Свет
Границата меѓу САД и Мексико повторно се отвора, Бајден предупредува: „Ситуацијата ќе биде хаотична“
Соединетите Американски Држави предупредија дека нивната граница со Мексико не е широко отворена стравувајќи од хаос кога на полноќ ќе истече тригодишната забрана за влез поради пандемијата на коронавирусто, а за да се подготват за бранот мигранти, двете земји распоредија војници по должината на граница.
Републиканците бараат продолжување на мерката позната како Title 42, а демократската администрација на Џо Бајден потсетува дека донела нови ограничувања на правото на азил.
„Сакам да бидам јасен – нашата граница не е широко отворена. Оние што илегално, без законска основа, ќе ја поминат нашата граница за да останат, веднаш ќе бидат вратени“, изјави министерот за државна безбедност Алехандро Мајоркас на прес-конференција во Белата куќа.
„Но, јасно ни е со какви предизвици, веројатно, ќе се соочиме во наредните денови и недели и подготвени сме да одговориме на нив“, додаде тој посочувајќи дека во некои сектори веќе се забележани голем број пристигнувања.
Самиот претседател Бајден неодамна изјави дека ситуацијата ќе биде хаотична некое време. Со цел да се подготви, сојузната држава мобилизира повеќе од 24.000 полицајци и 4.000 војници на границата.
Мексико соработува со САД за да избегне хаос и насилство на заедничката граница по укинувањето на мерката, изјави мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, пренесува „Ројтерс“.
Властите работат во јужниот дел на Мексико за да ги заштитат мигрантите поради напливот на шверцери што нудат да превезуваат мигранти во САД за огромни суми пари и тврдат дека границата е отворена, рече мексиканскиот претседател.
Мексиканската влада одлучи да испрати Национална гарда на јужната граница, која доби наредба да не употребува сила против мигрантите. Лопез Обрадор исто така го повика Бајден да ја прифати политиката на добрососедство за подобрување на состојбата на населението во Куба и Венецуела, што ќе ги одврати од емигрирање.
Мексиканскиот претседател долго време ги повика САД да инвестираат повеќе во регионот со цел да се искоренат корените на сиромаштијата и причините за емиграција.
Мерката во 2020 година од администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп во име на борбата против пандемијата на коронавирусот. Неговиот наследник го продолжи времетраењето.
Практично, таа мерка го оневозможи пристапот до американскиот систем за азил, мигрантите без виза се враќаа без можност за поднесување барање. За три години бил искористен 2,8 милиона пати. Ова ќе биде можно повторно од утре и судовите повторно ќе ги процесираат барањата на барателите на азил, што може да потрае неколку години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земав повисоки дози аспирин, затоа имам модринки
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека зема поголеми дози аспирин од оние што му ги препорачале лекарите, наведувајќи дека тоа е причината за видливите модринки на рацете, кои повторно покренаа прашања за неговото здравје во последните месеци.
„Велат дека аспиринот е добар за разредување на крвта, а јас не сакам густа крв да ми тече низ срцето. Сакам убава, ретка крв. Дали тоа има смисла?“, рече Трамп во интервју за „Волстрит Журнал“ (WSJ).
Американскиот претседател изјави и дека лекарите го советувале да зема помала доза, но дека тој зема поголема доза со години, истакнувајќи дека тоа може да предизвика модринки.
Во интервјуто, Трамп зборуваше и за медицинското снимање извршено во октомври, наведувајќи дека не станува збор за магнетна резонанца, туку за компјутеризирана томографија, која, според лекарите, е спроведена за да се исклучат кардиоваскуларни проблеми и дала добри резултати.
Претседателот, исто така, потврди дека има проблеми со оток на долниот дел од нозете, за што Белата куќа претходно објави дека е резултат на хронична венска инсуфициенција, како и дека не сака да носи компресивни чорапи или да се занимава со редовна физичка активност.
Кога беше прашан за ситуации кога изгледал поспан на јавни настани и за својот слух, Трамп одговори дека не заспива, но дека понекогаш ги затвора очите затоа што му е удобно, додека проблемите со слухот ги опиша како минимални.
