Свет
Граѓаните од ЕУ нема автоматски да бидат депортирани по брегзитот
Велика Британија нема автоматски да ги депортира граѓаните од Европската Унија кои не побарале да останат во земјата по брегзитот, рече денеска координаторот за брегзит во Европскиот парламент, Ги Верхофстат.
Тој додаде дека е потврдено оти ќе има грејс-период за оние што нема да аплицираат за решавање на статусот за престој до крајниот рок во јуни 2021 година.
„Што ќе се случи со овие луѓе дури и по грејс-периодот? Па, нема да има автоматско депортирање“, изјави Верхофстат за радио Би-би-си.
Според него, по грејс-периодот, тие ќе имаат можност да аплицираат со образложение зошто не го направиле тоа во нормални процедури.
„Ројтерс“ во ноември објави дека Велика Британија се заканува дека ќе ги депортира државјаните на ЕУ доколку не се пријават навреме и дека властите ќе го одобрат одложувањето само под исклучителни околности.
До крајот на минатата година се пријавиле повеќе од 2,7 милиона од проценетите 3,5 милиони граѓани на ЕУ што живеат во Велика Британија.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари, но ќе остане обврзана со сите правила на блокот до крајот на 2020 година како дел од договорената транзициска фаза што треба да го олесни нејзиното излегување од Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Најмоќните сили сакаат да ни ја украдат територијата, во следните 10 дена ќе имаме нешто што ќе ги направи среќни
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес се обрати до јавноста од Самарканд, каде што присуствуваше на отворањето на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО.
Тој изјави дека разговарал со претседателот Пелегрини за европскиот пат на Србија, но и за билатералните односи, за кои верува дека можат да се подобрат.
Вучиќ, исто така, изјави дека е многу важно што Генералната конференција на УНЕСКО за прв пат се одржува надвор од Париз, честитајќи им на домаќините за организацијата.
Кога станува збор за средбата меѓу Трамп и Џјинпинг, Вучиќ очекува работите да почнат да се менуваат дури од јануари.
„И јас тогаш реков дека е важно Кина да се вклучи бидејќи без неа е тешко да се постигне голем договор. Мислам дека е добро за светот. За нас е важно што помина добро, а не ни треба ни да ги знаеме сите важни детали. Имаме многу добри односи со Кина и би рекол дека се обидуваме да изградиме подобри односи и со Америка“, рече Вучиќ.
Во врска со веста дека Сирија го признала Косово, тој рече дека тоа била очекувана вест.
„Ја зачувавме нашата позиција во УНЕСКО и позицијата на меѓународното јавно право. Веста дека Сирија го призна Косово беше очекувана и сега разбираме колку ни значеше слободарскиот пристап на Башар Ал Асад кога беше на власт. Јасно е кога доаѓа некој што е под огромно влијание на една од клучните земји во регионот, како што е Турција. Тоа е истиот ракопис како минатата година од Анталија. Го повикаа нашиот министер за надворешни работи, немаа време за билатерален, а потоа Судан ја призна независноста на Косово“. Добиваат наредба и се однесуваат соодветно, но бидејќи гледам дека се премногу среќни, ќе имаме нешто да им угодиме во следните 10 дена. Ова е маратон, а не трка на 50 метри“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Свет
Џ. Д. Венс се надева дека неговата сопруга ќе стане христијанка
Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, рече дека се надева оти неговата сопруга Уша, која е хинду, еден ден ќе стане христијанка. Тој ја сподели својата лична желба за време на говорот на настан за конзервативната организација Turning Point USA на Универзитетот во Мисисипи, објави „Њузвик“.
„Се надевам дека таа го гледа евангелието на ист начин“, рече тој.
Венс им откри на присутните дека неговата сопруга веќе го следи во црква, иако не е христијанка. „Сега, повеќето недели, Уша доаѓа во црква со мене“, рече потпретседателот.
Потоа јасно ги искажа своите очекувања. „Како што ѝ кажав и јавно изјавив, а ќе кажам и сега пред 10.000 мои најблиски пријатели: Дали се надевам дека на крајот ќе биде трогната од истото тоа што мене ме трогна во црква? Да, искрено се надевам. Бидејќи верувам во христијанското евангелие и се надевам дека мојата сопруга на крајот ќе го гледа на ист начин“.
Сепак, тој бргу додаде дека ја почитува нејзината одлука, каква и да била. „Но, ако не, тогаш Бог вели дека секој има слободна волја, па тоа не е проблем за мене“, заклучи тој.
Митингот на кој зборуваше Венс беше посветен на чествувањето на убиениот конзервативен активист Чарли Кирк, а присуствуваше и неговата вдовица Ерика.
Фото: ЕПА
Свет
Песков: Нуклеарните тестови на Трамп не значат војна
Кремљ не верува дека почнала нова рунда од трката во вооружување меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Претходно, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нареди итно почнување на тестирањето на нуклеарно оружје и исто така истакна дека САД имаат полигони за тестирање нуклеарно оружје, а деталите за тестовите ќе бидат објавени подоцна.
„Сè уште не“, изјави Песков пред новинарите кога беше прашан дали изјавите на Трамп за почетокот на тестирањето на нуклеарно оружје може да се сметаат за нова рунда од трката во вооружување.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Русија го тестирала подводното возило „посејдон“ во вторникот.
Тој исто така на 26 октомври објави дека тестовите на ракетата „буревестник“ се завршени.
Договорот за забрана на нуклеарни тестови во атмосферата, во вселената и под вода беше потпишан во Москва на 5 август 1963 година од претставници на СССР, САД и Велика Британија.
Фото: притнскрин

