Свет
Грета Тунберг: Не знаев дека патувам со поддржувачи на Хамас и Хезболах
Грета Тунберг изјави по враќањето во Шведска дека не била свесна дека некои учесници во поморската мисија „Флотила на слободата“, со која се обиде да ја пробие израелската блокада на Газа, претходно изразиле поддршка за Хамас и Хезболах.
Шведската климатска активистка слета во Стокхолм во вчера вечерта откако беше депортирана од Израел поради учество во обид за пробивање на блокадата на Газа со бродот Madleen.
„Не сум слушнала за тоа и не знам што кажала таа личност“, им рече 22-годишната Тунберг на новинарите.
Кога ја прашале зошто не се информирала за луѓето со кои патувала пред патувањето, таа одговорила: „Затоа што немав мобилен телефон“.
Таа реагираше луто на дополнителните прашања од новинарите: „Дали треба да ги прашам сите точно што кажаа за сè? Тоа би одзело време.“
Според израелски и британски извори, мисијата ја предводел Захер Бирави, за кого израелските власти тврдат дека е оперативец на Хамас. Бирави бил виден во друштво на поранешниот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, и ја предводи организацијата Европски форум, која Израел ја прогласи за терористичка организација во 2021 година.
Еден од учесниците бил бразилскиот активист Тијаго Авила, кој минатата година присуствувал на погребот на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, и јавно го изразил своето восхитување кон него на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мртво бебе пронајдено во отпад во Германија
Во постројка за селекција на отпад во германскиот град Бремен утрово е пронајдено тело на мртво бебе, пренесе германскиот портал Stern.de. Телото околу 9:10 часот го забележал вработен кој работел на обработка на отпадот во индустриската пристанишна зона, потврди полицијата.
Новинар на германската новинска агенција ДПА навел дека на локацијата набргу по пронаоѓањето пристигнало возило од погребна служба. Идентитетот на детето, околностите на смртта и информациите за можните родители засега не се познати.
Властите отворија истрага за да утврдат под кои околности бебето завршило во отпадот и дали било живо кога било оставено во контејнерот. Полицијата соопшти дека засега не може да изнесе никакви заклучоци за можно кривично дело.
Местото на настанот се наоѓа во деловна зона на индустриските пристаништа северно од реката Везер. Според снимките од локацијата, станува збор за простор каде што има комерцијален отпад, вклучувајќи градежни материјали и пластика. Во близина се наоѓаат и други индустриски објекти, меѓу кои челичарница и градилиште на тунелот за автопатот А281.
Свет
Извор: САД и Украина напредуваат, но остануваат разлики во три клучни точки
Извор директно запознаен со разговорите изјави дека меѓу САД и Украина е постигнат напредок во формулирањето на нов нацрт-предлог за завршување на војната, но дека и понатаму постојат значајни разлики и не е постигната согласност за конечниот текст.
Изворот објаснил дека постојат најмалку три клучни области во кои сè уште има разлики. За чувствителното прашање дали Украина ќе отстапи територија што Русија сè уште не ја зазела, тој навел дека одлука сè уште не е донесена. „Би било многу погрешно да се каже дека сега имаме верзија што Украина ја прифаќа“, изјавил изворот.
Во врска со предлогот Украина да го ограничи бројот на својата војска на 600.000 војници – бројка што беше предвидена во планот од 28 точки кој протече минатата недела – изворот за CNN кажал дека е предложена нова бројка, но дека Киев сака дополнителни промени пред да биде подготвен да се согласи.
За прашањето Украина да се откаже од својата амбиција да стане членка на НАТО, изворот за CNN навел дека овој услов е неприфатлив. Тој тврди дека таков отстапок би поставил „лош преседан“ со кој на Русија би ѝ се дало ефективно право на вето врз нечие членство во НАТО.
Регион
Милановиќ: Војната е посреднички судир меѓу Вашингтон и Москва и ќе се реши само со нивен договор
Дијаболичен е советот на западните лидери до Украина да не го прифати мировниот план што го понудија американскиот претседател Доналд Трамп и Русија, изјави во Загреб хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Дали тоа е нивно население? Дали некој има земно и божјо право да ја донесе оваа одлука без Украинците? Тие нека одлучат, но од страна да им се сугерира дека не смеат да го прифатат тоа што го нудат Трамп и Русија — која е цената за тоа?“, рече Милановиќ пред новинарите на изложбата „Череп C – светско палеоантрополошко наследство“ во Хрватскиот природонаучен музеј.
„Тоа е всушност ѓаволско, сатанистичко, да не кажам неморално. Од каде ми е правото да му советувам некому: не се согласувај со тоа, значи, продолжи да умираш. Бидејќи тоа е она што се случува. Луѓето умираат и територија се губи“, додаде тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно рече дека планот на Трамп оди во вистинска насока, но дека постојат аспекти што треба да се подобрат за да биде прифатлив за Украина и Европа.
Почетната верзија на американскиот документ предизвика противење од Киев и неговите европски сојузници – Париз, Лондон, Берлин и Рим – кои се собраа во Женева во неделата за да спречат мировен договор што би значел капитулација.
Милановиќ истакна дека никој од оние што зборуваат за ова, како шефовите на повеќето европски држави, нема реално влијание, но тоа не ги спречува „да создадат некаква форма на хаос“.
Тој повтори дека војната во Украина е посредничка војна меѓу Вашингтон и Москва и дека ќе биде решена само со договор меѓу нив.
Според него, од едната страна е НАТО, сојуз кој со години се шири„на прилично арогантен начин, а од другата страна е Русија, опасна сила која постојано предупредувала на тоа.
„Потоа морализираат и му даваат совети на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски, кој, за своја заштита, сакал да постигне договор со Русите во 2022 година во Истанбул, а пред тоа во Минск, при што ништо не требало да оди во Русија“, рече Милановиќ, додавајќи дека импулсите на украинското раководство биле точни.
Зеленски, според него, бил спречен од „агенти на хаосот“ кои го охрабрувале да се бори и го уверувале дека ќе го поддржуваат колку што треба „сè додека не се предомислат“.
„Тие отидоа да преговараат за спроведување некаква верзија од договорот налик на Минскиот од 2014 година, кој европско-американската структура постојано го рушеше со намера да предизвика конфликт и да ја ослаби Русија — и успеаја спектакуларно“, рече Милановиќ.
На новинарско прашање дали мировниот договор би можел да ја охрабри Русија, хрватскиот претседател одговори дека Русија „нема сила за ништо повеќе од ова“.
„Еден ден од истите луѓе слушаме дека Русија е држава која не е ништо повеќе од бензинска пумпа со нуклеарно оружје. Од друга страна, слушаме дека е толку опасна што Германците треба да почнат да се вооружуваат и да чуваат оружје и муниција дома. Што е вистина?“
Тој додаде дека може да ги разбере чувствителностите и стравовите на балтичките држави или Полска од Русија, „но не и на некои други земји“.

