Свет
Во Јапонија масовно умираат младенчиња мечки – научниците велат дека е поради климатските промени
Осум од 10 младенчиња кафеави мечки родени оваа година во оддалечен дел на северна Јапонија умреле поради недостиг од лосос, а научниците го обвинуваат зголемувањето на температурата на морето предизвикано од климатската криза.
Заедно со желадите, розовиот лосос е важен извор на храна за приближно 500 кафеави мечки што живеат по должината на полуостровот Ширетоко во Хокаидо.
Локалните власти реагираа со тревога откога еден туристички брод забележал прегладнето мече како очајно бара храна на источниот брег на полуостровот овој месец. Наводно, мечето превртело камења и претурало низ купишта натрупани алги во потрага по храна.
„Ситуацијата е навистина сериозна“
Розовиот лосос што излегува во реките на Хокаидо ја поминува зимата во морето пред да се врати во потоците во Ширетоку помеѓу август и октомври за да ги снесе своите јајца. Кафеавите мечки обично го демнат лососот додека се движи низводно, но биле принудени да пливаат во морето поради недостиг на речна риба, пишува „Гардијан“.
„Некои мечки навистина ослабеа. Тешко им е бидејќи во реките нема риба исто како и минатата година“, вели Кацуја Нода, оператор со туристички бродови. Истражувачите од Универзитетот „Хокаидо“ предупредија дека ако глобалното затоплување продолжи со сегашното темпо, температурата на морската вода околу островот ќе се зголеми за 10 степени до 2090 година во споредба со нивоата во 80-тите.
Масами Јаманака, истражувач во природата на Фондацијата „Ширетоко“, рече дека недостигот на лосос, во комбинација со лошата жетва на желади, има разурнувачки ефект врз младенчињата на кафеавата мечка.
„Се проценува дека 70-80 отсто од младенчињата родени оваа година се мртви. Тоа е навистина сериозна ситуација“, рече тој.
Поради недостигот на желади, мечките сè повеќе ги напаѓаат луѓето
Рибарите уловиле 482.775 розови лососи во реките на Хокаидо, најсеверниот главен остров во Јапонија, помеѓу 25 јули и 5 септември 2020 година, но само 23.298 минатата година, според Здружението за одгледување лосос.
Имајќи ги предвид статистичките податоци, кои покажуваат дека добар улов се случува секоја втора година, уловот во 2022 година бил изненадувачки слаб.
Недостигот на желади ги зголемува нападите на мечки врз луѓето во Хокаидо и другите делови на северна Јапонија додека тие се впуштаат во населените области во потрага по храна. Вкупно 1.056 кафеави мечки биле фатени и убиени во Хокаидо во годината до април 2022 година, што е највисока рекордна бројка и првпат бројот да надмине 1.000, според префектурата.
Од вкупниот број, 999 кафеави мечки беа истребени за да се спречи оштетување на земјоделските култури или затоа што се сметале за опасност за локалното население. Бројот на луѓе повредени или убиени во инциденти со мечки изнесува вкупно 14 во истиот период, при што штетата на земјоделските култури се проценува на 1,44 милион фунти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

