Свет
Германија бара европска интервенција на турско-сириската граница
Германската министерка за одбрана, Анегриет Крамп-Каренбауер, смета дека европските земји треба да испратат борбени сили во меѓународната безбедносна зона на границата меѓу Сирија и Турција, но не може да гарантира дека ќе учествуваат и германските трупи, пренесува „Брејтбарт“.
Предлогот следува откако турските трупи и сојузничките сириски борци го нападнаа северниот дел на Сирија кога американскиот претседател, Доналд Трамп, ги повлече американските трупи што соработуваа со сириските Курди против Исламската држава.
Крамп-Каренбауер во вторникот изјави за ДПА дека создавањето меѓународно контролирана безбедносна зона со вклучување на Турција и Русија ќе има цел да ја деескалира ситуацијата во северна Сирија.
Таа рече дека е надвор од нејзините надлежности да вети германски трупи и германскиот парламент е тој што ќе треба да одлучи дали би можеле да учествуваат во таква зона. Таа исто така за „Дојче веле“ изјави дека канцеларката Ангела Меркел е информирана за предлогот.
Бундестагот мора да ги одобри странските распоредувања на германската војска. Германската влада смета дека упадот на Турција во Сирија претставува кршење на меѓународното право, но досега ограничи само одреден воен извоз во Турција заедно со други држави, вклучувајќи ги Шпанија, Шведска, Велика Британија и Канада.
„Не веруваме дека нападот врз курдските единици или курдската милиција е легитимен според меѓународните закони. Ако во меѓународното право не постои основа за таква инвазија, тогаш не може да биде во согласност со меѓународното право“, изјави во неделата министерот за надворешни работи, Хајко Мас, за АФП.
Предлогот на Крамп-Карнбауер може да ги зголеми тензиите во владејачката коалиција на Меркел бидејќи социјалдемократите отфрлаат каква било директна германска воена вмешаност во Сирија. Крамп-Каренбауер ја бранеше својата идеја велејќи дека не може повеќе да ги слуша германските политичари, кои велат дека се загрижени за насилството во Сирија без да дејствуваат.
Едно нешто што е сигурно е дека САД нема да пристапат кон ниту една воена безбедносна зона. Минатата среда Трамп рече дека конфликтот помеѓу Турција и Сирија е само меѓу две блискоисточни земји.
„Тие имаат проблем на границата, тоа не е наша граница“, рече претседателот. „Ако Сирија сака да се бори за својата земја, тоа зависи од Турција и Сирија. Сирија може да има некаква помош од Русија и тоа е добро. Таму имаат многу песок, значи има многу песок со кој може да си играат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

