Свет
Генералниот секретар на ОН го поздрави формирањето на новата либанска влада
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави соопштението на либанското претседателство за формирање нова влада и има намера да соработува со премиерот на земјата, Хасан Дијаб, рече портпаролот на ОН, Стефан Дујариќ, пренесува „Спутник“.
„Генералниот секретар ја поздравува најавата за формирање нова влада на Либан денес. Тој очекува да соработува со премиерот Хасан Диаб и со Советот на министрите, вклучително и за поддршка на реформската агенда на Либан и за решавање на важните потреби на либанскиот народ“, рече портпаролот во изјавата доцна во вторникот.
Според изјавата, Гутереш ја повторил заложбата на ОН за поддршка на суверенитетот, стабилноста и на политичката независност на Либан.
Во вторникот либанскиот претседател Мишел Аун потпиша документи за формирање на новиот кабинет на земјата предводен од Дијаб. Подоцна истиот ден се појавија сведоштва за судири со полицијата во главниот град Бејрут и во некои други градови во земјата, при што демонстрантите ги блокирале патиштата и автопатите по формирањето на владата.
На Дијаб, 60-годишен професор на американскиот универзитет во Бејрут, му беше задача да формира нов кабинет на крајот на минатата година.
Владата на поранешниот премиер Саад Харири, составена од 30 министри, поднесе оставка на крајот од октомври во пресрет на големи владини протести, предизвикани од економската криза.
Новиот кабинет на земјата се состои од 20 министри, вклучително и пет жени. Зеина Акар стана првата жена министерка за одбрана во Либан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.

