Свет
Данска го суспендира шефот на воената разузнавачка агенција, причината непозната
Данската влада денеска соопшти дека шефот на надворешната разузнавачка служба на земјата (ДДИС) е привремено ослободен од должноста откако независно тело за контрола остро ја критикуваше агенцијата за намерно задржување на информациите и за кршење на данските закони, пренесува „Ем-ес-ен њуз“.
Ларс Финсен го презеде кормилото на данската разузнавачка служба во 2015 година, а ја водеше домашната разузнавачка служба од 2002 до 2007 година. Двајца други високопозиционирани вработени во ДДИС, кои не беа идентификувани, се ослободени од своите должности во агенцијата, која исто така е одговорна за военото разузнавање.
Данскиот одбор за надзор на разузнавањето, независно тело што ги следи агенциите за шпионирање на Данска, соопшти дека надворешната разузнавачка служба премолчувала клучни информации и им давала неточни информации во врска со нејзината работа.
Одборот соопшти дека ДДИС иницирала операции спротивни на данскиот закон и собрала и споделила значително количество информации за данските граѓани. Во кусата изјава денеска, данската министерка за одбрана, Трин Брамсен, не кажа зошто се суспендирани тројцата вработени.
„Апсолутно е важно да можеме да имаме доверба дека нашите разузнавачки служби дејствуваат во рамките на своите овластувања“, рече Брамсен.
Таа додаде дека не смее да постои сомнеж дали разузнавачките служби тесно соработуваат со телата за контрола и надзор.
Данската војска последниве неколку месеци беше во центарот на скандали во кои беа вклучени високи офицери што фаворизирале роднини. Данска има две разузнавачки агенции, ДДИС и домашната данска служба за безбедност и разузнавање, позната под акронимот ПЕТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

