Свет
Десетици илјади граѓани протестираа на улиците во Минск, уапсени 50 демонстранти
Десетици илјади луѓе повторно се собраа на улиците во Минск, и покрај заканите од официјалните лица дека ќе употребат огнено оружје со боева муниција против демонстрантите.
Новинската агенција Интерфакс известува дека над 30 000 луѓе се собрале на протестите и дека биле уапсени околу 50 демонстранти.
Истиот извор наведува дека сигналот на мобилната мрежа бил прекинат во некои делови од градот, како и дека во близина на демонстрантите можеле да се слушнат силни звуци слични на оние произведени од експлозија на шок-бомба.
Во Белорусија се одржуваат протести уште од претседателските избори на 9 август, кога според официјалните податоци победи долгогодишниот лидер Александар Лукашенко. Опозицијата тврди дека изборите биле наместени и бара оставка од Лукашенко и нови избори.
Полицијата досега има уапсено 13.000 демонстранти, вклучително и значајни опоозициски лидери коишто не ја напуштиле земјата.
Министерството за внатрешни работи на Белорусија потврди дека припадниците на органите на прогонот во саботата уапсиле 58 демонстранти на протестите одржани во повеќе градови, за кршење на законот за одржување масовни протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Три лица затрупани во лавина на глечер во Австрија
Лавина го погоди глечерот Штубај во австриски Тирол утрово, а три лица се затрупани, објави Кронен Цајтунг.
Започната е спасувачка операција.
Според Рајнхард Клир, раководител на жичарницата на глечерот, несреќата се случила во зоната надвор од пистата, во близина на превојот Дауншарте околу 9:30 часот утрово.
„Врз основа на моменталните информации, снежните маси делумно стигнале до долниот дел од деветтата патека, која потоа била затворена“, рече Клир.
Двајца делумно затрупани скијачи веќе се спасени.
Забележано е дека неколку скијачи надвор од пистата отвориле воздушни перничиња за лавина.
На терен има неколку хеликоптери за итни случаи, вклучувајќи ги „Алпин 2“, „Мартин 2“ и „Либеле Тирол“, како и екипи за планинско спасување од Нојштифт им Штубај и Зелден со кучиња трагачи, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА
Свет
Унгарскиот министер: Украина би донела опасност и мафија во ЕУ, земјите од Западен Балкан треба да бидат приоритет
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Бања Лука повтори дека владата на Виктор Орбан се спротивставува на приближувањето на Украина кон ЕУ. Тој изјави дека единствен приоритет на Унгарија е интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
„Европските интеграции звучат како лоша шега ако во Брисел мислат дека Украина е поспремна за членство од Западен Балкан. Земјите од регионот се подготвени и би придонеле економски, додека Украина носи само опасност, војна и украинска мафија“, рече Сијарто.
Тој додаде дека стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење за националната безбедност на Унгарија и најави продолжување на соработката со Република Српска.
Сијарто требал да допатува во Бања Лука со воен авион, но министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез го забрани летот, обвинувајќи ја унгарската влада дека ја поддржува политиката на Милорад Додик која го доведува во прашање опстанокот на БиХ.
Сијарто поради забраната слета со изнајмен цивилен авион.
Свет
Лукашенко до Зеленски: Сега ги имате Одеса и Миколаев, а набргу можете да ги изгубите
Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп беше набрзина составен, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на маргините на ОДКБ во Киргистан. Во таа прилика, тој му се обрати и на Владимир Зеленски.
„Сакам веднаш да кажам – и се надевам дека тимот на Трамп нема да се навреди – беше набрзина составен. Не сакам да кажам дека беше направен преку колена, но беше набрзина составен. Мора да се презентира во лесно сварлива форма. Сè мора да се разработи до метар, километар, до последен детаљ“, рече Лукашенко.
Како што истакна, во средата разговарал за американскиот мировен план за Украина со својот руски колега, Владимир Путин. Според него, Путин му презентирал две верзии на планот.
„Владимир Владимирович ми ја презентираше првата верзија и втората верзија, која беше поделена на делови“, рече претседателот на Белорусија.
Тој верува дека нема победници во украинскиот конфликт, а ако има, тоа нема да биде Европската Унија.
„Мораме да ја завршиме оваа војна. Се плашам дека нема да има победник во оваа војна: тоа е катастрофа. Знаете зошто, ако нема. Но, ако има победник, тоа нема да биде Европската Унија ако Америка ги напушти“, рече тој, пренесува Спутник.
Тој му се обрати на шефот на киевскиот режим, Владимир Зеленски.
„Ако сакате да ја задржите Украина во нејзините сегашни граници, мора да преговарате, а не да ги торпедирате преговорите“, рече Лукашенко.
„Размислете, почнувајќи од реалната ситуација, како да го зачувате она што го имате. Имате пристап до морето – и до Одеса, која е ваша, и до Николаев, а тоа може да исчезне во еден момент. Затоа е потребно добро да се измери сè и да се донесе добро осмислена одлука“, додаде белорускиот лидер.
Фото: ЕПА

