Свет
Вселенското летало на Илон Маск полета кон Меѓународната вселенска станица
Вселенското летало „Кру Драгон“ на компанијата на Илон Маск „Спејс ИКС денеска полета кон Меѓународната вселенска станица од вселенскиот центар Кенеди, во Флорида, соопшти НАСА.
Членови на мисијата „Кру-7“ се астронаутот на НАСА, Џасмин Могбели, астронаутот на Европската вселенска агенција, Андреас Могенсен, космонаутот на Роскосмос, Константин Борисов, и астронаутот на Јапонската вселенска агенција, Сатоши Фурукава, пренесува Тасс.
Леталото треба да слета на МВС во 14:50 часот по средноевропско време.
Екипажот на „Кру-7“ ќе учествува во повеќе од 200 научни експерименти кои, меѓу другото, вклучуваат собирање на примероци од микроби од надворешноста на МВС и проучување на спиењето на астронаутите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж убиен во пукотница во Германија
Еден маж почина во пукотница во Дортмунд. Пукањето се случило кратко пред полноќ во градскиот округ Нордштат, а полицијата го истражува инцидентот, објавува Welt.
Портпаролот на полицијата утрово соопшти дека мажот бил реанимиран од службите за итни случаи откако бил ранет на местото на настанот. Тој бил однесен во болница, каде подоцна им подлегнал на повредите.
Парчиња искината облека биле пронајдени расфрлани на асфалтот, заедно со повеќе од 20 чаури.
Одделот за убиства на полицијата ја презеде понатамошната истрага. Деталите за можните сторители сè уште не се познати.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп и Зеленски ќе се сретнат денес во Давос
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека денес ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Средбата се случува во услови на застој во разговорите за ставање крај на војната во Украина, објави Политико.
Средбата на Трамп со Зеленски е закажана по настанот на Одборот за мир во Газа и следи по билатералните состаноци што ги одржа во среда со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидерите на Полска, Белгија и Египет.
Во исто време, Русија продолжи со своите ракетни и беспилотни напади врз украинската енергетска инфраструктура. Снабдувањето со електрична енергија во Киев е нестабилно, а со оглед на тоа што оваа зима се претвори во особено студена – со температури што паѓаат под минус 20 степени Целзиусови – во Киев расте загриженоста за тоа како земјата може да се справи без многу поголема помош од западните сојузници, вклучувајќи ги и САД, кога станува збор за воздушна одбрана.
Свет
Руте: Не разговарав со Трамп дали Гренланд ќе остане под Данска
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, доцна синоќа изјави дека на состанокот со Доналд Трамп не било разговарано дали Гренланд ќе остане под Данска, откако американскиот претседател ги повлече заканите за царини против европските земји и ја исклучи можноста за употреба на воена сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте ги даде своите коментари во интервју за Фокс њуз по состанокот со Трамп на маргините на самитот во Давос.
Претходно во текот на денот, Трамп нагло се повлече од заканите за воведување царини, ја исклучи можноста за употреба на сила и рече дека е на повидок договор за завршување на спорот околу данската територија.
По средбата со Руте, Трамп изјави дека западните арктички сојузници би можеле да постигнат нов договор за стратешки важната островска територија со 57.000 жители, што би ја задоволило неговата желба да ја изгради Златната купола, систем за ракетна одбрана и пристап до критични минерали, а воедно да ги блокира руските и кинеските амбиции на Арктикот.
Трамп претходно постојано повторуваше дека Вашингтон мора да го поседува Гренланд, автономен дел од Кралството Данска во кој се наоѓа американска воздухопловна база, за да ги спречи Русија или Кина да ја окупираат стратешки лоцираната територија богата со минерали.
На Руте му беше поставено прашање дали Гренланд ќе остане „под Кралството Данска во овој рамковен договор“ што го спомена Трамп.
„Тоа прашање не беше повторно покренато во моите разговори со претседателот вечерва“, одговори Руте.
„Тој (Трамп) е многу фокусиран на она што треба да го направиме за да се осигураме дека можеме да го заштитиме тој огромен арктички регион, каде што се случуваат промени токму сега, каде што Кинезите и Русите се сè поактивни“.
Но, „сè уште има многу работа што треба да се направи“ за да се постигне договор за Гренланд, изјави шефот на НАТО за АФП по средбата.
„Средбата вечерва беше многу добра. Но, сè уште има многу работа“, рече Руте.
Претходно истиот ден, Доналд Трамп тврдеше дека двајцата лидери развиле „рамка за иден договор за Гренланд“.
Данска и САД се членки на НАТО. Многу експерти ја оценуваат надворешнополитичката агенда на Трамп како империјалистичка.

