во Бристол за Би-би-си изјави дека „повисоките температури се знак за климатски промени“ и дека 2.000 смртни случаи годишно во Велика Британија може да се припишат на топлотните бранови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“