Свет
(Видео) Голем пресврт: канадските хокеари ослободени од обвиненијата за групно силување
Петте канадски хокеари обвинети за групно силување на жена во хотелска соба во 2018 година се ослободени од сите обвиненија од судија во Онтарио. Случајот привлече големо внимание во Канада, а пресудата беше изречена во преполна судница во четвртокот, објави Би-би-си.
Судијката Марија Кароча неколку часа ја образложуваше својата пресуда разгледувајќи ги сведочењата и доказите собрани за време на осумнеделното судење пред да ги прогласи играчите за невини.
Поранешните членови на јуниорската репрезентација на Канада – Мајкл Меклауд, Дилон Дубе, Кал Фут, Алекс Форментон и Картер Харт – беа обвинети за напад врз жената, идентификувана во судските документи како Е. М., по гала-вечерата на Хокеарската асоцијација на Канада во Лондон, Онтарио. Сите беа играчи во престижната Национална хокеарска лига (НХЛ) во времето на скандалот.
Централното прашање на судењето беше дали Е. М., којa ималa 20 години во времето на инцидентот, далa согласност за сите сексуални дејства таа ноќ. Судот утврди дека жената се сретнала со играчите во барот, а подоцна доброволно отишла во хотелска соба за да има секс со Мајкл Меклауд. Според сведочењето, други играчи потоа влегле во собата и исто така имале сексуални дејства со неа.
Одбраната тврдеше дека самата Е. М. барала од мажите да имаат секс со неа и дека тие оправдано верувале дека таа се согласила за сè. Од друга страна, Е. М. сведочеше дека била под дејство на алкохол и дека се плашела. Иако се согласила за сексот со Меклауд, таа тврдеше дека не се согласила за она што следувало. Од сите обвинети, само Картер Харт сведочеше во своја одбрана.
Објаснувајќи ја својата пресуда, судијката Кароча изјави дека не го смета сведочењето на жртвата за „веродостојно или сигурно“ и дека Обвинителството не успеало да докаже вина по ниедна точка од обвинението. Таа посочи на многубројни недоследности во нејзиното сведочење, како што се деталите за тоа кој ги платил пијалаците таа вечер, заклучувајќи дека нејзините изјави одразуваат несигурно сеќавање, кое не се совпаѓа со другите докази.
Судијката исто така ги истакна разликите помеѓу она што Е. М. им го кажала на полициските истражители и она што им го кажала на претставниците на Хокеарската асоцијација на Канада, со која постигнала спогодба вредна 3,5 милиони канадски долари во 2022 година. На судењето беа прикажани и две снимки од инцидентот, на кои може да се слушне како Е. М. дава согласност. Иако според канадскиот закон ваквите снимки сами по себе не докажуваат согласност, судијката оцени дека Е. М. „зборува нормално, се насмевнува и не изгледа вознемирено“, што го поткопа тврдењето на Обвинителството дека таа не ја напуштила просторијата од страв.
Играчите не дадоа никакви изјави за медиумите по пресудата, но нивните адвокати се обратија до јавноста во нивно име. „Со години јавната перцепција е обликувана од еднострана приказна“, рече Дејвид Хамфри, адвокат на Мајкл Меклауд, додавајќи дека штетата нанесена на кариерата и на угледот на неговиот клиент е значајна.
Адвокатката на оштетената страна, Карен Белхумер, рече дека Е. М. е многу разочарана од одлуката и од процената на нејзиниот кредибилитет. „Кога некој ќе собере храброст да ја раскаже својата приказна, најлошиот можен исход е да се чувствува како да не му се верува“, рече таа.
НХЛ соопшти дека играчите остануваат неподобни да играат во лигата сè додека не се спроведе внатрешен преглед на наодите на судот. Сепак, Обвинителството внимателно ќе ја разгледа одлуката пред да одлучи за евентуална жалба. Демонстрантите што ја поддржуваат Е. М. се собраа пред судницата за време на судењето и на денот на пресудата изразувајќи разочарување од исходот за кој велат дека би можел да влијае на идните случаи на сексуален напад во Канада.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.
Свет
Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, упати ултиматум до Киев, со кој најавува дека Словачка ќе ги прекине итните испораки електрична енергија за Украина ако до понеделник не се обнови транзитот на нафта кон земјата. Со ова се дополнително заоструваат веќе напнатите односи меѓу двете држави.
„Ако украинскиот претседател до понеделник не го обнови снабдувањето со нафта за Словачка, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги запрат итните испораки електрична енергија за Украина“, изјави Фицо.
Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува злонамерно кон Братислава и дека не го цени мировниот пристап на Словачка. Фицо истакна дека Украина најпрво ја запрела испораката на гас, што, според него, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораката на нафта, создавајќи дополнителни економски и логистички проблеми.
Премиерот нагласи дека Словачка од почетокот на војната ѝ помага на Украина, прифаќајќи околу 180.000 украински државјани, обезбедувајќи хуманитарна помош и организирајќи заеднички состаноци на владите.
„Словачка прави многу повеќе од некои други земји“, рече Фицо.
Тој додаде дека односите не можат да бидат еднострана улица и дека Словачка како суверена и горда држава не може да прифати однос од кој единствено Украина има корист.
Свет
(Видео) Експлозија на камион со гас во Сантјаго, има загинати и повредени
Камион кој превезувал течен гас експлодирал во Во Сантјаго, Чиле, при што загинале четири лица, а 17 се повредени.
Меѓу жртвите е и возачот на камионот, кој според извештаите, изгубил контрола пред експлозијата.
📌 Deadly gas truck blast rocks Chile’s capital
💥 Gas truck explodes on highway in Renca district of Santiago, killing at least four people and injuring 17 others
🎥 Moment of explosion shows massive fireball engulfing roadway pic.twitter.com/axPSHzf5WA
— Anadolu English (@anadoluagency) February 20, 2026
Силната експлозија создала огромен облак чад, а ударот се почувствувал на растојание од 150 до 200 метри.
Во несреќата биле оштетени најмалку 50 возила.
Јавниот обвинител во Чиле отвори истрага за случајот.

