Свет
Двегодишно дете од Бразил со пиштол ја застрелало мајка си
На социјалните мрежи се шири вознемирувачка снимка од моментот кога двегодишно момче случајно ја застрелало мајка си откога го зело пиштолот на татка си, јавуваат бразилските медиуми.
На снимката од надзорните камери во семејниот дом во бразилската држава Мато Гросо до Сул се гледа како момчето зема пиштол од масата и го влече чкрапалото додека мајка му се врти кон него.
Родителите седеле и разговарале и не забележале дека момчето посегнува по оружјето. На видеото се гледа како куршумот ја погодил жената во градите и во раката. Потоа таа станала, но набргу паднала на подот. Момчето истрчало кон мајка си, а таткото го зел оружјето од подот.
Жената беше идентификувана како 27-годишната Дебора Родригес Монтеиро, а нејзината фотографија беше објавена во бразилските медиуми. Полицијата отвори итна истрага и потврди дека таткото на момчето, инаку земјоделец со дозвола за поседување оружје, ќе одговара за убиство од небрежност.
Според локалните медиуми, детето, најверојатно, ќе биде вклучено во програма за психолошко советување. Засега не се знае дали ќе остане со својот татко или ќе биде предаден на социјалните служби.
Началникот на локалната полиција, Даниеле Фелисмино, потврди дека жената била пренесена во болница, каде што била констатирана смрт. Полицијата ги запленила пиштолот и муницијата, а обдукцијата била извршена во саботата наутро, ден по трагедијата. Резултатите сè уште не се објавени. Згрозените жители на градот и општината Рио Верде де Мато Гросо на социјалните мрежи му изразија сочувство на семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

