Свет
Во Њујорк е прогласена вонредна состојба поради напливот на мигранти
Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс прогласи вонредна состојба поради „кризна ситуација“ поврзана со приливот на мигранти.
Повеќе од 17.000 мигранти пристигнаа во Њујорк од јужната граница од април.
Државите во кои доминираат републиканците, како Тексас, Аризона и Флорида, испраќаат мигранти во демократските области во последните месеци.
Приливот на мигранти е дел од спорот со Белата куќа откако огромен број луѓе пристигнаа на границата меѓу САД и Мексико.
– Од септември во градот во просек пристигнуваат по пет до шест автобуси со мигранти дневно – рече Адамс, додавајќи дека моментално секој петти во прифатниот центар во градот е барател на азил.
Тој вели дека многу од новодојдените се семејства со деца на училишна возраст и итно им е потребна помош.
Адамс ги повика федералните и државните власти да помогнат финансиски бидејќи приливот на мигранти ќе го чини Њујорк околу милијарда долари оваа фискална година.
– Граѓаните на Њујорк се лути, јас сум лут. Ние не го баравме ова. Никогаш немало договор за прифаќање на илјадници баратели на азил – рече Адамс.
Тој додаде дека градот нема да има средства за други приоритети.
– Градот прави се што може, но ја достигнуваме крајната граница – рекол Адамс, а пренесува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

