Свет
„Ди велт“: Вашингтон најмногу ќе изгуби од напуштањето на договорот за отворено небо
САД ќе изгубат најмногу од излегувањето од договорот за отворено небо, а за Русија речиси ништо нема да се промени во случај Вашингтон да го истера до крај овој потег, смета „Ди велт“.
Договорот за отворено небо, кој овозможува извидувачки летови на речиси 34 земји учеснички, е единствена можност за соработка помеѓу американските и руските вооружени сили преку транспарентност и меѓусебна доверба.
Заканата за постоењето на договорот би била катастрофална за безбедноста во Европа, пишува весникот, истакнувајќи дека самите Американци би го изгубиле пристапот до воените објекти и инфраструктурата. Весникот се повикува на најавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, од 21 мај дека Вашингтон ќе се повлече од договорот за шест месеци ако Русија не се врати на целосна усогласеност.
Весникот пишува дека спорот за договорот за отворено небо се појавил и претходно меѓу Москва и Вашингтон кога САД воведоа ограничувања за руските мисии над Алјаска, каде што се позиционирани пресретнувачи кои претставуваат дел од американскиот ракетен штит, и над Хаваите, кои се база на американската Пацифичка флота.
Русија во 2010 година забрани набљудувачки летови во рамките на зоната од 10 км по должината на границите на Абхазија и Јужна Осетија, два отцепени региона од Грузија признати како независни земји од Москва, но не и од Вашингтон, а во 2014 година и над Калининград. Покрај тоа, американските власти се пожалија на рускиот извидувачки авион „ту-214OН“, поточно на новиот систем за дигитална камера инсталиран на нив.
На 12.9.2018 година руската влада објави дека САД одбиле да ги одобрат двата „ту-214OН“ за летови во рамките на договорот за отворено небо.
Според „Ди велт“, одлуката на Трамп била донесена под притисок на критичарите, кои сметаат дека е можно да се спроведе потребниот надзор со помош на сателитите, истовремено осудувајќи го недостигот на дигитални фотоапарати на модифицираниот „боинг WC-135B“, користен за мисиите од Пентагон.
Весникот наведува два значајни неповолни аспекта за САД по повлекувањето од договорот: војската ќе ја изгуби можноста да лета над руска територија и нема да може да ги објавува и да ги дискутира преку дипломатските канали сателитските податоци добиени од вакви мисии.
Во меѓувреме, американските сојузници во НАТО, без напредните сателити што им се на располагање, ќе може, како и досега, да добијат слики од руската воена инфраструктура за време на летовите. Покрај тоа, овие летови може да се користат како политички гестови.
Според „Ди велт“, излегувањето на Вашингтон од пактот тешко дека ќе влијае на Москва на кој било начин бидејќи Русија прави 90 отсто од своите летови според договорот во европскиот воздушен простор. Во случај на реципрочен одговор од Москва, договорот за отворено небо ќе стане минато.
Русија ќе биде водена од сопствените интереси додека темелно ја анализира ситуацијата за договорот за отворено небо, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Ние нема да навлегуваме во хистерии. Темелно ќе ја анализираме оваа состојба и, пред сè, ќе бидеме водени од интересите на нашите граѓани и од интересите на нашите сојузници, вклучително и Белорусија“, рече тој.
Лавров додаде дека земјите потписнички треба да свикаат вонредна конференција за најавата на Трамп, но не подоцна од два месеца по објавувањето на намерата од страна на Вашингтон.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, во саботата ги отфрли тврдењата на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, дека Москва го користела договорот за отворено небо за да ја таргетира критичната инфраструктура во САД и Европа како налудничави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

