Свет
Директорка на „Шарли ебдо“ принудена да избега од дома поради смртни закани
Директорката за човечки ресурси на француското сатирично списание „Шарли ебдо“ била принудена да го напушти својот дом откако добила смртни закани додека трае судењето за терористичкиот напад против списанието во јануари 2015 година, пренесува „Ле поан“.
Марика Брет во понеделникот изјавила дека властите ја тргнале од нејзиниот дом поради зголемувањето на нивото на закани кон неа. Таа за француските медиуми изјави:
„Ова го одразува невиденото ниво на напнатост со кое се соочуваме. Во понеделникот, на 14 септември, моето обезбедување доби специфични и детални закани. Имав десет минути да си ја завршам работата и да го напуштам својот дом. Десет минути за да се откажеш од дел од својот живот е малку кратко и многу насилно “, рече таа.
Според списанието „Маријана“, Брет вели дека од почетокот на судењето за терористичкиот напад во 2015 година, таа и другите членови на „Шарли ебдо“ забележале пораст на заканите.
„Добивме секакви ужаси, вклучувајќи закани од Ал Каеда и повици да ја завршиме работата на браќата Куачи,“ посочи таа.
Браќата Куачи, Саид и Шериф, го извршија нападот во редакцијата на „Шарли ебдо“ во 2015 година, убивајќи 12 и ранувајќи уште 11 лица. Двајцата браќа беа убиени во полициски акции неколку дена подоцна.
Брет исто така спомена дека во моментов канцелариите на Шарли Ебдо се неверојатно добро чувани, а адресата на редакцијата се чува во тајност.
„Адресата на нашите простории е тајна, има безбедносни брави насекаде, блиндирани врати и прозорци, вооружени безбедносни агенти, не можеме никово да внесеме таму“, рече Брет.
Пред судењето за нападите во 2015 година, „Шарли ебдо“ повторно одлучи да ги објави контроверзните карикатури со Мухамед, од кои едната беше нацртана од една од жртвите на терористичкиот напад.
Лоран Сурисо, попознат како „Рис“, кој сега го уредува „Шарли ебдо“, ја коментираше одлуката повторно да ги објави карикатурите.
„Имаше потреба од добра причина да се стори тоа, причина што има значење и што носи нешто во дебатата… за нас се чинеше од суштинско значење да ги преобјавиме карикатурите оваа недела, на почетокот на судењето за нападите во јануари 2015 година.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

