Свет
Гебрејсус предупредува дека светот може да се соочи со поопасен вид коронавирус
Говорејќи на 138-та седница на Меѓународниот олимписки комитет, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, предупреди дека може да се појави нов вид коронавирус во светот, што ќе биде дури и поопасен од варијантата делта.
„Колку поголемо пренесување, толку повеќе варијанти ќе се појават со потенцијал да бидат дури и поопасни од варијантата делта што пустоши сега. И колку повеќе варијанти, толку е поголема веројатноста дека една од нив ќе избегне вакцини и ќе нè врати на почеток“, вели тој.
Гебрејсус ја смета пандемијата на Ковид-19 за тест со кој глобалната заедница не успева да се справи и ова може да доведе до понатамошно ширење на заразата во светот.
„Често ме прашуваат кога ќе заврши оваа пандемија? Пандемијата на Ковид-19 ни постави многу прашања за нас самите и за нашиот свет. Таа е тест. И светот паѓа на тој тест“, посочи тој.
„Дури го кажувам ова, повеќе од 100 луѓе ќе ги загубат своите животи од Ковид-19. И додека олимпискиот оган биде изгаснат на 8 август, повеќе од 100 илјади луѓе ќе починат“, продолжи тој.
Гебрејсус е сигурен дека недостигот од вистинска посветеност кај политичарите е причината што светот сè уште не е во можност да се справи со пандемијата и покрај тоа што ги има сите потребни инструменти.
„Особено владите на земјите од Г20 мора да покажат лидерство за да обезбедат итно зголемување и распоредување на алатките потребни за спасување животи“, рече тој.
„Ако одлучат, водечките светски економии би можеле да ја стават пандемијата под контрола на глобално ниво за неколку месеци со споделување вакцини преку ‘Ковакс’, финансирање на АКТ-акцелераторот и стимулирање на производителите да сторат сѐ што е потребно за да се зголеми производството“, посочи шефот на СЗО.
Во својот говор тој посочи дека главната цел на СЗО во борбата против Ковид-19 е да се вакцинираат 70 отсто од населението во секоја земја во светот до септември 2022 година, но за да се постигне ова, ќе бидат потребни 11 милијарди дози вакцини.
Ризикот од нови видови коронавирус, кои ќе станат поопасни и позаразни, претходно беше нагласен и од Комитетот за итни случаи на СЗО, кој посочи дека ќе биде потешко тие да се контролираат и дека патогенот продолжува да мутира.
Неодамна беше известено за постоење делта-плус варијанта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

