Свет
СЗО: Нема чудотворен лек за коронавирусот, вакцината би можела да штити неколку месеци

Во време кога експертите од целиот свет работат на пронаоѓање вакцина, кога некои од нив се во последната фаза на тестирање, од Светската здравствена организација доаѓаат шокантни вести.
„Нема чудотворен лек за коронавирусот, а можеби и никогаш нема да го има“, ја предупреди јавноста генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус.
Како што пренесува „Ројтерс“, тој објаснил дека постои голема загриженост дека нема да имаме вакцина што функционира, односно дека би можеле да ја имаме онаа што би обезбедила заштита само неколку месеци, а не подолго.
„Неколку вакцини сега се во третата фаза на тестирање и искрено се надеваме дека ќе имаме вакцини што ќе може да го спречат заразувањето на луѓето. Сепак, засега немаме магичен лек“, објасни првиот човек на СЗО.
Тој препорача понатамошна секојдневна борба против Ковид-19, носење маски, одржување растојание, како и сите претходно обелоденети мерки.
„Некои земји се борат со овој вирус со помал, а некои со поголем успех. Пред нас е долга борба“, заврши Гебрејесус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Застрелан сојузник на Трамп

Чарли Кирк, влијателен десничарски активист близок до американскиот претседател Доналд Трамп и извршен директор на Turning Point USA (TPUSA), беше ранет за време на настан на Универзитетот Јута Вали.
Снимките што кружат на социјалните медиуми го покажуваат моментот кога е застрелан додека зборува под шатор во дворот на универзитетот. Во исто време, студентите бегаат во паника од звуците на пукотници. Кирк настапи таму како дел од турнејата American Comeback, организирана од локалниот огранок на TPUSA.
Неговиот тим потврди за Fox News дека е погоден, но неговата состојба во овој момент е непозната. Универзитетската полиција потврди дека се испукани куршуми, а ФБИ соопшти дека агентите брзаат на местото на настанот и целосно ја поддржуваат истрагата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја потврди веста дека конзервативниот активист и неговиот сојузник Чарли Кирк е ранет и повика на молитва.
„Сите мора да се молиме за Чарли Кирк, кој беше застрелан“, напиша тој на Truth Social. „Одличен човек од глава до пети. БОГ ДА ГО БЛАГОСЛОВИ!“
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, повика на молитви за Кирк, нарекувајќи го „добар човек и млад татко“, додека министерот за одбрана, Пит Хегсет, рече: „Нека раката на Исус Христос го допре“.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, го осуди нападот и рече дека е „одвратен, гнасен и срамен“. Сенаторот од Јута, Мајк Ли, рече дека внимателно ја следи ситуацијата и повика на молитви за Кирк и студентите кои беа таму.
Свет
Сојузниците и’ нудат помош за Полска во зајакнувањето на својата противвоздушна одбрана

Полска доби понуди од своите европски сојузници за зајакнување на својата противвоздушна одбрана, изјави премиерот, Доналд Туск.
Тој рече дека штотуку разговарал со лидерите на Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија, Холандија, Украина и НАТО.
„Во денешните разговори добив не само изрази на солидарност со Полска, туку пред сè предлози за конкретна помош за одбрана на нашиот воздушен простор“, рече Туск.
Свет
Британските медиуми јавуваат за средба меѓу Хари и Чарлс по повеќе од една година, принцот влезе во кралската резиденција

Принцот Хари беше виден како влегува во кралската резиденција Кларенс Хаус, среде шпекулациите за средба со неговиот татко, кралот Чарлс.
Нема потврда од Бакингемската палата или од претставниците на војводата од Сасекс, но кралот беше виден и како влегува во Кларенс Хаус порано.
Се верува дека кралот отпатувал во Лондон од Шкотска во среда попладне, а принцот Хари беше во Велика Британија за добротворни настани оваа недела.
Немало средба лице в лице меѓу татко и син од февруари 2024 година, а принцот Хари во интервју за Би-Би-Си во мај 2025 година рече: „Би сакал помирување со моето семејство“.
Последниот пат кога таткото и синот се сретнаа беше кратко откако на кралот му беше дијагностициран рак минатата година, кога принцот Хари отпатува во Велика Британија на кратка средба.
Принцот Хари оттогаш ја посети Велика Британија, вклучително и за судски случаи, но не го видел својот татко.
Тој се врати во Велика Британија во понеделник и одржа серија добротворни настани во Лондон и Нотингем – и покрај прашањата дали ќе се сретне со својот татко.
Во четврток, тој ќе ја напушти Велика Британија и ќе се врати во САД за да ги види Меган и нивните деца, кои не дојдоа на ова патување, пишува Би-Би-Си.