Според CNN, интервјуто се смета за еден од најобемните разговори што Трамп ги имал со новинарите за неговото здравје, во време на зголемено внимание на јавноста поради неговата возраст, способноста за извршување на своите должности и транспарентноста во врска со медицинските податоци.
Модринки на неговата десна рака се забележани и претходно, но тие добија дополнително внимание откако се обиде да ги покрие со шминка и завои.
Личниот лекар на Трамп, Шон Барбабела, изјави за WSJ дека тој зема 325 милиграми аспирин дневно.
Медицинските експерти наведуваат дека аспиринот го намалува згрутчувањето на крвта, но го зголемува ризикот од крварење, поради што секојдневната употреба кај постарите лица се препорачува сè помалку во последните години.
Професорот по медицина од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Џонатан Рајнер, оцени дека презентираните информации покренуваат повеќе прашања отколку одговори, наведувајќи дека е невообичаено една таблета аспирин дневно да предизвика такви модринки, пренесува Танјуг. Барбабела, од друга страна, рече дека Трамп „останува во исклучителна здравствена состојба“, нагласувајќи дека медицинските наоди покажуваат одлично метаболичко и кардиоваскуларно здравје.
Свет
Словачкиот министер за одбрана: Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак изјави за словачката новинска агенција „TASR“ дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и остро ги критикуваше постапките на групата земји што ѝ помагаат на Украина.
Според него, Европската Унија не треба да се меша во прашањата за колективна одбрана бидејќи оваа работа треба да остане во надлежност на НАТО. Тој верува дека постоењето на два командни системи не може да обезбеди ефикасна одбрана.
Калињак, исто така, предупреди дека евентуалната заедничка европска армија би претставувала важен чекор кон федерализација на Европа. „Или сме во НАТО и тогаш не ни треба, или сме во Европа“, рече тој.
Тој го повтори својот став дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и додаде дека ќе има проблеми и со приклучувањето кон Европската Унија. Калињак рече дека коалицијата не направила ништо конкретно. „Дали испратила војници? Не. Секако дека не“, нагласи тој.
Свет
Швајцарскиот претседател за пожарот: Драма од невидени размери, животите особено на младите, беа брутално прекинати
Швајцарскиот претседател Гај Пармелен денес изјави дека пожарот што избувна во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ е една од најлошите трагедии што ја погодиле таа земја, а командантот на кантоналната полиција Фредерик Жизле рече дека околу четириесет лица загинале во пожарот, а 115 се повредени.
„Тоа е драма од невидени размери. Животите на многумина, особено на младите, беа брутално прекинати“, рече Пармелен, според швајцарскиот весник „Темп“.
Тој ги пофали швајцарските кантони за нивната мобилизација за помош и солидарност, а им се заблагодари и на соседните земји кои понудија помош, пред сè на Германија, Италија и Франција.
Тој оцени дека станува збор за „страшен контраст“, бидејќи трагедијата се случила во одморалиште посветено на забава.
Пармелен изјави дека знамињата во Федералната палата ќе бидат спуштени на половина копје во следните пет дена.
Претседателот на Државниот совет, Матија Ренар, изјави дека ќе биде потребно долго време за да се идентификуваат телата на жртвите.
Претседателот на Кран-Монтана, Никола Феро, им вети на семејствата на жртвите поддршка од таа општина.
Сите повредени беа згрижени, првенствено во Лозана и Цирих, со тешки изгореници.
„Темп“ објави дека веројатно ќе биде побарана помош од болниците во Италија и Франција.
Приоритет, како што беше наведено на денешната прес-конференција, ќе биде идентификацијата на мртвите.
Властите веруваат дека меѓу загинатите има луѓе од различни националности, но официјалните лица велат дека ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Голем број странски туристи беа меѓу повредените во пожарот.
Медиумите известуваат дека повеќето од присутните гости биле на возраст меѓу 15 и 20 години.
Полицијата потврди дека не станува збор за терористички напад, а засега властите не ги коментираат наводите за можните причини за пожарот.

